1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Маратонот наликува на животот

Златко Калински
7 мај 2018

Британката Пола Редклиф беше промотор на годинешниот Скопски маратон. Во интервју за ДВ вели, маратонот е како и животот, има подеми и падови, треба постојано напорно да работиш и во тешките времиња да не губиш верба.

https://p.dw.com/p/2xIN7
Deutschland Großbritannien Paula Radcliffe beim Berlin Marathon
Фотографија: dapd

Брилијантно ја одигра својата улога. Не сакаше да остане само на промоторската ролја, туку и да го збогати Скопскиот маратон и како учесничка во трката на 5 километри. Ги истрча, а потоа неуморно почна да дели автограми и да се фотографира си сите кои тоа го посакаа. „Не сум во форма, немав сила за повеќе, но среќна сум што станав дел од маратонот во Скопје", го започна разговорот за Дојче веле.

Многу активна е во пропагирањето на атлетиката, таа е вистински мисионер.

„Забавно ми е што сум тука, особено кога гледам дека еден мал тим вредно работи и успева маратонот во Скопје постојано да расте. Ја промовирам атлетиката, задоволна сум ако можам да ги охрабрам луѓето  со какви убави работи атлетиката може да им врати."

Пола Редклиф првите атлетски чекори ги прави како седумгодишно болежливо момиче, кое се бори со здравствени проблеми, со астма и со анемија. Активното трчање го завршува на 40 годишна возраст со повеќе од 20 одлична од најголемите светски натпреварувања. И маратон кралица!

Ја прашуваме, кога почнувала, ако некој пророк ѝ предвидел ваква кариера, што ќе одговорела?

„Веројатно ќе се смеев, но исто така ке речев и зошто да не, бидејки сметам дека секое дете треба  да се обиде да ги достигне работите за кои сонува и кон кои цели. Можеби нема да ги достигне најголемите работи, но ќе дознае дека може да постигне многу други вредни работи на тој пат!“

Еден од најубавите моменти во кариерата

Во април 2003. година Пола Редклиф дома, на маратонот  во Лондон, го собори светскиот рекорд од  2 часа, 15 минути и 25 секунди. Фантастичен резултат кој  една и пол деценија стамено стои на врвот на светската маратон пирамида. Еден милион Лондончани крај патеката го поздравија подвигот на својата сонародничка.

„Бев многу возбудена! Првиот маратон што го гледав како дете беше токму Лондонскиот и ми беше инспирација еден ден да учествувам тука. За време на трката имав голема поддршка од гледачите. Беше незаборавно! Да трчаш и да собориш светски рекорд, тоа е еден од најубавите моменти во кариерата.“

Пред извесно време од седиштето на Европската атлетска федерација почна да се заговара бришење на светските рекорди постигнати пред 2005-та година. Реакцијата на Редклиф беше жестока.

„Да, бидејки сметам дека тоа не е фер. Мислам дека многу рекорди се значаен дел од историјата. На пример светскиот рекорд на Џонатан Едвардс во трискок или европскиот рекорд на Стив Крем на 1500 метри.Тие никогаш не направиле ништо лошо, ништо лошо не било поврзано со нивното име и не е нивна вина што рекордите се постигнати во времето кога во нашиот спорт допинг тестирањата не биле добри. Можеме да направиме во иднина состојбата да биде подобра, но не можеме да ја отстраниме историјата, бидејќи таа ја прави атлетиката голем спорт."

Битката со допингот долго ќе трае

Неодминлива тема се бројните допинг и корупциски афери, кои ја тресат „кралицата на спортовите". Пола Редклиф е во состав на Единицата за интегритет на атлетиката, креирана од претседателот на ИААФ Себастијан Коу. Може ли да се добие битката со измамниците?

„Сметам дека битката е тешка и долго ќе трае. Но, дефинитивно можеме да сработиме повеќе одошто во минатото. Горда сум на атлетиката, бидејки се соочуваме со проблемите, не се обидуваме да ги сокриеме и да се преправаме дека не постојат. Има други спортови кои не сакаат да ѝ погледнат на вистината во очи. Сакаме да ги заштитиме 'чистите' атлетичари, тие се најважните луѓе во спортот. Она што не можеме да го направиме со пари можеме со повеќе пари за повеке тестирања."

Symbolbild zum Doping Skandal im russischen Sport
Фотографија: picture alliance/chromorange/R. Peters

Пола Редклиф остави зад себе грандиозен опус. Почнувајки со јуниорските трки и титули на средни и долги патеки, преку настапите на 5 и 10 километри. И крос-кантри искушенијата ѝ носеа вредни остварувања. Но,во  маратонот го достигна своето спортско крешчендо. Таа е светска рекордерка, беше  светска првенка во Хелсинки во 2005-та година, пред тоа европска првенка,  победи на најголемите светски маратони во Лондон, Нјујорк, Чикаго...

„Сметам дека маратонот најмногу 'ми легна'. Нешто кое најмногу ми одговара и каде што ја имав најголемата сила. На патеката јас бев таа која секогаш ја предводи трката, бидејќи имаше девојки кои во спринтот се побрзи од мене. Во маратонот не се работи за брзината во финишот, се работи за тоа колку претходно можеш да притискаш. Така, сметам дека маратонот за мене беше идеална дисциплина."

Пред три години Пола Редклиф објави дека си заминува. Нормално, дома на маратонот во Лондон! Дали почувствува дека телото почнува да откажува? Беше ли потребна психичка сила да се каже: ОК, доста беше?

„Доколку телото не ми сигнализираше, јас уште ќе трчав бидејки уживав во тренинзите, не сметав дека се жртвувам, уживав напорно да тренирам, уживав да трчам. Но, на крајот тоа беше преголем стрес за моето тело, се повредував, потоа тешко се подготвував, и сѐ помалку станував способна да учествувам во трките онака како што сакам. Сега сум среќна што можам да трчам само од задоволство."

Недостасува ли возбудата, адреналинот?

„Малку да, но не толку колку што мислев дека ќе ми недостасува, бидејки сум благодарна поради направената кариера и сега адреналинот го насочувам во други области. Треба да научам да бидам подобар ТВ коментатор и да дадам поголем придонес во Единицата за интегритет на атлетиката."

Која е нејзината дефиниција за маратонот?

„Маратонот помалку наликува на животот. Има подеми и падови, треба постојано напорно да работиш и во тешките времиња да веруваш, за да можеш да уживаш во убавите времиња."

Пишува ли книга за себе?

„Пишував книга, но тоа беше многу одамна, можеби ќе се обидам некогаш да продолжам. Во моментов приоритет е моето семејство, сопругот Гери, ќерката Исла и синот Рафаел," со насмевкка, оставајки впечаток на среќна жена, обична, скромна и комуникативна Пола Редклиф го заврши интервјуто за Дојче веле.