1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Руски рулет“ за безбедноста на граѓаните

Катерина Блажевска12 април 2016

По „технички преглед на МВР“ во каналот на Владата, ресорот се враќа во посед на ВМРО-МВРО, што беше и една од причините за кулминирање на политичката криза. Коментар на Катерина Блажевска.

https://p.dw.com/p/1ITaj
Фотографија: DW

Кој раководи денес со МВР? Ова не е квиз - прашање од милион долари, туку прашање што буди длабока загриженост кај граѓаните на Македонија, за нивната и за безбедноста на земјата, откако Владата на 7-ми април донесе одлука за поништување на сите решенија за распоредување, разрешување и именување на работници во МВР, донесени од министерот Оливер Спасовски.

Зборот „хаос“ е сосема несоодветен да го отслика она со што денеска ќе се соочуваат дел од вработените во МВР. На кое работно место да се појават? На старото или новото? Дали ќе има „примопредавање“ на функциите и должностите? Дали тие навистина работат во МВР или на некоја „шибицарска тезга“, во која никогаш не се сигурни во кое кутивче ќе бидат распоредени денес, а во кое утре?

Ако ваков правен и кадровски неред владее во ресорот кој треба да се грижи за јавниот ред и безбедноста во државата, тогаш Македонија има многу поголеми проблеми од прашањето дали има услови парламентарните избори да се одржат на 5-ти јуни. На Македонија, пред сѐ, ѝ се одземени условите да изгради непартизирани и функционални институции. Тој факт јасно го потврдија и техничкиот премиер Емил Димитриев и заменикот-министер за внатрешни работи, Митко Чавков. Чавков вчера со телеграма ги информирал директорите на Бирото за јавната безбедност, на Управата за безбедност и контраразузнавање и на сите организациски единици, дека ВЕДНАШ се наложува воспоставување на претходната состојба во МВР, каква што била пред донесувањето на, сега веќе поништените решенија. Тоа значи дека по партиското „сервисирање и технички преглед на МВР“ во каналот на Владата, ресорот неповратно се враќа во посед на ВМРО-МВРО, односно во шинелот на „претходната состојба“, со партиски диригирани активности, кои беа и една од причините за кулминирање на политичката криза во Македонија.

Од тој аспект, се лажат сите кои сметаат дека во МВР владее паралелизам и двовластие. Нема такво нешто. МВР е комплетно узурпирано од ВМРО-ДПМНЕ, неговите овластувања повторно се ставени на услуга на партијата, а министерот Спасовски ќе може да „раководи“ единствено со компјутерот, телефонот и работната маса во неговата канцеларија. Целта на Договорот од Пржино, со именување на министер од опозицијата да се создаде атмосфера на натпартиско, институционално работење во МВР во пресрет на изборите, заврши со дебакл. На тежината на тој дебакл личен печат стави „техничкиот премиер“, Емил Димитриев, кој јавно соопшти дека „пет дена со задоволство го следел однесувањето на СДСМ и на соросовите структури, односно лутањето во арументацијата дека Владата нема право да носи такви одлуки, што во суштина му потврдило дека Владата дејствувала законски“. Значи, не законите, туку реакциите во јавноста и од политичкиот опонент го убедиле дека е на вистинскиот, законски пат.

Innenministerium Mazedonien
Кој раководи денес со МВР?Фотографија: Petar Stojanovski

По ваквото скандалозно признание, нетипично за личност на која ѝ е дадена доверба да раководи со Владата во периодот до организацијата на изборите, повеќе од јасно е дека Македонија нема друг избор, освен да се посвети на целосна демонтажа на партискиот „талибанизам“ кој ги узурпира и деформира нејзините институции.

Во брзањето МВР да ѝ се врати на ВМРО, „законски“ се поништени и одлуки за зголемување на платите од 5 на 10 отсто на припадниците на граничната полиција, но и решенија за неплатено отсуство на вработени, како и за породилно отсуство. Како овие решенија ќе се вратат во „претходната состојба“? Ќе може ли да ги вратат во претходната состојба и мајките вработени во МВР, во состојбата пред бременоста, а нивните новороденчиња да ги избришат од матичните книги, за да се оправда и поништувањето на решенијата за породилно отсуство? Ако се има предвид и дека тужбите од Чавков за некои решенија за распоредување Управниот суд веќе ги отфрли како беспредметни, тоа значи дека Владата поништила и одлуки на Судот.

По сето ова, повеќе од јасно е дека МВР не може да рефлектира перформанси на професионален и независен ресор. Таму на сила се враќаат старите практики, кои од институцијата создадоа партиска кооперација: еден потемкинов кат каде амбасадори и претставници на ОБСЕ се убедувани во назависното и професионално постапување, и друг - каде партиски штаб го работи сосема спротивното од она што се рекламира на првиот кат. Продолжувањето на тие практики, во кои безбедноста на земјата е ставена во десетти план, далеку под интересите на партијата, не навестува ништо добро освен сеопшта несигурност и играње „руски рулет“ со безбедноста на граѓаните и државата.

Ваквото партиско дизајнирање на МВР, според лего-принцип, во кое коцките се додаваат и вадат по силата на партиските интереси, а не на безбедносните ризици и предизвици, ја презентира државата како збир од институционални карикатури и недораснат партнер за евроатлантски интеграции. Тоа е високата и срамна цена што ја испорача Владата со овој (не)промислен потег. И ќе мора да ја носи одговорноста за него, бидејќи цехот брзо ќе стигне за наплата.