1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението треба да се бара поинтензивно

22 јуни 2009

Медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор околу името Метју Нимиц, на средбата со преговарачите во Женева не донесе конкретен предлог. Според него таа е подготовка за претстојните средби во Скопје и Атина во јули.

https://p.dw.com/p/IWil
Метју НимицФотографија: Petr Stojanovski

„Време е за засилена потрага по решението за името, иако во Женева не дојдов со конкретен предлог“, изјави посредникот на ОН, Метју Нимиц по денешните двочасовни разговори со преговарачите на двете земји, амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиус Василакис. Нимиц вели дека интензивно се преговарало токму во областите во кои досега немало напредок. Кон текстот на употребата на компромисното решение на пример, иако како што рече американскиот дипломат, двете страни остануваат во своите ровови.

Средбата во Женева според американскиот дипломат е подготoвка за претстојните средби во Скопје на 06 и во Атина на 07 јули. Тогаш ќе имаме појасни позиции, вели Нимиц.

Потврден е и засилениот меѓународен притисок за решавање на спорот. Нимиц, според дипломатски извори имал серија средби со високи претставници на највлијателни западни земји, кои се интересирале до каде е процесот. И средбата во Женева според истите извори имала своја предисторија, со серија одвоени средби на Нимиц со преговарачите.

Груевски го потврди ставот за одржување на референдум

Gruevski Statement.jpg
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: DW/MIA

Македонскиот премиер Никола Груевски, денеска пред преговорите во Женева, на прашањето што очекува од нив, одговори: „Посакувам да се приближуваме во еден позитивен правец.“ Груевски рече дека доколку се најде предлог-решение за проблемот со името, истото ќе биде изнесено пред граѓаните на референдум, а тие ќе одлучат дали ќе го прифатат или не.„Се залагаме да има референдум, кој во најмала рака би бил прифатлив за Грција. Тоа е прв предуслов да биде за Грција прифатлив, а вториот е да видиме дали ќе биде прифатлив и за граѓаните на Република Македонија“, рече Груевски.

Бакојани очекува властите во Скопје да покажат политички пристап различен од досегашниот

Dora Bakoyannis
Грчката министерка за надворешни работи Дора БакојаниФотографија: DW/Dhima

Шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани пред денешното продолжение на разговорите за името во Женева, изјави дека очекува властите во Скопје да покажат политички пристап различен од досегашниот со цел да се дојде до заедничко прифатливо решение. „Тие ја примија пораката од сите членки на ЕУ и на НАТО. Верувам дека на новата рунда разговори ќе дојдат со различен политички пристап од оној што го имаа во минатото, за да најдеме заедничко прифатливо решение“, рече Бакојани по средбата во Атина со министерот за надворешни работи на Виетнам, Пам Џиа Кием. Запрашана дали е можна директна средба меѓу неа и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на претстојниот министерски состанок на ОБСЕ на Крф, Бакојани одговори дека кабинетот на македонскиот министер за надворешни работи побарал таква средба и оти таа „ќе се обиде да се сретне со него“.


Автор: Сафет Бишевац/АТ/миа

Редактор: Александра Трајковска