1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русеф ја губи битката

ЕМФ/дпа/едп30 август 2016

Постапката за разрешување од функцијата на суспендираната бразилска претседателка Дилма Русеф влегува во решавачка фаза. Таа ги отфрла обвинувањата, а поддршка добива и од демонстранти на улиците, каде дојде и до судири.

https://p.dw.com/p/1JrxS
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Peres

Бразилската претседателка Дилма Русеф се чини ја губи битката за функцијата. Пред почетокот на денешните финални консултации и гласањето во Сенатот, се исцртува неопходното двотретинско мнозинство гласови за симнување на Русеф од функцијата.

Во бразилската историја досега само еднаш имало ваква постапка. Фернандо Колор де Мело во 1992 година беше суспендиран исто како Русеф. Тој беше обвинет за корупција, додека Русеф се товари за трикови со кои се разубавувал билансот на државниот буџет. Колор де Мело самиот се повлече од функцијата непосредно пред гласањето во Сенатот. Дилма Русеф пак, на вчерашната маратонска седница на Сенатот, која траеше 12 часа, жестоко ги бранеше своите позиции и оцени дека се работи за чисто политички мотивирана постапка со цел Работничката партија по 13 години да биде исфрлена од владата.

Бразил, во времето на мандатот на Русеф (од 2011 година) падна во длабока рецесија. Без работа се над 11 милиони луѓе. Русеф смета дека против нејзе се здружила „алијанса на пучисти“. Сепак, досега се испочитувани сите постапки пропишани со Уставот и законите. Со оглед на тоа што секој од сенаторите има право 10 минути да ги образложи причините за начинот на којшто ќе гласа, се очекува уште една маратонска седница и гласање најверојатно во раните утрински часови в среда.

Brasilien Prozess zur Amtsenthebung Dilma Rousseff
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Sa

Дилма Русеф добива поддршка од своите приврзаници, кои демонстрираат ширум земјата. На протестите во Сао Паоло вчеравечер дојде до судири, по што полицијата мораше да употреби солзавец и гумени палки. Демонстрациите се насочени и против преодниот претседател на земјата Мичел Темер, кој се обидува со приватизација и кратење на државниот апарат да ја извади земјата од најголемата рецесија во нејзината историја.

Доколку денеска Русеф биде разрешена од функцијата, Темер со својата централно-десничарска влада ќе остане на функцијата до 2018 година.