1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интересите на Русија и нападите врз Сорос во Македонија

БГ
22 март 2017

Магазинот „Политико“ пишува дека оркестрираните напади врз фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија и американската амбасада во Скопје се поттикнати и поддржани од Русија.

https://p.dw.com/p/2Zk1z
USA George Soros Investor spricht in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Peter

Победата на Доналд Трамп на изборите во САД им даде крилја на политичарите со националистички предзнак во повеќе источноевропски земји, кои станаа поагресивни во барањето меѓународна поддршка за нивната „крстоносна војна“ против Сорос, а кои најдоа поддржувачи и во редовите на Републиканската партија во САД, пишува магазинот „Политико“ во анализата на нападите врз фондацијата на американскиот милијардер, во прв ред, во Македонија и во Унгарија.

Особено внимание во анализата им се посветува на писмата испратени од група американски републикански конгресмени и сенатори предводени од Крис Смит и Мајк Ли, во кои се обвинуваа Сорос и американската амбасада во Скопје за мешање во внатрешните работи на Македонија и заземање страна во политичката криза.

„Писмата, во кои од Стејт Департментот и владината служба за ревизија се бараат информации за поддршката од САД за групи на Сорос на Балканот, се случија по лобирањето од ВМРО-ДПМНЕ“, тврди „Политико“.

Според магазинот, досегашното лобирање на републиканците против делувањето на Сорос во Македонија не донело резултати, но се јавува загриженост поради обидот на Москва да влијае врз политиките на Капитол Хил.

„Русија се обидува да ја искористи кризата во Македонија за да посее недоверба кон САД и да ја привлече десничарската партија во својата орбита. Загриженоста на републиканските пратениците - дека САД, како што напиша Ли во писмото до Тилерсон, 'предизвикуваат политичка нестабилност, и не ги почитуваат државниот суверенитет и граѓанското општество' - за Москва претставуваше голема пропагандна победа“.

USA Kapitol in Washington
Писмата против Сорос и амбасадата на САД се резултат на лобирањето на ВМРО-ДПМНЕ на Капитол Хил Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Scott Applewhite

Во прилог на тоа се наведува и начинот на кој руските медиуми на ударно место јавуваа за писмото на Ли до Тилерсон, но и третманот кој на веста ѝ беше посветен во десничарските медиуми во САД.

Во изјава за „Политико“, македонските политичари и основачите на Стоп Операција Сорос демантираат дека Русија има влијание врз нивните постапки, но признаваат дека Москва покажала интерес.

Лични врски

Магазинот ги опишува и личните врски на политичари на ВМРО-ДПМНЕ кои влијаеле за добивањето поддршка од републиканските конресмени и сенатори. Во прв ред се потенцира пријателството на Влатко Ѓорчев со конгресменот Крис Смит, со кого соработувале во ОБСЕ. Ѓорчев редовно се среќава со Смит за време на посетите на Вашингтон, каде „веќе престојуваше трипати во 2017 година“, пишува магазинот. 

Случајно или не, Смит и уште пет други републиканци му го испратија првото писмо на американскиот амбасадор Џес Бејли на 17 јануари годинава, обвинувајќи го дека ја фаворизира опозициската левичарска партија. Откако не беа задоволни од одговорот од Стејт Департментот, на 24 февруари тие се обратија до владината служба за ревизија со барање да се истражи финансирањето на УСАИД во Македонија.

Текстот бележи дека во јануари годинава, пред објавувањето на писмото, средби со сенаторите Ли, Круз и Џим Инхоф во Вашингтон имал и македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски.

Vlatko Gorcev
Влатко Ѓорчев редовно се среќава со Смит за време на посетите на Вашингтон, пишува ПолитикоФотографија: DW/P.Stojanovski

„Овие жалби делуваат како да се извлечени од документ подготвен од Стоп Операција Сорос кој им беше дистрибуиран на членовите на Конгресот во јануари годинава“, пишува „Политико“.

Во писмо од 9 февруари годинава до сенаторот Ли, Стејт Департментот ги отфрлил забелешките на потписниците на барањето, ставајќи се во одбрана на посредничката улога на САД и ЕУ и нотирајќи ја зголемената загриженост за влошената политичка клима во Македонија.

Ниту еден од потпишаните конгресмени или сенатори не сакал да ја коментира содржината на испратените писма и барања за „Политико“. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во изјавата отфрла какво било надворешно влијание и вели дека не е добро тоа што нивниот проблем со „една фондација и една личност“ се злоупотребува во „стратешка игра која ја игра Русија или некој друг“.