1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зрак надеж за Сирија

Михаел Книге/превод:БГ12 февруари 2016

Постигнатиот договор за крај на непријателствата е нејасен, но во истовреме и најдобра шанса за Сирија. Без оглед дали договорот ќе се реализира, една држава веќе ја покажа својата сила, смета Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/1HuF0
Фотографија: Reuters/A. Ismail

Водечките држави, предводени од САД и Русија, се согласија за прекин на насилствата во Сирија и отворање на патот за хуманитарната помош да стигне до критичните зони. Но, како што денеска велат дипломати, дали договорот ќе издржи е големо прашање.

Пред почетокот на разговорите за Сирија, државниот секретар на САД Џон Кери бараше итно примирје додека неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер се надеваше на пробив. Она што произлезе од преговорите кои траеја подолго од очекуваното, не беше ни едното ни другото.
Наместо тоа, Меѓународната група за поддршка на Сирија (ИССГ) се согласи на хуманитарна помош во критичните региони во текот на неделава и изработка на модалитети за престанок на насилствата во рок од една недела. Ова последното е задача на новоформираната работна група која ја предводат САД и Русија.

Доколку ова звучи нејасно, тоа е затоа што е такво. Деталите околу тоа како сето ова треба да се случи во толку кусо време се во најмала рака чудни. Каков што е и терминот „прекин на непријателствата“, многу помалку дефиниран концепт отколку прекин на огнот, како што призна и самиот Кери.

Deutsche Welle Michael Knigge
Михаел КнигеФотографија: DW/P. Henriksen

Исто е нејасно и кога, и дали, Русија ќе ги прекине воздушните напади, особено оние во и околу Алепо Крајот на бомбардирањето ќе се докаже како клучен услов за дозволување хуманитарна помош до цивилното население кое страда низ целата земја.

Уште поважно, дури и доколку овој договор се реализира на терен, тоа не значи, како што видовме во украинскиот конфликт, дека ќе издржи доволно долго или дека ќе биде постигнато одржливо политичко решение. Дополнително, крајот на непријателствата едноставно го замрзнува конфликтот, а со тоа и актуелната констелација на теренот. Тоа е несреќен изглед не само поради сирискиот владетел Башар ал-Асад, туку и поради повеќето други актери во земјата.
Но дури и покрај сето тоа, бледиот договор од петокот е сѐ уште најдобриот и единствениот договор кога станува збор за запирање на насилствата во Сирија. Со оглед на актуелните геополитички услови околу сирискиот конфликт - договорот делува како најреалистична опција за успех.

Без разлика дали она што беше ставено на хартија ќе стане реалност, една страна веќе постигна голем поен во Минхен: Русија. Со копретседавањето на работната група која треба да ги сопре насилствата заедно со Вашингтон, Кремљ го постигна она што отсекогаш го сакаше, имено да биде прифатен како еднаков на САД на меѓународната сцена, во најмала рака во Сирија.

Судејќи според исходот од разговорите, Вашингтон го прифати овој статус. Да се надеваме за доброто на сирискиот народ дека таа цена не е превисока.