1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски рулет во Белата куќа

Миодраг Шориќ/ превод:СН26 мај 2016

На крајот на мандатот, претседателот на САД, Барак Обама, ќе ја посети Хирошима. Неговата нуклеарна политика на почетокот на мандатот беше предвреме фалена. Тој, меѓутоа, не ги исполни очекувањата, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1ItxY
Фотографија: Reuters

Изгледа оти 2009. година се наоѓа во далечно минато: Младиот претседател вети надеж и промени, нов начин на размислување: Доста беше шаблонот Студена војна! Со енергични чекори кон свет без нуклеарно оружје - тоа бараше Барак Обама. Најави значително намалување на нулеарното оружје. Не е ни чудо што на луѓето на сите континенти им беше привлечен новиот човек во Вашингтон. Европејците веднаш му дадоа Нобелова награда за мир- тукушто зачекори во Белата куќа.

Што е тоа што тој постигна?

Факти: Неговиот претходник Џорџ В. Буш бројот на нуклеарниот арсенал го намали од 6.000 на 2.000. Обама расклопи само 500 боеви глави. Во меѓувреме, неговата администрација најави „оживување“ на програмата за нуклеарно оружје: во наредните 30 години САД ќе вложат астрономска сума од над 1 милијарда долари за изградба на нови системи на носачи, авиони за интерконтинентални мисии, десетина нуклеарни подморници и развој на т.н. „мини-нуклеарни бомби“- нуклеарно оружје со сила од под 5 килотони.

Последиците се далекусежни. Посебно развојот на малото, тактичко нуклеарно оружје ќе ја промени безбедносната архитектура. Неговата деструктивна сила, навистина, е помала од бомбата фрлена на Хирошима, но затоа непријателот на бојното поле ќе го погоди попрецизно, вели војската. Критериумите за употреба на овие „мини-нуклеарни бомби“ се пониски и светот ќе биде помалку безбеден - се согласуваат истражувачите од тинк-тенкот „Унија на загрижени научници“ во Вашингтон. Меѓутоа, Обама на тоа гледа поинаку. Тој на своите наследници, во случај на конфликт, би сакал едноставно да им пружи „дополнителна можност при донесување на одлуките“.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Но, со тоа полека се отвора Пандорината кутија. Бидејќи, во меѓувреме на такво оружје работат и Русите, Кинезите и другите нуклеарни сили. Така што, само е прашање на време е кога веќе нема да биде можно да се контролира бројот на „мини-нуклернрите бомби“. Терористите тоа ќе го употребат за свои потреби или барем ќе се обидат. Со изработка на „мини-нуклеарните бомби“ политичарите - како претседателот на САД - играат руски рулет.

Има многу причини кои доведоа до тоа да пропадне нуклеарната политика на Обама. Така не успеа новиот почеток во односите со Русија. Освен тоа, прашање е дали Иран трајно ќе се откаже од нуклеарното оружје. Израел и многу арапски земји се скептични. Обама во 2009. година сакаше нов почеток во безбедносната политика - со стариот „политички естаблишмент“ кој го сочинуваа Роберт Гејтс, Хилари Клинтон и потпретседателот Џозеф Бајден. Во најдобар случај тоа е - наивно. А во најлош случај - се прецени себеси. Бидејќи овие политичари во Вашингтон важат за најстудени воини.

Значи, што останува?

Претседателот Обама за време на посетата на Хирошима ќе најде соодветни зборови да ја опише опасноста од нуклеарна војна. Но, публиката нема да дозволи да биде изиграна, бидејќи како што е запишано во Библијата: „Ќе ги препознаете по нивните дела!“