1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русите се повлекуваат од Црна Гора

Немања Рујевиќ / Е.М. Фиданоска23 ноември 2015

Десетици илјади Руси поседуваат недвижности во Црна Гора. Но, агентите за недвижности со години се сведоци на намалување на интересот. Притоа, улога игра економската криза, но и црногорската политика.

https://p.dw.com/p/1H81p
Фотографија: DW/N. Rujević

Ана нема доживеано толку топол ноември како овој. Модерно облечената Русинка се радува што на Славенска плажа може да оди боса. Нејзиниот син дури и се капе, зашто температурата на водата се‘ уште е околу 20 степени. Пред четири години Ана и сопругот купиле стан во Будва. Сега семејството живее малку во западносибирскиот студ, а малку на јадранската топлина. „Шест месеци сме овде, а потоа шест месеци во Новосибирск. Овде дојдовме поради климата и добрите луѓе. За децата е супер, овде имаат забава“, вели младата мајка.

Russen in Montenegro Immobilien Küstenstadt Budva
Фотографија: DW/N. Rujević

Плацови, апартмани, бунгалови...

За разлика од ова руско семејство, многу Руси, особено во изминатите неколку години, загубија интерес за недвижности на црногорскиот брег. Сепак, и покрај тоа што многумина на крајбрежјето забележуваат дека бумот е минато, и натаму се гради наголемо. Никнуваат висококатници и хотели, старите објекти им прават место на нови и поголеми. Овде со години никој не се мачи со размислувања за естетика: не е важно дали се црвени или зелени, од стакло или камен, важно е објектите во урбаниот хаос во Будва да бидат доволно просторни за потенцијалните купувачи. Табла пред еден трговски центар сведочи за надежта што се полагаше во поранешните муштерии. На нејзе стои: недвижимость - недвижности.

„Русите во меѓувреме меѓутоа повеќе сакаат да продаваат. Тие се обидуваат притоа да си вратат отприлика онолку пари колку што платиле за недвижностите“, објаснува Душан Ранковиќ, раководител на една агенција за недвижности во Будва. 60-годишниот Ранковиќ може добро да се сети на златните времиња пред 10 или 12 години, кога Руси масовно доаѓаа во неговата агенција. „Сите велеа дека толку прекрасно море нема никаде во Европа. Освен тоа, ние се разбираме добро, нашите јазици се од словенската група“, вели тој. Русите сакаа вили, плацови, апартмани, бунгалови. Цените експлодираа, домашното население си ги триеше рацете. „Повеќето купувачи притоа со себе носеа до 150.000 евра, а во тоа време со тие пари можеше да се купи двособен стан во Будва.“

Russen in Montenegro Immobilien Küstenstadt Budva
Според Здружение на руската дијаспора во Црна Гора, 70.000 недвижности во земјата се во руски рацеФотографија: DW/N. Rujević

Локалниот печат порадо известува за олигарсите и познатите личности блиски до Кремљ, кои ги оставаат своите јахти на презимување во црногорските пристаништа и трошат огромни пари во казината. Но, „просечниот“ купувач сепак е дел од високиот среден слој, нагласува економскиот аналитичар Ана Нивес-Радовиќ. „Полетот на руската економија и на овие луѓе им овозможи купување втора куќа во странство. Тие купуваа едноставни станови, каде и нивните пријатели можеа да летуваат.“ Или пак, становите ги издаваа.

„Се чувствуваат добредојдени“

Едно Здружение на руската дијаспора во Црна Гора тврди дека Русите се‘ уште поседуваат 70.000 недвижности во земјата. Предраг Јелушиќ не знае дали е тоа точно. Државниот секретар во Министерството за туризам упатува на Установата за недвижности, која пак не реагира на поставените прашања. Меѓутоа, она што го знае Јелушиќ е дека рускиот пазар е најважниот за Црна Гора. До септември во Црна Гора дошле 320.000 посетители од Русија, со што се неприкосновено на прво место. „Русите овде се чувствуваат добредојдени, што не е ни чудо со оглед на историски добрите односи“, вели Јелушиќ. Освен тоа, Црна Гора има атрактивни плажи и до секоја од нив може да се стигне за максимум два часа возење.

Туризмот сочинува околу една четвртина од брутодомашниот производ и со тоа е најважна бранша за 620-те илјади на оваа балканска земја. За црногорското раководоство беше особено важно во времето на референдумот, кога земјата се разделуваше од Србија, во државата да се в леваат свежи пари, вели Нивес-Радовиќ. „Пазарот беше отворен за сите. За разлика од Хрватска, на пример, во Црна Гора и странци можеа да купуваат земјиште.“

Би било нереално да се очекува бумот да трае вечно. „Кога пристина првиот бран Руси, насекаде можеа да се видат нови згради. Но, тогаш Русија се соочи со пад на цената на нафтата и ослабена рубља.“ Нивес-Радовиќ е на мислење дека иницијативата на рускиот претседател Путин се‘ уште има ефекти. Путин пред две години ги повика своите сонародници да ги продадат своите недвижности во странство и парите да ги инвестираат дома.

Russen in Montenegro Immobilien Küstenstadt Budva
Колкава улога за повлекување на Русите игра црногорската политика?Фотографија: DW/N. Rujević

„Русите не го сакаат НАТО“

Но, во воздухот лебди и прашањето дали можеби повлекувањето на руските сопственици на недвижности нема врска и со црногорската политика. Независна Црна Гора - веќе 25 години предводена од Мило Ѓукановиќ, кој наизменично беше претседател и премиер - чекори решително по т.н. евроатлантски пат. До крајот на годинава Црна Гора очекува покана за членство во НАТО и дури учествува и во ЕУ-санкциите против Русија, што според многумина значи рез во традиционално добрите односи. „Знаете, Русите воопшто не го сакаат НАТО“, вели агентот за недвижности Ранковиќ. „Тие ми велат дека односите со Црногорците веќе не се толку добри како порано.“

Русинката Ана и нејзиниот сопруг не сакат да го продадат својот стан и да ја напуштат земјата на Јадранот. Но, шесте месеци наскоро истекуваат. Додека го ниша својот син на игралиштето на плажата во Будва, таа во мислите веќе се подготвува за враќање дома, во Новосибирск. Прогнозата за времето за руската метропола вели: сончево, минус 15 степени.