1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте притисокот врз грчката влада

Волфганг Ландмесер/ З. Јордановски4 ноември 2015

Грчката влада доцни со спроведувањето на реформите на кои се обврза со третиот пакет за помош на Грција, народот протестира против нив, а Брисел бара да се забрза темпото.

https://p.dw.com/p/1GzWC
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Vlachos

Протести во центарот на Атина: ученици, заедно со нивните учители, демонстрираат против слабата опременост на училиштата. „Немаме доволно учители, немаме учебници, некои училишта веќе немаат школски автобуси. Ситуацијата е многу тешка и поради тоа демонстрираме“ - вели 14-годишната Елени.

Фериботи не возат кон островите оти штрајкуваат екипажите. Демонстрациите против политиката на штедење веќе не се толку жестоки, колку на почетокот на кризата, но сега и од левичарите предводената влада на Грција ја почувствува лутината на народот. Третата реформска програма предвидува многу натамошни кратења.

Дубиозните кредити најголем проблем - со социјални последици

Владата заостанува со реализацијата на долгата листа на реформи, поради тоа се одолговлекува и исплатата на две милијарди евра од програмата за помош. „Сега ни е потребен знак на доверба дека Грција повторно ќе се врати на вистинскиот пат, дека економијата се опоравува и е обезбедена финансиска стабилност. Голем чекор во таа насока би бил успешен крај на првата проверка на програмата“, предупреди потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис при минатонеделната посета на Атина.

Griechenland Demonstration Streik Sparprogramm EU
Грција е потресувана од штрајковиФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Првата проверка требаше првобитно да биде извршена уште во октомври, но временскиот план се измести поради изборите што се одржаа во септември. А разговорите меѓу владата и кредиторите постојано запнуваат кај одредени точки. Така, Комисијата на ЕУ и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд) притискаат за пониски законски пречки за ставање имоти на принудни лицитации. Билансите на банките се полни со дубиозни кредити - многумина сопственици на недвижности веќе не можат да ги отплатуваат кредитите. Владата сака колку што е можно да избегне такви тешки социјални потези. „Владата е заинтересирана ситните должници (кои земале кредит за да купат или градат сопствено живеалиште) да не бидат протерани од становите или куќите, а кредитите за претпријатијата да бидат така регулирани, што претпријатијата би можеле да продолжат да работат“ - вели Теодорос Параскевопулос, советник во министерството за социјални прашања.

Парламентот на викендот го усвои законот за рекапитализација на грчките банки, но уште не е разјаснет односот спрема дубиозните кредити. Домбровскис смета дека тука мора заеднички да се најде „некој избалансиран компромис“.

Како да се зачува социјалната рамнотежа?

Првобитно планираното покачување на данокот на недвижности коалиционата влада во Атина го повлече. Таа се обидува во сите можни делови на програмата да ги ублажи негативните социјални последици, вели советникот Параскевопулос: „Фактичкиот проблем е како да се спроведат обврските и да се зачува социјалната рамнотежа. Тоа е многу тешко, оти кредиторите се индиферентни по ова прашање - велат, нас тоа не не’ интересира“.

Griechenland Geldautomat außer Betrieb
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Домбровскис како претставник на кредиторите покажа прагматизам: грчката влада, како што рече, е слободна да донесува решенија се’ додека може да ги исполнува утврдените буџетски цели.

Денеска и утре гостин на владата е еврокомесарот за монетарни прашања, Французинот Пјер Московиси. На прес-конференција во Атина и тој побара консеквентно спроведување на реформите. „Солидарност и одговорност се два поврзани поима“ - рече Московиси. Тој најави дека на 9. ноември еврогрупата ќе донесе важни решенија за Грција, но нагласи дека Атина сега мора брзо да ги спроведе реформите.

Редовните посети од Брисел покажуваат: кредиторите не се вистински задоволни од напредокот во спроведувањето на реформската програма предвидена со третиот пакет за помош на Грција.