1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ја менува воената доктрина

ЈЈ/ГМФ/ЕМФ27 јули 2015

Москва одамна има фрлено око на со суровини богатиот Арктик. Сега намерите на Русија ги покажува и службената промена на воено-поморската доктрина.

https://p.dw.com/p/1G5E8
Russland Schwarzmeerflotte
Фотографија: picture-alliance/Russian Look

Промената на воено-поморската доктрина Русија ја образложи со тензиите со Западот. Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша документот изработен уште не почетокот на годинава, соопшти Кремљ. Со објавувањето се чекаше до Денот на руските поморски сили (26.7)

Поморските региони каде Москва има главен интерес се наведени јасно: „Главни интереси за Москва, кога се во прашање светските мориња, лежат на Арктикот и Атлантикот“, изјави вицепремиерот Дмитриј Рогозин на средбата со Путин, која се одржа на една фрегата во калининградското пристаниште за време на свеченото претставување на новата доктрина.

„Експанзија на НАТО“

Русија со новиот документ, како што можеше да се чуе, „се спротивставува на ширењето на НАТО-сојузот на исток“ и приближувањето до руската граница. Доктрината, исто така, е прилагодена кон „враќањето на Крим во руските граници“, рече Рогозин. Украина и западот сметаат дека анексијата на Крим претставува кршење на меѓународното право.

Арктикот, кој е богат со суровини, со години е цел на руската политка. Русија го зголемува своето присуство во регионот околу Северниот пол и воено и економски. Кремљ полага право на подводните богатства, односно резервите на нафта и гас на најсеверниот дел на земјината топка. Рускиот вицепремиер Рогозин соопшти и дека Русија планира изградба на флота на мразокршачи. Првиот ваков брод би требало да заплови веќе во 2017 година.

Vladimir Putin in Kaliningrad
Владимир Путин со ветераните на прославата на денот на Руската воена морнарица во КалининградФотографија: picture-alliance/dpa/M. Klimentyev

Рамо до рамо со Пекинг

Новата воено-поморска доктрина, опишана на 46 страници, содржи и намери за блиска соработка со Кина. Пријателските односи со Пекинг се дефинирани како цел на руските активности на Пацификот. Русија веќе подолг период се труди околу добри контакти со Кина во делот на економијата. Од зближувањето со азиската нуклеларна сила Кремљ очекува создавање противтежа на меѓународната доминација на САД. Новата поморска доктрина е логично продолжување на воената доктрина што Москва ја објави на крајот на декември, а во која ширењето на НАТО на исток и конфликтот во Украина се означени како закани за безбедноста на Русија.

НАТО, од своја страна, како реакција на украинската војна, во февруари годинава договори создавање сили за брза интервенција од 5000 војници. Тие сили би требало да бидат координирани од шест командни центри поставени на источната граница на западниот одбранбен сојуз.