1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размрзнување на релација Скопје-Атина

А. Ангелопулу/Т.Бреј (дпа) / ЕМФ20 декември 2015

Грција со години го блокира проближувањето на соседна Македонија кон ЕУ и НАТО. Сега за еден од најголемите балкански проблеми има надеж, анализира агенцијата ДПА, додавајќи прашално: „Или сето е само медиумска патка?“

https://p.dw.com/p/1HQfu
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pantzartzi

Македонскиот премиер Никола Груевски привлече внимание - ако досега во спорот со соседна Грција настапуваше како тврдолинијаш, сега, како што рече за британски „Гардијан“, бара компромис, се вели во анализата на германската агенција ДПА и се додава дека по изјавата на Груевски, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски бил во посета на грчкиот колега Никос Коѕијас (на фотографијата). Дали тоа значи најава на промени на јужниот Балкан, прашуваат авторите на анализата Алексиа Ангелопулу и Томас Бреј и потсетуваат на почетоците на спорот:

„Македонија е независна од 1991 година и од 1991-ва нејзиниот сосед Грција бескомпромисно бара Македонија да го промени државното име. Зашто, Македонија се вика и една северногрчка провинција. Атина постојано како агрумент го наведува стравот дека Македонија би имала територијални претензии, иако тоа во нејзиниот Устав е категоричнио исклучено. Грција е и членка на НАТО, а малата армија на Македонија нема ниту тешко вооружување. Уште повеќе од овој спор, во кој Обединетите нации со години попусто се обидуваат да посредуваат, амтосферата е затруена од интерпретацијата на античката историја.

Македонија отворено си го присвои античкиот македонски владетел Александар Велики. Но, и Грција смета дека тој е дел од нејзината историја. Антиката е од елементарно значење за создавањето на грчката нација во 19. век и за националната саморазбирливост, објаснуваат историчарите во Солун. Оттука, офанзивното присвојување на Александар од страна на Македонија навистина го боли соседот. Аеродромот во главниот град го доби неговото име, а центарот на Скопје сега е од темел реконструиран во неокласицистички стил. Иако, многу архитектурни критичари зборуваат за Дизниленд без стил. Многуте антички статуи, музеи, министерства и јавни објекти во антички стил, ја налутија Грција, која тоа го смета за напад на нејзиниот национален идентитет. Особено е критикувана огромната статуа на Александар на неоантичката фонтана во центарот.

Со оглед на тоа што толкувањето на историјата на Балканот традиционално игра голема улога и во модерната политика, Атина во знак на одмазда го стави Скопје под уште поголем притисок. Со своето вето таа ги спречува не само преговорите за приклучување во ЕУ (од 2005), туку и планираното приклучување кон НАТО (од 2008). И, сега би требало да се случи пресврт во насока на разбирање?

Сомневањата се јавија уште на почетокот на новиот курс. Груевски очигледно се уплаши од своите изјави во интервјуто и направи чекор назад. Соопшти дека не бил добро цитиран. А, неговиот министер за надворешни работи предупреди дека не треба да се имаат 'лажни очекувања' во спорот со името. Конечно, меѓу ставовите на двете земји сѐ уште има 'планини'.

Но, има и мали чекори кои даваат надеж. На сообраќајните табли на новиот грчки автопат од Лерин во насока кон соседот сега повторно се напишани македонските имиња на местата, кои ги немаше речиси половина век и кои беа заменети со нивната грчка варијанта“, се вели во анализата на германската агенција ДПА со наслов „Размрзнување меѓу Македонија и Грција“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема