1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ракетни напади врз воени бази во Сирија

ЕМФ /агенции
30 април 2018

Повеќе воени бази во Сирија беа цел на ракетни напади. Загинаа најмалку 26 војници. Нејасно е кој ги испалил ракетите. Дел од сомневањата одат во насока на Израел.

https://p.dw.com/p/2wu6i
Screenshot Twitter Explosion Syrien Hama
Фотографија: Twitter

Воени бази на сириската армија се нападнати со ракети, јави сириската државна телевизија. На прикажаните снимки се гледаат големи експлозии на територија на базите. Првично беше јавено дека со ракети се нападнати и ирански милиции. Иран во меѓувреме демантираше дека во воените напади во Сирија загинале ирански војници. Во нападите западно од градот Хама нема загинати ирански воени советници, извештаите на странските агенции не се точни, јави иранската новинска агенција Исна повикувајќи се на неименуван извор. Исна претходно, повикувајќи се на странски извори, јави дека загинале 18 ирански војници.

Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права, која има седиште во Велика Британија, сопшти дека во ракетните напади, меѓу другото, се погодени Главниот штаб на 47. бригада западно од Хама, како и бази во близина на аеродромот во Алепо. На двете места, инаку, се стационирани и ирански единици. Иран е близок сојузник на Сирија во граѓанската војна.

Додека сириската државна телевизија без да наведува бројки јавува дека во нападите има загинати и повредени, Сириската опсерваторија за човекови права јавува дека се загинати најмалку 26 војници. Меѓутоа, нема потврда за ваквата информација од независен извор.

Homs Ruinen
Околината на Хомс беше цел на напади на почетокот на априлФотографија: picture-alliance/MAXPPP/Kyodo

Одговор на прашањето - кој стои зад нападите, сѐ уште нема. Сириската телевизија оценува само дека се работи за „нова агресија“. Повеќе медиуми шпекулираат дека зад нападот би можел да стои Израел. Од израелска страна засега нема коментар за нападите. Меѓутоа, израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман, само неколку часа пред нападите рече дека израелските безбедносни сили се подготвуваат за натамошни воздушни напади во Сирија. Израел, според него, има точно три проблеми: „Иран, Иран и Иран.“

Повеќе: 

Ескалација меѓу Израел од една и Сирија и Иран од друга страна

Германија ќе даде уште една милијарда евра помош за Сирија

Израел го обвинува Иран дека дава поддршка на исламистички терористички организации на Блискиот Исток. На почетокот на април, во напади на воени бази во близина на Хомс загинаа најмалку 14 лица. Сирија и нејзиниот сојузник Русија тогаш го обвинија Израел за нападите. Израелската влада не реагираше на обвинувањата.