1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реална закана за платите и пензиите или сеење страв?

Костадин Делимитов30 ноември 2015

Двојната кочница на СДСМ за планираното задолжување прочкрипи панично кај власта. Платите, пензиите и социјалната помош стануваат неизвесни. Паничното сеење страв според експертите е врв на неодговорноста на власта.

https://p.dw.com/p/1HEZD
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ветото на заменик министерот за финансии Кире Наумов за задолжување на домашниот пазар за 100 милиони евра, односно преполовената еврообврзница, првично планирана на 500 милиони евра, предизвика безмалку панична реакција кај власта. Блокираното задолжување ќе предизвика застој во исплатата на плати, пензии, социјална помош, враќање на старите долгови, инфраструктурни проекти, предупреди министерот за финансии Зоран Ставрески. Чуварот на народната каса кој со договорот во Пржино доби заменик со право на вето при носењето одлуки предупреди дека со блокирањето на државните обврзници се укинуваат механизмите за нормално функционирање на буџетот. Опозицијата пак тврди дека Ставрески манипулира и шири неоснован страв бидејќи со парите од еврообврзницата веќе се обезбедиле средствата за административците, пензионерите и социјалците.

Mazedonien Land und Leute
Поранешниот министер за финансии, Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

Обвинувања за сокриени обврски

Оправдан или не спорот околу домаќинлукот во работењето со државната каса веќе предизвикува страв кај граѓаните но и отвора сериозни дилеми околу тоа како е можно буџетот така лесно да крахира. Упатените пак се безмалку зачудени од тоа со каква леснотија поради ваков спор се сее страв дека пари веќе нема да има:

„ Ако е така тогаш зошто дозволија да се доведеме до ситуација со кредити да се исплаќаат плати и пензии. Тоа е централното прашање за кое што предупредуваме со години, дека не треба да се земаат кредити за плати и пензии, туку за нешто друго со што се прават пари и што ќе произведува пари. Но власта сега крева паника зашто очигледно им требаат пари за да ги купат изборите, па видете како насекаде истураат пари, прават долгови, тоа е работата, но тоа е долга приказна. Нека ги кажат сите долгови, зошто ги кријат, нека набројат колкав е вистинскиот долг, кому му немаат исплатено, а доспеало, нека кажат се` точно па потоа може да се бара рационален одговор на таа дилема. Нека ги кажат бројот на вработени во администрацијата, еве ќе нема пари за плати, па тогаш зошто ги трпаат партиските војници таму. Нека стават уште сто илјади па ќе нема пари. Ако нема приходи од економијата зошто ги зголемуваат пензиите и платите пред избори. Сведоци сме на слично сценарио од 2012 година кога ги избркаа пратениците, со иста приказна, ако нема буџет и ако не се усвои задолжувањето, ќе нема плати и пензии. Целосна неодговорност! Зошто тогаш се прават фасади, зошто вештачки се надувани приходите за 2015 и 2016 кога се знае дека нема да бидат толкави! Но очигледно дека намерно се креираат поголеми расходи од реалното за да може да се позајмуваат пари“, реагира за Дојче веле поранешниот министер за финансии Петар Гошев.

Дел од упатените коментираат дека власта сега намерно го вперува прстот во опозицијата ширејќи пропаганда дека не се грижат за парите оти се свесни дека е дојдено време за разголување на вистинските состојби. Од друга страна пак се чудат како во ист ден кога Ставрески објавува дека нема пари за тековно работење, премиерот ветува дека започнува исплата на субвенции за земјоделците, ни помалку ни повеќе од 8,5 милиони евра. Ваквите состојби само покажуваат кој и на каков начин раководи со државните пари, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини:

„Чудна работа е да слушаме сега од човекот кој 10 години не убедува дека буџетот е во добра кондиција, се полни според планираното и одеднаш да слушаме дека ако не се задолжуваме ќе останеме без плати и пензии. Се создава страв кој министерот за финансии сега сака тоа да го искористи, но тој влегува во друга замка, сега тој ќе треба да објаснува каде се парите, зошто досега викаше дека се е добро, од каде сега ова? Но очигледно дека има други големи обврски кои се кријат, има притисок од луѓето што треба да земаат и очигледно не се согласуваат да чекаат и натаму за своите побарувања. Сега тој нека докаже во што е проблемот, зошто нема пари. Очигледно дека е дојдено време да се открие состојбата во која се наоѓа буџетот и со тоа се разбива монополот во информации што досега го држеа само премиерот и министерот за финансии. Затоа е оваа нервоза. Сега ќе испливаат многу скриени проблеми. Долго време се задолжуваме со високи камати, а растот на БДП ни е многу понизок што е чиста загуба, треба раст за да се вратат каматите, а ние одиме во минус. Но не ме чуди набрзина да ја соберат Државната изборна комисија и да ја поништат ваквата одлука, сѐ е можно“, предупредува Хајредини.

Враќање на стари долгови или нешто друго?

Спорот ќе треба да го реши Државната изборна комисија која согласно измените на Законот за Влада одлучува дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање кое предизвикува несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер може да влијае на организацијата на изборите. Но проблемот според упатените е што старата ДИК не функционира, а кога ќе се формира новиот состав сѐ уште е неизвесно. Извесно е само дека дотогаш Министерството за финансии не може да ги позајми најавените 100 милиони евра од домашните банки кои според Ставрески во најголем дел се потребни за враќање на стари долгови:

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Македонскиот министер за финансии, Зоран СтавревскиФотографија: Petr Stojanovski

„Во контекст на аукцијата следната недела, која предвидува продажба на државни записи во вредност од 100 милиони евра, истиот месец достасуваат за исплата стари записи во вредност од 5,2 милијарди денари или 84,6 милиони евра. Значи, тоа не е ново задолжување туку рефинансирање на веќе запишани хартии од вредност. Државните записи, во сите земји, имаат функција да обезбедат ликвидни средства во меѓупериод, додека стигнат приливите од даноци во Буџетот, како и да обезбедат пари за враќање“, велат од министерството за финансии.

Опозицискиот СДСМ пак тврди дека со законското право на вето не се загрозиле платите и пензиите. Оттаму обвинуваат дека Ставрески неуспешно се обидува да манипулира дека аукцијата била за стари долгови: „ Долговите кои треба да се враќаат во периодот до наредната аукција се околу 60 милиони евра, што значи дека околу 40 милиони евра, сепак, ќе останат како ново задолжување", соопшти СДСМ.