1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте заканата од владина криза

Роман Гончаренко/сн11 декември 2015

Владејачката коалиција во Украина би можела да се соочи со изгласување недоверба, откако истече рокот од една година „поштеда“. Притисокот врз премиерот Арсениј Јацењук постојано расте.

https://p.dw.com/p/1HLk3
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Во украинската политика стануваше се понемирно како се наближуваше денешниот 11 декември. Имено напрегнато се очекува денешната владина изјава во која премиерот Јацењук ќе направи биланс на работата по една година власт. Денеска имено истекува и рокот, кој го постави парламентот, по кој теоретски повторно е можно гласање недоверба на владата.

Јацењук е под голем притисок. Обвинувањата за корупција против него и неговата влада се толку големи што неговата партија „Народен фронт“ зборува за вистинска кампања која се води против него и неговата влада. И навистина се’ изгледа како подбуцнувачка кампања. Речиси секој ден за збор се јавуваат политичари но и по некој олигарх, кои бараат смена на владата или во најмала рака оставка на Јацењук.

Сакашвили посебно гласен во осудите

Во тоа предничи Михаил Сакашвили. Гувернерот на Одеса областа на југот на Украина, и поранешен претседател на Грузија во изминатите недели изговори посебно тешки обвинувања против Јацењук. „Владата и влијателните олигарси ја мамат државата и годишно ја крадат за 5 милијарди американски долари“, изјави Сакашвили во Одеса. Тој побара оставка на премиерот. Јацењук се’ уште не се огласи.

Kiew Parlament
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сакашвили важи за близок пријател на украинскиот претседател Петро Порошенко и е негов човек од доверба. Самиот Порошенко не се меша во овој вербален конфликт. Притоа се зборува дека Сакашвили има амбиции да стане нов премиер, што тој го демантира.

41-годишниот Јацењук е на чело на втората влада по ред во Украина по смената на власта во февруари 2014. година. Неговата новооснована партија беше победник на предвремените избори пред една година. Тоа беше големо изненадување. Носителите на надеж во неговата влада беа министри од странство, но билансот на нивната работа беше скромен, а брзиот успех изостана.

Со западна финансиска помош на владата и’ успеа да го избегне заканувачкиот финансиски колапс. Платите и пензиите се исплаќаа уредно и на време. Падот на Брутоопштествениот производ се забави од 17 во првиот на 7 проценти во третиот квартал. Киев се договори со странските кредитори за делумен отпис на државниот долг во висина од 20 насто но и за пролонгирање на исплатата на остатокот од долговите. Само со Русија нема договор. Киев на Москва до крајот на декември мора да и’ исплати 3 милијарди американски долари. Јацењук изјави дека Украина нема толку пари. Во Москва се зборува за заканувачка неликвидност на Украина.

Пукнатини во владеачката коалиција

Економската ситуација останува се’ освен розова. Годишната стапка на инфлација според службените проценки изнесува 50 насто. Поголемиот дел од Украинците се разочарани. „Народен фронт“ од 22 насто гласови, како што покажуваат анкетите, падна на точно два проценти доверба. Владата не беше во состојба да направи повеќе против корупцијата, која многу Украинци ја опишуваат како најголемо зло во нивната земја.

Германскиот публицист и експерт за Украина, Винфрид Шнајдер-Детерс ја смета таа борба за пропадната: „Многумина се прашуваат зошто ниту едно лице не служи затворска казна поради корупција. На Јацењук генерално му се префрла дека спроведе премалку реформи.“

Видливи пукнатини во владеачката коалиција постојат веќе со месеци. Десно-популистичката Радикална партија на крајот на август ја напушти коалицијата составена од 5 партии, бидејќи беше против тоа во Уставот и во законите да се внесат одредби од договорот од Минск, постигнат со проруските сепаратисти. Нешто подоцна и прозападно ориентираната партија „Самопомош“ се закани дека ќе ја напушти владата. И партијата „Татковина“ на поранешната премиерка Јулија Тимошенко бара оставка на Јацењук, иако формално остана во коалицијата.

Ukraine Kiew Biden bei Jazenjuk
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Kravchenko

Експертите како Шнајдер-Детерс меѓутоа веруваат дека украинскиот премиер ќе остане на власт. „Неговото симнување од власт ќе предизвика голем хаос, а тоа никој не го сака.“ Уште една причина: Јацењук има моќен соузник на Запад. Тешко дека тука нешто ќе се промени. „Не верувам дека ќе биде разнишана американската поддршка за Јацењук“, вели Шнајдер-Детерс.

Набљудувачите на состојбите во Украина поаѓаат од претпоставката дека наскоро ќе дојде до реконструкција на владата. Изгласувањето недоверба е возможно, ама дури и во таков случај Јацењук ќе продолжи да си ја работи работата. До наредната криза, велат скептичарите.