1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остра казна за поетичниот учител

Јури Решето/сн27 јули 2015

Критички гласови во Русија не се пожелни. Учителот Александар Бившев од едно село јужно од Москва објави песна на Фејсбук во која со симпатии гледа кон Украина. И заврши на суд, кој сега остро го казни.

https://p.dw.com/p/1G5Gc
Фотографија: picture-alliance/dpa/Mihail Mokrushin/RIA Novosti

Каменот среде ноќ го фрлил некој кој го мрази. Оттогаш Александар Бившев веќе не може мирно да спие.

„Тоа беше опомена. Потоа следеа и закани на интернет: биди среќен што овојпат беше само камен., вели учителот.

Александар Бившев во својот еднособен стан живее со болната мајка. Полицијата неколку пати темелно го претресе станот.

Според мислењето на власта, господин Бившев е т.н. екстремист. Блокирана му е сметката во банка. Според мислењето на неговите колеги, поранешни пријатели и целото село, учителот Бившев е предавник, на кого со право му се суди.

Погледајте го видеото на оваа тема:

Казна за неподобна песна

„Судот како сведоци повика ученици. Во ниво присуство ме навредуваа како перверзен, како непријател на Русија. И рекоа дека луѓето како мене не би смееле да имаат контакт со деца“, раскажува Бившев.

И сето тоа поради песната со наслов „Украински востаници“, која Бившев ја објави пред една година, и во која на украински ги пофали Украинците за нивната борба против, цитат, „москолскаја банда“. Во превод тоа може да значи и „московска банда“, но и „банда борци“, ни објаснува овој учител.

Руските власти тоа го декларираа како подбуцнување и екстремизам. Истрагата против селскиот учител се водеше една година и сега судот донесе пресуда: половина година работа од јавен интерес и... „Со оглед на тоа дека обвинетиот поради својата педагошка професија претставува потенцијална опасност за младите генерации, дополнително се казнува со забрана за вршење на професијата учител., ја соопшти пресудата судијката Маргарита Гридина.

А тоа за 42-годишниот учител значи дека никогаш повеќе не смее да влезе во своето училиште. Училиштето во кое предавал 20 години. „Тоа боли. 20 години е поголемиот дел од мојот живот. Изгледа дека залудно го живеев...“, потресен е Бившев.

Во сега веќе поранешното училиште на Бившев,не е можно снимање со камера, влезот одвнатре беше заклучен за секој случај.

На улиците на малиот Кромиј, 400 километри јужно од Москва, никој не сака да зборува за овој случај. Судската пресуда го изобличи Бившев како лепрозен. Тој е изолиран, предмет на омраза во неговото село.