1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Остануваме во Сирија онолку колку што е потребно“

Јури Решето/сн13 април 2016

Руската војска игра одлучувачка улога во воените успеси на претседателот Асад во Сирија, вели во интервју за ДВ портпаролот на руските воени сили, генерал-мајорот Игор Конашенков.

https://p.dw.com/p/1ITFV
Фотографија: Reuters/A. Abdullah

ДВ: До пред неколку недели на небото грмеа руски воени млазни авиони. Сега небото стана помирно. И покрај тоа, руската војска е присутна. Што правите тука?

Конашенков: Руски воени стручњаци учествуваат во подготовката на воени операции како што е ослободување од ИД на Палмира, Ал Каратеина и други поголеми места. Тие на сириските експерти им пренесуваат потребни знаења во ракување со оружјето кое го испорачуваме во рамките на нашата соработка. Секако учествуваме и во разработка на тие операции.

Руските авиони, исто така, одеднаш исчезнаа од сириското небо како што и претходно дојдоа. Покрај тоа, Сирија е полна со терористи. Значи ли тоа дека Русија не ја исполни својата задача да ја ослободи Сирија од терористи?

Не, на тоа гледате сосема погрешно. Руските авиони се и натаму тука во воената база во Хмејмум. Имаме толку колку што е потребно. Тоа се модерни авиони и хеликоптери. Тие и денес изведуваат борбени летови. Нивна цел се терористичките групи. Нашите специјалисти се тука во хуманитарна мисија, на пример да отстранат мини и експлозивни направи за да можеме и понатаму да се воодушевуваме на она што луѓето го создале пред повеќе илјади години.

Каква е вашата соработка со другите земји, на пример со САД?

Многу е активна во рамки на договорот за процесот на помирување на завојуваните страни и запирање на борбените дејства. Во нашата база во Хмејмум се наоѓаат набљудувачи, сличен центар Американците имаат во Аман. Секојдневно сме во контакт. Ги информираме нашите американски колеги за случаите на прекршување на примирјето, запирање на оган, а тие- за тоа им оддаваме признание- ги делат со нас сите информации кои ги добиваат преку нивните канали. Во моментов е проблематична ситуацијата во Алеп. Таму, според нашите сознанија, се концентрирани повеќе од 1000 тешко вооружени борци, пред сѐ од групацијата Џабхат ал-Нусра. Тие се во посед на тешко вооружување, оклопни возила, тенкови.

Russland Igor Konaschenkow Sprecher des Verteidigungsministeriums
Генерал-мајорот Игор КонашенковФотографија: imago/Xinhua

Во Сирија се одржуваат парламентарни избори, во еден многу неповолен момент. Немаше предизборна кампања, впрочем нема ни мир во земјата. Што мислите, какви избори ќе бидат тоа?

Тешко е да се каже дали Сирија е подготвена за тоа или не. Сѐ е релативно. Да, според европските стандарди земјата не е подготвена. Но сепак, мора некогаш да се почне со нешто. А ова нешто мора да биде политичкиот процес. Патувам многу низ земјата и гледам колку уникатна е Сирија, колку разнолика. Во менталитетот, во начинот на живот на луѓето, во религијата. Но сите овие луѓе таму сепак претходно живееле заедно илјадници години. Сметам дека ним, како и на сите други народи, треба да им се даде шанса сами да си го организираат животот. Ние не треба да ги попречуваме во тоа, туку да ги поддржуваме.

Генерал-мајорот Игор Конашенков е портпарол на руските вооружени сили