1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска ракета го соборила МХ-17

Б. Георгиевски/дпа/афп13 октомври 2015

Петнаесет месеци по падот на патничкиот авион МХ-17 над источна Украина објавени се наодите на истрагата. Патничкиот авион е соборен од ракета од руско производство од типот БУК, тврдат холандските иследници.

https://p.dw.com/p/1GnEL
Фотографија: Oleg Vtulkin

Меѓународните иследници заклучија дека авионот на Малезија Ерлајнс на летот МХ-17 бил соборен од проектил земја-воздух „БУК“ од руско производство, истрелан од територијата на источна Украина.

Официјалниот извештај, изготвен 15 месеци по воздушната катастрофа, треба да им стави крај на шпекулациите за соборувањето на Боингот 777, кој леташе од Амстердам кон Куала Лумпур со 298 патници и членови на екипажот.

Москва досега остро негираше било каква вмешаност во падот, обвинувајќи ги украинските владини сили дека се виновни за несреќата.

Пред официјалното објавување на извештајот во воената база Гилце-Рајен, првиот човек на холандската агенција за безбедност во сообраќајот, Тјибе Хустра, прво ги брифирал членовите на семејствата на жртвите. „Дури и иако извештајот не ги именува одговорните, барем ќе ни овозможи да затвориме некои врати и да добиеме некои одговори“, изјави за АФП Пјер Шардом, роднина на еден од загинатите.

Извештајот ги отфрла тврдењата на Русија дека авионот бил погоден од проектил истрелан од украински трупи. Овој извештај немаше задача да утврди кој го „повлекол чкрапалото“, за тоа се води посебна кривична истрага во Холандија.

Според извори на холандскиот весник „Фолксрант“, БУК проектилите со кои бил извршен нападот биле произведени во Русија. „Може да се претпостави дека бунтовниците не биле способни да оперираат со вакви проектили. Се сомневам во вмешаност на руски воени офицери“, вели изворот.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во понеделникот изјави дека постојат „многу сомнителни нешта“ околу истрагата, вклучително и одбивањето неа да ја предводи Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО).

Извештајот на холандските иследници се фокусира на четири аспекти: истражување на причината за падот, прашањето зошто се летало над конфликтна зона и зошто роднините на жртвите морале да чекаат меѓу 2 и 4 дена за да добијат потврдат дека нивните најблиски се наоѓале во авионот. Извештајот нуди и одговор на прашањето дали патниците знаеле дека смртта е неизбежна во последните мигови од летот. Според иследниците, смртта кај патниците најверојатно настапила моментално.

Паралелно со објавувањето на извештајот во Холандија, во исто време во Москва прес-конференција одржа и производителот на проектилите БУК, Алмаз- Антеј, на која беа објавени „вистинските причини“ за падот на МХ-17. Според оваа верзија, точно е дека бил користен проектил од типот БУК, но станувало збор за БУК-М1 кој не се произведува во Русија од 1999 година.