1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ребаланс - пратенички амин за ново рекордно задолжување

Костадин Делимитов7 јули 2016

Без опозицијата во парламентот патот за буџетот е чист. Мегаломанските апетити на власта се погубни за економијата, предупредуваат експертите!

https://p.dw.com/p/1JKvK
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Намален економски раст, продлабочен дефицит, зголемено задолжување, жртвувани капитални инвестиции за сметка на социјален мир. Вака накусо изгледа структурата на ребалансот на буџетот за 2016 година кој е пред пратениците. Проекциите од првичниот за годинава рекордно тежок буџет, драстично се корегираат. Економскиот раст е речиси преполовен и позициониран на 2,3% од БДП, дефицитот пак зголемен на досега рекордни 343 милиони евра, или 3,6% наместо првичните 3,2% од БДП. Капиталните инвестиции се намалени за 45 милиони евра, се крати од образованието и здравството, но не и од ставките за плати и надоместоци кои, напротив, се зголемуваат. Експертите предупредуваат дека власта скроила уште еден нереален буџет :

„Не е првпат да расте дефицитот, ниту да се промаши еконскиот раст, буџетот упорно се креира врз нереални очекувања. Затоа повторно имаме ребаланс, но и специфична ситуација. Сега ќе се оди на странско задолжување кое сигурно дека ќе биде и многу скапо, но тоа нема да биде првпат. Уште во 2009. оваа иста влада емитуваше еврообврзница со каматна стапка од 9,8% што е историски рекорд. Но многу бргу ќе видиме дали тој рекорд ќе биде урнат. Очигледно е дека власта не се откажува од трошењата по која било цена“, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Во услови на намалени приходи очекувано е да се намалат и расходите. Но оваа пракса во светот сепак не е карактеристика и во Македонија, што не е добро, предупредува економистот Венко Глигоров:

„Да, расходите може да се зголемат, но само во случаи ако се инвестира повеќе во капитални проекти со развојна компонента, што овде не е случај, туку напротив, доминантен дел од расходите одат за плати, пензии, социјални трансфери и други донации што се доделуваат на интересни групи. Тоа значи дека буџетот повеќе има донаторски компоненти отколку што е во функција на развојот на економијата. Од друга страна, ставките што се ставени во капитални инвестиции не се вистински капитални инвестиции од кои може да се подобри инфраструктурата или услугите на државата кон бизнисите и граѓаните. Како на пример Скопје 2014, или барокот за ГТЦ, Панорамското тркало, тие се чист трошок и не носат нови приливи во државата. Овие проекти се тотално непотребни во сегашните услови“, укажува Глигоров.

Mazedonien Geld Denar
Буџетот е нереален, предупредуваат експертитеФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Каматите на долговите повторно ќе ги плаќаат граѓаните

Во услови на криза разумен потег на секоја одговорна власт е рационално да се штеди. Но очигледно дека за Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ тоа не важи, предупредува Хајредини:

„Тие не можат да штедат и да запрат, бидејќи тоа директно ќе се одрази врз нивната политичка ситуација. Мали знаци на корекција ќе влијае врз довербата кај нивното членство и затоа тие нема да отстапат од ништо. Но зошто нѐ чуди тоа што тој упорно продолжува со политиката на задолжување, па тој не е приватник па да се заморува дека ќе плаќа високи камати од неговата добивка. Ќе плаќа од нашите пари што ги плаќаме за даноци, нема да дава од сопствен џеб“, предупредува Хајредини.

Опозицијата, која и овојпат е надвор од Парламентот, критикува дека граѓаните и стопанството ја плаќаат цената на неуспешните економски и фискални владини политики:

„Ребалансот го оценуваме како антиекономски, антиразвоен, непатриотски и должнички. Владата ја втурнува македонската економија и граѓаните во нови долгови во износ од 345 милиони евра“, предупреди Марјанчо Николов, пратеник на СДСМ и претседател на комисијата за финансирање и буџет.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Нови долгови за граѓанитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Потпис на „туѓо“дело

Власта, пак, тврди дека намалувањето на капитални инвестиции е минимално и само забавува реализацијата на некои од проектите. Клучно е што се обезбедувале средства за плати, пензии и социјална помош:

„Капиталните расходи се намалуваат, но сепак остануваат на високо ниво. Со ребалансот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија“, смета министерот за финансии Кирил Миноски.

Дел од упатените предупредуваат дека состојбите можат дополнително да се усложнат со оглед на фактот дека Миноски ставил потпис на „туѓ“ документ:

„Правило треба да биде ако некој министер напушта функција, а притоа оставил одредени потешкотии во буџетот, на новиот министер му се потребни 90 дена за да може да ја разгледа состојбата, да ги искоординира министерства и буџетските корисници, да се вклучат и одредбите од извештајот на Прибе и да предложи ребаланс. Но, за жал, тоа во случајов не е направено и со тоа новиот министер се позиционира како потпишувач на ребаланс наместо како клучен човек за финансиите. Во случајот, со ребалансот се намалија проекциите за растот на брутодомашниот производ и наместо да се скратат трошоците во буџетот - истите се зголемуваат. Премногу набрзина и еднострано е ова“, укажува Глигоров.

За кого се парите?

Со ребалансот најмногу ќаруваат министерствата за внатрешни работи, односно за труд и социјална политика. Но затоа сметката на Државната изборна комисија е покуса за 6,9 милиони евра, колку што приближно чинат едни избори. Помалку пари ќе има и за планираните реформи во јавната администрација, судството, реконструкцијата на училиштата, субвенции за земјоделците. Нема да има пари ниту за ветената инфраструктура за индустриската зона во Визбегово, каде егзистираат 100-ина стопанственици. Дефицитот ќе се финансира со задолжување повеќе во странство отколку дома. Вкупниот износ на планираните позајмувања се зголемува за уште 14 милиони евра, или вкупно на 692 милиони евра.