1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Релаксираната канцеларка

Сабине Кинкарц
17 мај 2018

Гори на сите страни во светот. Како Германија се справува со сето тоа? Кој очекуваше да слушне нешто ново од настапот на германската канцеларка Меркел во Бундестагот, сигурно е разочаран, коментира Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/2xrtx
Deutschland Bundestag Angela Merkel
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Имаше еден момент за време на дебатата кога Ангела Меркел малку се насмевна. Тоа беше откако лидерот на ФДП Кристијан Линднер ги наброја противречностите и проблематичните точки во однос на големата коалиција и побара од канцеларката да ги искористи своите надлежности: „Водете ја, водете ја оваа земја!“ Но, тоа и го правам, како да се читаше од лицето на Меркел. На мој начин.

Политика на остри резови не е стилот на Меркел. Никогаш не бил и нема ни да биде. И тоа нема да се смени ни во нејзиниот четвртти мандат. Таа набљудува додека другите дебатираат. Таа чека да види кој став ќе се искристализира од дебатата. Таа е човек кој работи од заднина и кој планира и премерува што е она што е можно остварливо и ефективно.

На политичката сцена, таа нема да биде некој кој ќе биде во првите борбени редови, која не се плаши од екстремното или ќе си ги „изгори“ прстите. Особено не по катастрофалните последици со кои се соочи по нејзината одлука да ги прифати бегалците во земјата.

Како да голтнете слон?

Меркел е спротивност на Доналд Трамп, но и на Емануел Макрон. Иако и тие двајца се различни сепак знаат цврсто да застанат зад одреден став.  Имаат мислење, визија - може слободно да се каже, имаат мисија. За Меркел политиката нема никаква врска со таквата страст. Тоа за неа е чисто една бескрајна листа со обврски кои треба да се исполнат. И тоа чекор по чекор. Како да голтенете слон? Залак по залак.

Повеќе:

-Ќе ги следи ли мајчичка Меркел плановите на Макрон за Европа?

-Обраќањето на Меркел е добар почеток

-Ангела Меркел избрана за германски канцелар по четврти пат

Што значи тоа за нејзината политика можеше јасно да се заклучи од дебатата во Бундестагот:  Дали станува збор за Иран, САД, Сирија, Русија или ЕУ  -  пристапот на Меркел нема да се смени. Мали чекори наместо големи визии, тоа е нејзината максима. Макрон може да ги форсира колку сака, но според Меркел реформите на ЕУ не се нешто за брзање. Германија со неа на чело нема да донесе никаква одлука која претходно нема да биде разработена до најситен детал и соодветно формулирана. 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц, авторка на коментарот

Кавгата со САД? Како криза во долг брак

Меркел е релаксирана и прагматична и во однос на САД и Доналд Трамп. Трансатлантската алијанса продолжува да биде од „огромна важност„ без разлика на актуелните случувања. Треба да се земат превид различните ставови, да се извлече најдоброто од ситуацијата и да се осигура да не ескалира. Ако сѐ што ќе добиете при посетата на претседателот е тричасовна средба, лепче и вода, наместо државен прием, тогаш нека биде така. Нема причина за вознемиреност. Сето тоа е дел од работата.

Многумина може да го критикуваат ваквиот пристап, но во времиња како сегашниве во кои популистите се трудат да ги убедат луѓето дека за брзо и едноставно решавање на проблемите треба да се биде тврдокорен, поумерен и во одредена мерка повлекувачки пристап е и позитивен. Исто како нејзината реакција откако Алис Вајдел, лидерката на најголемата опозициска партија во парламентот, крајната десница АФД  ја отвори главната дебата. Навредливиот и полемизирачки говор на политичарката на АФД ја разгоре пленарната сесија. Меѓу другото таа зборуваше за „девојките со шамии и останатите безвредни луѓе" и ги нарече канцеларката и нејзините министри „идиоти“.

Нема знак на замор од владеење

И што направи Меркел, кога доби збор? Отиде до говорницата, рече „добро утро“ и ги погледна пратениците со смирен и пријателски поглед. Како мајка која го игнорира бесот на малото дете. Таа си го одржа својот говор достоинствено, исто како безбројните претходни нејзини настапи. Онаква каква ја знаеме.

Се чинеше дека е во добро расположение и дека на внатрешно-политички план е во мир со себе и со нејзината владина коалиција, откако долготрајните преговори имаа одредено негативно влијание. Меркел се врати во старата „канцеларска форма". Нема ни трошка замор од владеењето. Оние кои се обложија дека Меркел ќе се повлече на половина од мандатот, може да се разочараат.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ