1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел го интензивира уривањето на палестински домови

Торстен Тајхман/сн12 март 2016

ЕУ критикува, ОН се алармирани. Од почетокот на 2006 година израелската окупациска управа ги интензивира уривањата на палестински домови и резервоари со вода. Населението е беспомошно.

https://p.dw.com/p/1I8gC
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Al Hashlamoun

24 ученици мораат назад во градинка. Во општината Абу Навар израелската окупациска воена управа прво го урна монтажниот објект на училиштето, а потоа и шаторите во кои се одвиваше наставата, се жали учителката Асам Шеха: „Училиштето имаше 6 простории и 3 бањи. Ни беше ветено и уредување на градината и подигање ограда. До тоа не дојде. Сепак, ние сме решителни сето ова повторно да го подигнеме.“

Ова основно училиште го финансираше Франција. Општината Абу Навар се наоѓа во палестинската автономна област на Западниот брег, под израелска окупација , во т.н. зона Ц. Тоа е палестинско подрачје кое во целост се наоѓа под контрола на изрелската воена управа. Кога Палестинците сакаат нешто да градат, тогаш за тоа им е потребна дозвола од таа управа. Таа, меѓутоа, по правило воопшто не доделува дозволи за градење, дури ни кога се работи за важни инфраструктурни објекти. На изградените бараки, куќи и резервоари за вода без дозвола им се заканува уривање. Од почетокот на годинава налозите се уривање се спроведуваат многу ревносно, вели Давид Карден: „Во февруари 2016. година се урнати 200 инфраструктурни објекти. Тоа е најголем број уривања во еден месец, откако пред 6 години почнавме да водиме евиденција за тоа.“

Hebron Abriss von Haäusern in Westjordanland
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Al Hashlamoun

Уривање во 3 часот изутрина

Карден е шеф во бирото за организација на хуманитарна помош на ОН на подрачјата под израелска окупација. Тој знае кои се аргументите на израелската управа, но знае и за неволјата на 113 семејства со деца во Абу Навар. Исто како што знае и за проблемите на жителите на брегот Јабал ал-Баба во близина на еден автопат.

Таму живее и Атара Мазара. Во неговиот двор во моментот се наоѓа ветеринар. Еден петел лежи мртов во кокошарникот. Останатите кокошки би требало да се вакцинираат. Неговиот кокошарник не е во опасност, тој се наоѓа на земја која ѝ припаѓа на Ватикан. Меѓутоа, на сопствениците на бараките кои се наоѓаат на неколку стотини метри понатаму, на подрачјето под контрола на израелските окупациски власти, веќе им се врачени налози за уривање.

Кај некои соседи израелската армија дошла да ги урива објектите во 3 часот наутро, без оглед што на бараките имало плочки со ознака ЕУ, вели Атара: „Тие видоа дека бараките се направени со пари кои пристигнаа како хуманитрана помош од ЕУ, оти на нив имаше знамиња на ЕУ. Тие луѓе мислеа дека тоа ќе ги заштити. Сепак, израелските багери ги урнаа и бараките и знамињата.“

На подрачјето на Западниот брег од почетокот на годинава без покрив над глава така останаа околу 400 Палестинци. Во речиси 40 насто случаи израелската војска ги урна нивните шатори и бараки.

„Тие не лажат“

Во 36 отсто случаи, наведуваат извори на ОН, палестинските семејства се отселиле по уривањето на објектите неопходни за живот, како штали за говеда, но и водоводни цевки или резервоари за вода. Израелската окупациска власт смета дека е во право, но Палестинците се жалат оти е речиси невозможно да се добијат дозволи за градење.

Westjordanland Beit El Checkpoint Israeische Soldaten
Фотографија: Reuters/M. Torokman

„Секако дека пробавме да добиеме дозволи и тоа многу често, но Израел не ни ги издава. Тие нѐ лажат. Ја набавив материјал за градење, но сето тоа само стои тука“, вели Атара покажувајќи на купот тули. Според извештаите на ОН, Палестинците во периодот од 2010. до 2014. година во зоната Ц побарале дозволи за градење во точно 2000 случаи. Одобрени се 33 барања, вели Давид Карден: „Во очите на меѓународната заедница Израел е окупациска сила во зоната Ц на Западниот брег. Негова главна задача би требало да биде да го заштити палестинското цивилно население и да обезбеди задоволување на нивните основни потреби. Тоа значи, дека случаите за уништување на инфраструктурата можат да се набљудуваат како кршење на одредбите на меѓународното хуманитарно право.“

Од областа на заедницата Абу Навар, од местото каде се наоѓа урнатото учлиште, добро се гледа еврејската населба Мале Адумим. Таму немаат проблеми со градежни дозволи, вели Абу Емад. Овој бедуин покажува карта на овој крај, на која со црвени точки се означени куќите чии сопственици добиле налог за уривање. Црвените точки се нацртани практично во целата област во која живеат Палестинци.