1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија против останатиот свет

Дагмар Енгел / Превод:СН15 февруари 2016

На Mинхенската безбедносна конференција Русија настапи агресивно и донекаде ги остави без збор останатите учесници вклучително и коментаторката на ДВ, Дагмар Енгел.

https://p.dw.com/p/1HvTU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Само 36 часа откако беше потпишан договорот за постигнување примирје во Сирија, рускиот министер за надворешни работи отфрли сѐ што самиот претходно го договараше: тој не верува дека тоа што е потпишано ќе доведе до прекин на огнот. И , тврди тој, Американците воопшто не сакаат да соработуваат со Русите. Сергеј Лавров смета дека шансите за успех на договорот изнесуваат само 49 насто. Молам?!

Настапите на руските претставници на конференцијата за безбедност во Минхен беа агресивни, а нивниот тон - навредлив. Другите се виновни за сѐ:У краина не се придржува до договорот од Минск, Нато ги зајакнува своите трупи на истокот од Европа и со тоа ги прекршува договорите од 1997 година, а за војната, бранот бегалци и подемот на „Исламска држава“ во Сирија одговорни се оние кои се вмешале во внатрешните работи на таа земја, а не нејзиниот претседател Башар ал-Асад, особено не Русија. Руското бомбардирање на Алепосе негира, анексијата на Крим се премолчува. Рускиот премиер Дмитриј Медведев и шефот на дипломатијта Лавров строго се движат по линијата на претседателот Владимир Путин. При што таа линија е сѐ, само не права.

Engel Dagmar Kommentarbild App
Дагмар Енгел

Залудни надежи во доверливост на партнерот

Русија повторно се заплетка во сопствената тактика. Таа во моментов навистина би можела да стори многу за решавање на кризите, но наместо тоа посегнува по закани и предупредувања, упатува на својата навреденост. А во меѓувреме продолжува со воздушните удари во Сирија. Во суштина, велат бројни експерти, Русија посакува на неа да се гледа како на рамноправен партнер, дури и на воен план, првенствено како на некој кој им е рамен на САД. На ваков начин, Москва нема да го постигне тоа, меѓу другото и поради нејзините тактички игри. Партнер може да биде само некој врз кој можеш да се потпреш, а ако тој веќе не е искрен, тогаш би требало барем неговите потези да бидат предвидливи. Би било навистина убаво кога би се сфатило што тој навистина сака.

Присутните на конференцијата во Минхен велат дека зад кулисите однесувањето на руските претставници било многу покооперативно. Не ни се заканува никаква нова Студена војна, ниту Трета светска војна, кои рускиот премиер ги спомена во својот говор. Можеби постои зрак надеж и за Сирија. Шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмајер, спроти говорот на Лавров, сметаше дека шансите за примирје се 51 насто.