1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Македонија и Грција се блиску до решение за името

18 јули 2011

Анонимен претставник на американската влада за Гласот на Америка оценил дека Скопје и Атина се блиску до решение за спорот за името, иако смета дека тоа не е доволно. Според него, треба да се истрча последниот круг.

https://p.dw.com/p/11z37
Хилари КлинтонФотографија: dapd

Коректно е да се каже дека се блиску до решение, но во преговори за нешто чувствително, блиску не е доволно, го пренесува Гласот на Америка коментарот на анонимен американски владин претставник за спорот околу името меѓу Македонија и Грција, даден на специјален брифинг за време на посетата на државната секретарка Хилари Клинтон на Атина.

„Треба да го истрчаат последниот круг, без разлика колку е долг, и да ја завршат работата“, додаде тој.

Владиниот претставник наведе дека, реално, се работи за чувствително прашање за обете земји, што делумно е и причината што не нашле решение последниве 20-тина години.

USA Wikileaks Außenministerium in Washington Gebäude
Фотографија: AP

„Ќе имаат корист од решение. НАТО најави дека Македонија ќе стане членка кога ќе биде решен проблемот со името. Таа ги исполни другите критериуми. Сметаме дека тоа ќе биде важен нов елемент на стабилноста во регионот и даваме енергична поддршка“, рече претставникот на Стејт департментот.

Владиното лице ги оцени разговорите што се одвиваат под посредство на ОН како сериозни и кажа дека САД го поддржуваат тој процес. Државната секретарката Хилари Клинтон и нејзиниот грчки колега Ставрос Ламбринидис на прес-конференцијата неделата во Атина директно не го споменаа прашањето за името.

Сепак, Ламбринидис кажа дека на Клинтон и` рекол дека Грција се залага на Балканот да не се пишува одново историја, туку да се прави историја преку градење врски во заедничкиот европски дом. Клинтон, пак, рече САД ја ценат заложбата на грчкиот премиер Јоргос Папандреу и владата за решавање на многу долгогодишни прашања во регионот и за негова интеграција во европските и трансатлантски институции.

Автор: БГ/макфакс

Редактор: Александра Трајковска