Распадот на Југославија поттикна сецесионизам во Африка
30 август 2010Со распадот на заедничката држава на просторот на некогашна Југославија настана мозаик од мали независни земји, кој на европските лидери им предизвика низа проблеми, смета Волфганг Хепкен, професор по историја на југоисточна Европа на универзитетот во Лајпциг.
„На почетокот сите се прашуваа како би можел тој простор регионално и политички да се организира. Како да се раководи Европа со новите државни поредоци? За да го решат тоа прашање, смислија политички инструмент: поставена беше цел, сите тие земји со време да бидат приближени и интегрирани во европската заедница.“
Југословенските безредија пренесени и во Африка
Со крајот на студената војна меѓу Истокот и Западот, автоматски беше заслабнато и Движењето на неврзаните земји. Самиот распад на Југославија директно влијаеше и беше многу лош пример за африканските сецесионисти, тврди Асфа-Восен Асерате, политички аналитичар, кој живее и работи во Франкфурт, инаку правнук на последниот цар на Етиопија Хаиле Селасие.
Сите африкански земји се повеќенационални, токму како и бивша Југославија. Во нив живеат илјадници различни народи кои се разбираат на повеќе од две илјади јазици. Настаните во Југославија ги охрабрија африканските сецесионисти да тргнат во реализација на своите планови, објаснува Асерате:
„До тој момент сите европски земји ги почитуваа границите на африканските држави, кои своевремено беа формирани во Франција и Велика Британија, заради полесна распределба на колониите. Сецесионистичките движења не беа прифаќани. Но, со распадот на Југославија беше прекршено тоа табу и со време молчешкум одобрувана борбата на сецесионистите за одвојување. Распадот на Југославија беше црн ден за Африка!“
1991 година - кобна и пробна за меѓународната политичка елита
До почетокот на војната во Хрватска во 1991 година, светските политички лидери имаа интерес Југославија да остане цела, за да не се загрози стабилноста на целиот регион. Меѓутоа, брзите политички промени кои уследија во 1991 година на меѓународната сцена, ги преоптоварија тогашните политичари и дипломати, оценува Холм Зундхаусен, германски историчар за Југоисточна Европа:
„Крајот на студената војна меѓу источниот и западниот блок, распадот на Советскиот Сојуз, пучот во Москва, обединувањето на Германија, војната во Заливот - сето тоа од темел ја промени насоката на меѓународната политика. Речиси ниеден политичар и дипломат немаше концепт како да се носи со таа ситуација.“
„Југославија ја уништија и ограбија Југословените“
Историчарот Зундхаусен смета дека Југославија можеше да се развива во насока кон „мала ЕУ“. Но, тогашните политички актери во регионот не успеаја под еден покрив да ги координираат големиот број мали држави, тврди и балканологот и новинар Ридигер Росих од Берлин:
„Југославија всушност експлодира. Можеме и во наредните 50 години да прикажуваме како Југославија ја уништија сили од надвор, меѓутоа Југославија ја распарчи, уништи и ограби нејзината сопствена политичка класа. Се’ додека не го признаеме тоа, мислам дека на подрачјето на поранешна Југославија нема да имаме ни политички, ниту пак економски напредок.“
Автор: Селма Филиповиќ / Зоран Јордановски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска