1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РБГ: Пресудата може да и‘ наштети на евроинтеграцијата на Македонија

Тони Гламчевски22 октомври 2013

Антоан Хери, одговорен во Репортери без граници за Балканот, за ДВ вели: „Ние ќе најдеме начин за да го браниме Кежаровски и со тоа сите македонски новинари!“

https://p.dw.com/p/1A3qg
Фотографија: Fotolia/picsfive

Организацијата Репортери без граници (РБГ), со седиште во Париз, е доста критична во однос на „крајната строгост на оваа пресуда и диспропорционалната казна“, која може да има „драматични „последици за слободата на информирање во Македонија“:

„Со судењето на Томислав Кежаровски, пет години по објавувањето на статиите, судот покажа неразбирлива строгост и недоразбирање што загрижува. Зошто судијата Дијана Груевска се покажа толку многу заинтересирана за новинарските активности на Томислав Кежаровски, барајќи да ги открие своите извори, наместо за делата кои му беа припишани?“, стои во соопштението на РСФ.

Пресудата покажува дека има влошување на медиумската клима во Македонија

„РБГ, од пред две години, по затворањето на ТВ А1, констатираат влошување на климата за новинарите и воопшто за медиумската сфера, што доведе до пад во светското рангирање на Македонија - на 116 место од вкупно 179 земји. Тоа не е многу славно место и ние сме многу загрижени. Случајот на Томислав Кежаровски, кој ние го следиме со големо внимание, стана симбол на тој пад и влошување на климата“, вели за Дојче Веле Антоан Хери, одговорен во РБГ за Балканот.

РБГ се надеваат дека судот подобро ќе си ја заврши својата работа при разгледувањето на неговата жалба и најавуваат дека тие ќе го поддржат новинарот Кежаровски до крај.

Logo Reporter Ohne Grenzen englisch

Пресудата не е во полза на македонската влада

Според Репортери без граници, оваа пресуда не и‘ е од полза на Македонија во нејзините евроинтегративни процеси.

„Јасно кажано, судството и‘ става кочници на македонската влада во рамките на приближувањето на Македонија кон Еропската Унија. Мислам дека во Македонија судството располага со извесна независност, не знам до која точка. Искрено мислам дека македонската влада денес жали за оваа одлука. Таа може само да и‘ претставува проблем на земјата извесно време, судејќи по реакциите на Европската комисија и ОБСЕ“, нагласува Антоан Хери, одговорен во РБГ за Балканот.

За односот меѓу новинарите и владата во Македонија, РБГ оценуваат дека тие се „крајно затегнати“:

„Знаете дека двете водечки новинарски здруженија и нивниот однос со владата не е едноставен. Во рамките на новите законите за медиумите, предложени од министерот за информации Иво Ивановски, со кој се сретнавме ова лето, граѓанското општетсво требаше да биде сослушано, но тоа не беше направено доволно. Оваа одлука само ризикува да ги затегне уште повеќе односите меѓу новинарските здруженија и владата. Можеме само да жалиме, бидејќи има бројни рокови кои треба да се почитуваат“, вели Хери.

Во седиштето на РБГ во Париз се размислува и за евентуални поспектакуларни акции со цел да се привлече вниманието на јавноста врз случајот на Кежаровски.

„Нашата улога е да го привлечеме вниманието на јавноста. Ние ќе најдеме начин за да го браниме Кежаровски и со тоа сите макеоднски новинари“, вели на крајот од разговорот за Дојче Веле, Антоан Хери од Репортери без граници, задолжен за Балканот.

Репортeри без граници притоа бараат што е можно побрзо ослободување на Томислав Кежаровски.