1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140409 KGB Geheimdienst Euranet

4 мај 2009

Со неуспехот на пучот во Русија во август 1991 се чинеше дека и’ се ближи крајот и на КГБ. Но, тајната служба се покажа многу отпорна. Наспроти реформите, руските чекисти и денес се на клучни позиции во државниот апарат.

https://p.dw.com/p/HjJj
Споменикот на Феликс Ѓержински беше урнатФотографија: AP

Август 1991, неколку денови по неуспешниот пуч. На плоштадот Лубјанка во центарот на Москва, директно пред седиштето на КГБ, е кутната статуата на Феликс Ѓержински и однесена. Толпата луѓе ликува.

Наместо крај, претставници на тајните служби се’ уште има во државниот апарат

Со демонтажата на бронзената статуа на основачот на озлогласената советска тајна служба Чека, се чинеше дека конечно ќе биде обезвластена и службата-наследничка КГБ. И навистина, откако беше уапсен Владимир Крјучков, шеф на КГБ, кој беше меѓу пучистите, во прво време ги снема агентите, кои порано влеваа толку страв. „Луѓето што работеа таму, многу се плашеа дека ќе ги снајде истото, како две години порано нивните колеги од некогашната источно-германска Служба за државна безбедност. Имаше и обиди за реформи од страна на новата власт, апаратот на тајната служба требаше да биде поделен. Според мене, имаше вистински добри шанси поделбата да биде спроведена“, оценува Ирина Шербакова, историчар од Москва.

Im Focus KGB 03.03.2007 Boris Laptev
КГБ

Наместо дефинитивен крај на супериорната позиција на тајната служба, испадна поинаку. „Претставници на тајните служби од некогашните структури на КГБ има насекаде - меѓу државните службеници, во владата, во администрацијата на Кремљ. Тие се насекаде присутни“, вели Шербакова.

Брзо беше одсонуван сонот за демократија по пучот од 1991

Луѓето имаа други грижи. Прво доживеа слом советскиот стопански систем, а со него и снабдувањето. Потоа уследи галопирачка инфлација и приватизација, која осиромаши многу луѓе. Тоа беше добредојдено за тајната служба, уште повеќе што и првиот демократски избран руски претседател Борис Јелцин беше многу колеблив во однос на неа и не се реши на драстичен потег.

Bildgalerie Boris Jelzin und Wladimir Putin
Борис Јелцин и Владимир ПутинФотографија: AP

Беа правени повеќе обиди за реформирање на тајната служба. Беа менувани формата и името, но не функцијата, ниту позицијата на тајната служба, која сега го носи името Федерална служба за безбедност - ФСБ. „Борбата против КГБ во одредена смисла беше и борба против советската комунистичка партија. Но, кога почнаа реформите и дојде страшната економска криза, Јелцин во својот популизам се плашеше сосем консеквентно да постапи како против Комунистичката партија, исто така и против службата за државна безбедност. Тој не се осмели на лустрација, оти од тоа би произлегле последици за оние, кои работеле не само во тајната служба, туку и во партијата. А тоа се однесува на речиси сите луѓе околу него, кои тогаш беа дојдени на власт“.

Во вториот мандат на Јелцин работите бргу тргнаа удолу. Тој не знаеше како понатаму, земјата западна во длабока криза. Како спасител се понуди токму еден од агентите на тајната служба - Владимир Путин, кого Јелцин прво го направи премиер, а потоа и негов наследник во Кремљ.

Тајните служби - потпорник на државата

Wladimir Putin Russland Präsident Kabinettssitzung in Moskau nach Terroranschlag bei einem Freiluft-Rockkonzert
Актуелен премиер на Русија Владимир ПутинФотографија: AP

Путин продолжи со реформи, но во обратна насока - не за да ги обезвласти тајните служби, туку да ги направи важен потпорник. Во меѓувреме тие израснаа во широко разгранет систем. Внатрешната тајна служба ФСБ опфаќа сто илјади соработници, а покрај неа има и служба за електронско разузнавање дома и во странство, чии 120 илјади соработници се технички слично добро опремени, како и нивните колеги од американската Национална агенција за безбедност (НСА). Потоа, тука е и службата за заштита на границите со повеќе од 200 илјади вработени, па државната заштита, која е надлежна за безбедноста на претседателот и на владата, но патем се занимава и со разузнавање. Конечно, дел од системот се и воената служба за разузнавање во странство ГРУ, како и цивилната шпионажа во странство СВР, помали по обем.

Севкупно во системот на тајни служби работат околу половина милион луѓе. Тоа е огромна сила, надлежна за внатрешниот мир. Овде не се вбројани трупите на министерството за внатрешни работи, службата за заштита од катастрофи, даночните иследници и други. Ова не е држава во држава - ова е самата држава. Многубројни припадници на овие служби се на водечки позиции во владата, во државни и приватни претпријатија, во медиумите и во јавните организации, или според проценките на Шербакова, околу 70 проценти од целата сегашна номенклатура.

Голем број политичари и функционери биле припадници на тајната служба или армијата

Социологот Олга Криштановска од руската Академија на науките, која анализирала преку илјада биографии на високи по ранг политичари и функционери, вели дека 78 проценти од нив се’ или биле припадници на тајната служба или на армијата. Истото важи и за 10 проценти од пратениците во парламентот и 20 насто од членовите на Советот на федерацијата. Многумина од нив признаваат, дури и се фалат со тоа, дека имаат врски со тајната служба. Во Русија тоа не е минус, туку предност. Тоа речиси стана предуслов за добивање високи функции.

FSB-Hauptquartier in Moskau
Главното седиште на Федералната служба во МоскваФотографија: AP

На почетокот на 90-тите години имаше знаци на отворање - за домашни, па и странски новинари и историчари станаа достапни архивите на тајните служби. „Според новиот закон, жртвите на репресалии имаа право на увид во актите за нив. Но, не и во оперативните акти, како што е во Германија. Достапни беа само актите на луѓе кои биле осудени. Сепак, многу се истражуваше и објавуваше од актите. Но, во последните десет години пристапот кон тие архиви стана се’ потежок“.

Се’ додека актите остануваат затворени, не може ни да се започне со обработката на сопствената историја. И, колку подолго трае таквата состојба, толку потешко ќе биде да се започне со тоа. Сведоците-современици постепено изумираат.

Автор: Никита Јолквер / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска