1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

САД натамошно го зголемуваат притисокот врз Северна Кореја

СН/ агенции
27 септември 2017

По којзнае кој пат во последниве месеци САД, во спорот околу нуклеарната и атомската програма на Северна Кореја, воведоа нови казнени мерки. И вербалниот конфликт меѓу претседателот Трамп и Ким Јонг Ун продолжува.

https://p.dw.com/p/2kmNr
USA Präsident Donald Trump in Washington
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Новите економски санкции се насочени против осум банки од Северна Кореја како и 26 личности поврзани со финансискиот сектор на земјата, соопшти американскиот министер за финансии Стивен Мначин во Вашингтон. Стратегијата на САД за целосно изолирање на Северна Кореја продолжува да се спроведува со овој чекор, истакна тој.

Како што нагласи, бројни сопственички вредности на погодените банки и на поединци во САД се блокирани. Казнените мерки се насочени против Севернокорејци, кои во Кина, Либија, Русија и во Обединетите Арапски Емирати работат за банки од својата татковина. Санкциите, според наводите на министерството, се дел од резолуцијата на ОН, која беше усвоена во Советот за безбедност на ОН на 11 септември годинава. Во минатата недела претседателот Трамп потпиша каталог од мерки, со кои во прв ред треба да бидат казнети трговските партнери на Пјонгјанг.

Nordkorea Luftwaffe Air Force
Фотографија: picture-alliance/Yonhap

Трамп: Подготвени сме и за воена опција

Од друга страна американскиот претседател не претстанува да упатува предупредувања кон Северна Кореја.

Во конфликтот со Пјонгјанг САД, според зборовите на Доналд Трамп се подготвени и за воена интервенција. „Ние сме целосно подготвени и за втора опција, иако таа не е претпочитана опција“, изјави Трамп во Вашингтон. „Ако се одлучиме за оваа опција, ќе биде катастрофално за Северна Кореја... Тоа се нарекува воена опција“.

Воената реторика на Трамп и севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун во изминатите денови постојано ескалираше. Пјогнјанг се закани со соборување на американски воени бомбардери, бидејќи САД ѝ објавиле војна на комунистичката земја. САД го демантираа тоа.

Американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон утре патува во тридневна посета на Кина. Во фокусот на посетата ќе бидат разговорите за Северна Кореја, соопшти портпаролката на американскиот Стејт Департмент. САД во последно време се обидоа да ја пристиснат Кина да изврши посилно влијание врз Северна Кореја, со оглед дека важи за главен сојузник на изолираната земја. Околу ова прашање е остварен определен напредок, изјави портпаролката на Стејт Департментот.