1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум во Каталонија: Што сега?

СН/ агенции
2 октомври 2017

„Го освоивме правото да прогласиме независност“ - беше пораката на каталонскиот премиер по спорниот референдум, засенет од полициско насилство, на кој мнозинството граѓани се изјасни за независност на Каталонија.

https://p.dw.com/p/2l53V
Spanien Referendum in Katalonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Morenatti

Според наводите на каталонската влада, околу 90 насто од гласачите ја поддржале независноста на Каталонија, додека против гласале нешто помалку од осум насто. „Го освоивме правото да имаме независна држава“, изјави премиерот на автономната каталонска управа Карлес Пуџдемон. Сепак, на спорниот референдум гласаа само 42 насто од 5,3 милиони граѓани на Каталонија со право на глас. Според прописите на каталонскиот парламент, за успех на референдумот не е потребна определена излезност.

Spanien Carles Puigdemont in Barcelona
Фотографија: Reuters/Catalan Goverment/J. Bedmar Pascual

Во текот на денот на гласањето повредени беа повеќе од 840 граѓани и 30 полицајци. Сојузната шпанска полиција се обиде да го спречи одржувањето на референдумот, ги затвораше гласачките места, одземаше гласачки материјал...бројни видео снимки говорат за брутални напади врз ненасилните граѓани.

Каталонците рекоа „Да“

Во Барселона беа користени и гумени куршуми. Додека каталонските сепаратистички власти најавуваат тужби пред меѓународните судови, претставници на властите во Мадрид ѝ се заблагодарија на полицијата и оценија дека таа реагирала „одмерено“ и во согласност со ситуацијата.

Тие сцени и целата атмосфера во Каталонија не беа само причина за малата излезност, туку и за хаотичната процедура на гласање. Регионалните власти тврдат дека 96 насто од вкупно 3215 гласачки места функционирале нормално. Но граѓаните можеа да гласаат насекаде, така што се множат извештаите за повеќекратно гласање на исти лица. Во еден момент граѓаните можеа и самите да си го отпечатат гласачкото ливче, а на некои места немаше никаква контрола кој гласа - изборните места беа отсечени од интернет, па никој не го контролираше избирачкиот список.

DW - Spanien Barcelona Unabhängigkeitsreferendum - Impressionen
Фотографија: DW/M. Müller

Каква и да е оценката на самиот ден на референдумот, јасно е дека владата во Мадрид нема намера да го признае. „Немаше никаков референдум“, изјави премиерот Маријано Рахој. Тој наведе дека мнозинството Каталонци останале дома додека регионалната влада останатите ги измамила да учествуваат на нелегално гласање. Шпанскиот Устав не доволува покраините сами да распишуваат какви било референдуми, така што Уставниот суд го забрани гласањето во Каталонија.

Spanien Katalonien Unabhängigkeits-Referendum - Fernsehansprache von Rajoy
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano

Заканот за осамостојување од Шпанија, кој неодамна го усвои каталонскиот парламент, предвидува дека, ако мнозинството граѓани се изјасни за независност, таа ќе биде прогласена во рок од 48 часа. Најнапред, меѓутоа, треба до крај да се пребројат гласовите и да бидат прогласени „официјални“ резултати. Шпанскиот премиер Рахој најави дека е подготвен за дијалог, но и дека резултатот од референдумот нема да биде признат.