1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разузнавачите на БНД работат за себе

Фолкер Вагенер/бг28 април 2016

Две и пол години откако светот дозна за сеопфатната шпионажа на НСА, сменет е шефот на германската служба БНД, Герхард Шиндлер. Тој воопшто не знаел што му се случува во домот, вели за ДВ новинарот Ханс Лајендекер

https://p.dw.com/p/1IeXe
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Минаа две и пол години откако Германците практично занемеа откако се откри дека американската НСА ги шпионира во голем стил. Оваа служба дури и соработувала со германската БНД, чиј шеф Герхард Шиндлер сега е сменет. Зошто дури сега?

Ханс Лајендекер: Бидејќи тогаш се сметаше дека тој не знаел што работат одделенијата во неговата служба. Но со анализа е утврдено дека такво нешто не е реткост во БНД. Тоа значи дека БНД, која годинава слави 60 години од постоењето, води некој свој живот- независно од тоа кој е претседател на службата. И Шиндлер поради тоа страдаше. Во конкретниот случај, со години се користени клучни зборови (поими за пребарување кои на БНД и ги давале американските служби, а врз основа на кои германската служба потоа шпионирала бројни лица, дури и претставниците на француската власт), а Шиндлер притоа и не знаел за што станува збор.

ДВ: БНД би требало да му биде подреден на Уредот на Канцеларот и контролиран од страна на надлежниот одбор на Бундестагот. Што ја разликува таа институција од другите?

Gerhard Schindler BND Präsident
Герхард Шиндлер, поранешниот шеф на БНД.Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Пред се тоа што таму работат разузнавачи, а дел од нив секогаш работат за себе- дури и против своите шефови. Многумина пристојно си ја вршат работата, но во суштината на тајната служба е во неа да постои и посебен вид луѓе. Затоа шефовите секогаш се на жешки столчиња бидејќи „работниците“ им се такви какви што се.

ДВ: И во германските тајни служби не беа сите одушевени од праксата БНД да и доставува информации на НСА. Кои беа интерните критичари на таа пракса?

Конфликтите всушност постојат во сите одделенија. Тешко е да се доведат пет тајни служби на иста маса и да се најде заедничка линија. Постојат одредени парцијални интереси, на почетокот беа 13 одделенија, сега се 12. Одделението кое го загуби тој статус беше во некој вид бунт. Таквите тензии и незадоволство на вработените кои се погодени ги познаваме од сите институции. Само, кај тајните служби тоа има ексцесивен облик.

ДВ: Своевремено Меркел им порача на американците дека не е пристојно „пријатели“ да се прислушкуваат меѓусебно. Но БНД со години практично му бил помошник на Вашингтон. Зошто Бирото на Канцеларот не можел подобро да ја контролира службата?

Бирото на Канцеларот добивал сознанија за такво однесување, но не ги следел трагите. Тоа е голем проблем. Во тоа биро постои координатор за работата на тајните служби, господин Фриче, кој е предупредуван за случувањата, но сето тоа го туркал во фиока. А цитатот на Ангела Меркел, дека на пријателите не им доликува да прислушкуваат, исто така се покажа како неточен бидејќи и самиот БНД во неброени случаи ги прислушкувал пријателите од Париз, Рим и други.

Hans Leyendecker bei Maybrit Illner 25.04.2013
Ханс Лајендекер, новинарФотографија: imago

ДВ: Што под новото раководство во БНД може и треба да функционира поинаку?

Надежта е дека секако нема секој да работи за своја сметка. Второ, треба да се бараат нови патишта на полето кибернетската безбедност. Трето, планирана е преселба од Пулах (насловната фотографија), каде што е сместен БНД, во Берлин. Тоа за БНД е многу компликувано бидејќи говориме за 6.500 соработници од кои 1.000 ќе останат во Пулах додека другите ќе бидат сместени во новата централа. Новиот шеф на БНД ќе има тешка задача службата да остане единствена целина.

Ханс Лајендекер (66) е меѓу најеминентните истражувачки новинари во Германија. Од 1980-те години откри бројни афери во високата политика. Работи за минхенскиот Зидојче Цајтунг.