1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киното слави 120. роденден

Хајке Мунд / З. Јордановски28 декември 2015

На денешен ден во 1895. година браќата Огист и Луј Лимиер во Париз првпат на екран прикажаа филмски снимки. Нивниот „синематограф“ го постави темелот на филмската индустрија.

https://p.dw.com/p/1HUZ6
Фотографија: dpa/akg images

За она што се случуваше вечерта на 28. декември 1895 година во салонот на парискиот „Булевар де Каписинс“ има прилично точни податоци - но нема ниту една единствена фотографија од тој возбудлив историски момент, од почетокот на „живите“ фотографии. Браќата Огист и Луј Лимиер (на насловната фотографија) беа премногу зафатени со новото техничко чудо, нивниот „синематограф“, што тогаш за прв пат го претставија на публиката која мораше да плати влезници.

На премиерата дојдоа одвај 33-ца посетители - на прилично разочарување на браќата. Тие сакаа да претстават една светска сензација, како што беше сугерирано на рекламните плакати кои го најавуваа големиот ден во Париз. Сепак, вечерта во преуредената билијард-сала претставуваше голем успех: гледачите за првпат видоа „подвижни“ слики, филмски снимки. Прикажан беше краток филм со едноставен наслов: „Работници излегуваат од фабриката на Лимиер“.

Успешен тандем пронаоѓачи

Браќата Лимиер го снимија тој краток црно-бел филм пред портата на нивната сопствена фабрика. Можеа да се видат само неколку секунди: фабричката порта, работници кои излегуваат од фабриката и еден пес кој потскокнува низ толпата - првиот актер во историјата на филмот.

Frankreich Film Geschichte Filmszene Die Ankunft eines Zuges im Bahnhof von La Ciotat
Флимска сцена прикажана со „кинематографот“ на браќата Лимиер: воз пристигнува во станицата Ла Сјота (1895/97година)Фотографија: picture-alliance/akg

Браќата беа познати и надвор од границите на Франција како пронаоѓачи и творци со многу идеи. Во градот Лион тие имаа фабрика за производство на фотографски плочи, во која вработуваа преку 300 луѓе. Веќе релативно рано развија целосно нова филмска техника со која преку проектор беа прикажувани поединечни слики во низа - нивниот „кинематограф“. Првите проекции на кратки филмови во почетокот предизвикуваа и паника кај гледачите: еден од филмовите прикажува влегување на воз во железничка станица. Дел од публиката од страв се криел зад седиштата!

Браќата Лимиер се пионери и на фотографијата во боја развивајќи целосно нова постапка. Тие во 1907. година патентираа како пронајдок автохромплоча, плоча (претходник на подоцнежниот филм, т.е. филмска лента) за снимање фотографии во боја. Браќата не се интересирале толку за мотивите што ги снимале, туку многу повеќе за техничката страна на новиот метод на создавање фотографии. Но, подоцна престанале да се интересираат за натамошен развој на нивните пронајдоци. Пред крајот на 19. век тие ги продале своите апарати и пронајдоци на фирмата „Пате Фрерс“, која подоцна влезе во историјата како основач на филмската индустрија.

Браќата Лимиер не беа ни единствени, ниту први кои прикажуваа снимки на филмско платно пред публика со платени влезници - целосно независно од нив беа креирани филмски проектори и во САД, Велика Британија и Германија. Но, на Французите сепак им се припишува „раѓањето“ на киното со проектирањето на „живите“ слики вечерта на 28. декември 1895.