1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски хулигани: тепачка за татковината

Роман Гончаренко / З. Јордановски15 јуни 2016

По навивачките безредија на ЕП во фудбал, УЕФА се закани со исклучување на тимовите на Русија и на Англија. Руските хулигани паѓаат в очи како брутални тепачи, но појавата влече корен од Англија.

https://p.dw.com/p/1J6R4
Тепачка меѓу руски хулигани во Москва на натпревар меѓу Спартак и ЈарославлФотографија: Getty Images/Afp/Str

Извештајот на некој наводен сведок на порталот на руските фудбалски хулигани Fanstyle.ru е анонимен. „Три часа пред натпреварот имаше средба во еден парк, бевме околу 250-300 души”, ги опишува тој настаните од саботата во францускиот град Марсеј. Тука биле присутни сите: „бездомниците”, „месото”, „парните локомотиви”, „биковите” – така во навивачкиот жаргон се нарекуваат приврзаниците на Зенит од Санкт Петербург и трите водечки московски клубови Спартак, Локомотива и Динамо. Групата потоа се упатила „кон еден плоштад каде има неколку ирски пабови и многумина Британци”.

Она што таму се случуваше предизвика негодување ширум светот. Навивачите на двете селекции имаа крвави улични пресметки со столици и шишиња. Анонимниот руски сведок пишува дека во „главната битка” во близина на пристаништето учествувале 100-150 хулигани. Таа бројка ја наведе и француската полиција. По натпреварот некои Руси беа во вистински лов по Англичани во стадионот. Европската фудбалска унија УЕФА им се закани на обете селекции дека ќе ги исклучи од првенството доколку се повторат безредијата. Оти, и англиските навивачи се тепаа меѓу себе – и со повеќемина Французи.

Англиска традиција во руска изведба

Во извештајот на сведокот се вели дека битката на хулиганите завршила нерешено, но биле собрани многу „трофеи“. Притоа се мисли на британски знамиња. На една фотографија се гледаат очигледно млади Руси кои гордо држат во рацете наопаку свртени англиски знамиња. Според потписот под сликата, тоа биле хулигани од Москва и Санкт Петербург.

Дома тие би удриле еден на друг, но во странство руските хулигани настапуваат заеднички. Слични инциденти имаше и на последното ЕП 2012 во Полска, кога во Варшава се тепаа руски и полски навивачи. Се чини како иронија на судбината дека сега Русите за противници ги имаа токму Англичаните, оти руската хлиганска сцена има англиски корења.

Едно општо навивачко движење настана во 70-те години на минатиот век во Советскиот Сојуз, а процут доживеа по релаксирањето на конфликтот Исток-Запад. Како пример за углед послужија првенствено англиските фудбалски навивачи. Од нив беше преземена и субкултурата на хулиганите-тепачи. Во 90-те години настанаа руските хулигански групи, кои си даваа и англиски имиња, како „ред-блу вориорс“.

UEFA EURO 2016 England - Russland Ausschreitungen im Stadion
Безредија на натпреварот Русија-Англија на ЕП: англиските навивачи во бегствоФотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Борби в шума и националистичко расположение

На почетокот движењето беше концентрирано во големи градови како Москва. Денес најголемиот дел од клубови имаат по една или повеќе хулигански групи. Нема попрецизни бројки, но се проценува дека една таква група има меѓу 20 и 50 членови. Тие редовно се среќааат за да се тепаат. Таквите борби со тупаници најчесто се одвиваат во периферни делови од градовите или в шума. „Руските фудбалски навивачи ги потиснуваат навивачките движења од стара Европа од првите места на хулиганското рангирање“, напиша Дмитри Лекуч на една навивачка страница во интернет. Тој и самиот бил хулиган и е добар познавач на таа сцена. Според него, Русите биле „подобро организирани и подисциплинирани”.

Колку голема и насилна станала фудбалската сцена во Русија се покажа во декември 2010. година во срцето на Москва. Тогаш повеќе од 5000 млади мажи се собраа на протест поради убиството на навивач при една тепачка. На крајот хулганите се тепаа со полицијата и ловеа минувачи со несловенски изглед.

Соорганизатори на таа акција беа и десноекстремни групи. Слично како и на Западот, и меѓу руските навивачи има неонацисти. Една иницијатива за толеранција во сезоната 2014/2015 регистрира околу 100 расистички инциденти во рускиот фудбал. Некои набљудувачи сметаат дека руската хулиганска сцена е понационалстичка од англиската, на пример.

Karikatur Sergey Elkin Ausschreitungen beim Spiel Russland-England
Вака рускиот карикатурист Сергеј Елкин ги гледа безредијата на натпреварот Русија-Англија на ЕП

Политичари ги штитат хулиганите

Таквото расположение се обидуваат да го користат и некои политичари од левиот и десниот раб на политичката сцена. По безредијата во Марсеј, левоекстремниот руски политичар Едуард Лимонов напиша дека Британците „треба да ја почувствуваат руската тупаница”. Игор Лебедев, член на Извршниот комитет на Рускиот фудбалски сојуз, ја пофали акцијата на руските фанови: „Добро сторено, момци!“, порача тој преку Твитер. Вината за инцидентите 43-годишниот Лебедев ѝ ја припиша на фрацуската полиција. Тој, инаку, е заменик-претседател на рускиот парламент и син на десниот популист Владимир Жириновски. Неговата националистичка Либерал-демократска партија на Русија во изминатите години повеќе пати се обиде да ги придобие фудбалските хулигани како избирачи.

Сега во многубројни интервјуа Лебедев го зеде во заштита рускиот министер за спорт Витали Мутко, кој беше критикуван од западните медиуми поради неговото однесување по натпреварот Англија-Русија. Мутко ги поздрави руските навивачи во стадионот во моментот кога некои од нив нападнаа англиски навивачи на трибината. На едно видео сепак не е јасно кому точно се обраќа Мутко.

Грижи спроти СП 2018 во Русија

Безредијата на ЕП во Франција отвораат прашања за однесувањето на руските хулигани на Светското првенсто 2018 во Русија. Некои работи укажуваат на тоа, дека руските власти сега поостро ќе постапуваат спрема насилните навивачи. На почетокот на годината беше покрената кривична постапка по една тепачка во Москва. Уапсени беа повеќемина навивачи, беше извршен претрес во нивните домови. Тоа беше нешто ново, пишуваше Gazeta.ru. Според информациите на тој руски весник некои хулигански групи би можеле да бидат забранети пред СП во Русија.