1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рохани најави нова ера во Иран

ЕМФ/ард/афп17 јуни 2013

Новиот ирански претседател Хасан Рохани во својот прв говор најави „нова ера“ во земјата. Рохани сака да оди по патот на „умереност и праведност, а не на екстремизам“.

https://p.dw.com/p/18rD0
Фотографија: AFP/Getty Images

Хасан Рохани на првата прес-конференција по изборот даде уверување дека нема да ги заборави предизборните ветувања. „Но, она што веќе сега можам да го кажам е дека времето на тагување е минато“. Земјата не смее да се кочи со политиката од изминатите години, нагласи Рохани. „Иран почна ново поглавје на умереност“.

Поголема транспарентност на атомската програма

Во однос на атомската програма на земјата, иранскиот претседател рече: „Подготвени сме да ја направиме нашата програма потранспарентна за светот да разбере дека чекорите што ги презема Иран соодветствуваат со меѓународните договори“.

Сепак, моќта на претседателот во Иран е ограничена. Моќта во свои раце главно ја има конзервативно-исламистичкиот клер и Револуционерната гарда. Двете институции го имаат главниот збор во изборот на насоки во преговорите околу атомската програма и односите со Западот.

Iran Wahl 2013
Ќе се оди по патот на умереност, тврди РоханиФотографија: DW

Рохани на денешната прес-конференција зборуваше и за конфликтот во Сирија и се заложи за немешање однадвор. „Ние сме против тероризам, граѓанска војна и странски интервенции. Се надевам дека со помош на земјите од регионот и од светот во Сирија ќе се врати мирот“, изјави тој. Според иранскиот претседател, сириската влада мора да остане на власт се‘ до претседателските избори во 2014 година, зашто „сириската влада може да се смени само со гласање на Сиријците“.

Хасан Рохани освои 50,7% од гласовите на претседателските избори одржани во петокот (14.06). Тој во август ќе го замени Махмуд Ахмадинеџад, кој по два мандата веќе немаше право да се кандидира.