1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американските републиканци ги збиваат редовите околу Трамп

КМС/НД/ртр19 јули 2016

Аспирантот за претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп се обиде да го врати во колосек конгресот по револтот кој изби во партиските редови. Надвор од конгресната сала, се уште се чувствува нервоза

https://p.dw.com/p/1JRUk
Фотографија: Reuters/M. Segar

Трамп ја прекрши традицијата со своето појавување на конгресот во Кливленд пред официјално да му биде доделена номинацијата. Тоа следеше по неуспешниот обид на присутните делегати да издејствуваат повторено гласање на кое би ја отфрлиле истата.

Многумина се гневни што партијата на Абрахам Линколн и Теодор Рузвелт ќе биде водена од човек кој ги опиша мнозинството Мексиканци како силувачи, а се залага да им забрани влез на муслиманите во САД.

„Ќе победиме со голема разлика“ им порача Трамп на присутните делегати.

Фракција во Републиканската партија која се спротиставува на номинацијата на Трамп, се обиде да издејствува јавно гласање со кое, би се оневозможило неговото автоматско номинирање. Иако на почетокот изгледаше како успешен обид да се издејствува целосно гласање, сепак републиканските лидери продолжија со скратено гласање.

Дека зад кулисите постојат внатре партиски поделби сведочи и отсуството на повеќе постари членови на партијата, кои воопшто не се појавија во Кливленд. Меѓу нив се целиот клан на Буш, поранешниот претседателскиот кандидат на републиканците Мит Ромни, па дури и домаќинот, гувернерот на Охајо, Џон Кејсич кој беше во посета на Кливленд, но не се појави на местото на одржување на конгресот.

USA Melania Trump in Cleveland
Меланија Трамп одржа говор на конвенцијатаФотографија: Getty Images/A. Wong

Говорот на Меланија звучи познато, многу познато

„Дами и господа, ми претставува голема чест да ви ја претставам идната прва дама на САД“, рече Доналд Трамп и ја покани својата сопруга на сцената како вовед во нејзиното обраќање пред делегатите.

Говорот на Меланија Трамп, поранешен модел од Словенија, меѓу другото се осврна и на нејзините лични квалитети, кои таа ги добила преку наследената работна етика од своите родители.

Публиката во салата доста добро го прифати говорот, можеби затоа што истиот веќе беше кажан и претходно. Набљудувачите брзо забележаа дека цели реченици во говорот на Меланија беа „позајмени“ од говорот на Мишел Обама, кој таа го одржа на националниот конгрес на Демократската партија во Денвер во 2008 година.

Од тимот на Трамп возвратија со соопштение за ваквите наводи. „Во пишувањето на нејзиниот убав говор, тимот на Меланија користеше забелешки од инспирациите во нејзиниот живот, а во одредени делови од нејзините размислувања“, изјави портпаролот на кампањата на Трамп, Џејсон Милер.

Полицијата загрижена поради носењето оружје

Безбедноста во Кливленд е подигната на доста високо ниво откако на градот му беше доделен федерален грант од 50 милиони долари, со кој градската полиција доби најнова воена опрема за справување со опасности предизвикани од насилни протести. Како дополнителни мерки на претпазливост, во зоната каде што се одржува конгресот забрането е поставување на шатори, користење на скалила, ладилници, конзервирани производи, тенсики топчиња и катанци за точаци. Но носењето на огнено оружје е дозволено.

Cleveland Parteitag der Republikaner
Фотографија: Getty Images/J. Moore

Во меѓувреме, полициските синдикати веќе подолго време протестираат со цел суспендирање на законот во Охајо кој им дозволува на граѓаните да поседуваат оружје со воен калибар. Гувернерот на Охајо, Џон Кессич го отфрли ваквиот предлог укажувајќи дека не би можел да го суспендира законот со декрет, бидејќи нема доволно легитимитет да го стори тоа.

Активистите кои се залагаат за слободно поседување и носење во јавност на огнено оружје велат дека нема да се откажат од своето право кое е обезбедено и со Уставот на САД.

„Сочуствуваме со припадниците на безбедносните сили кои се загрижени за својата безбедност, но тоа не значи дека ќе се откажеме од нашите граѓански права само за да им олесниме на полицајците при обезбедувањето на големите настани“ изјави за Ројтерс, Џон Пирс, ко-основач на националната група OpenCarry.org.

Сепак, до сега сѐ помина во најдобар ред иако стотици подржувачи на Трамп и негови опоненти одржаа митинзи оддалечени еден од друг само половина милја, а меѓу нив неколкумина подржувачи на Трамп носеа оружје.