1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работничкото достоинство во Македонија на гилотина

7 октомври 2011

Денеска (07.10.2011) и во Македонија по четврти пат се одбележува 7. октомври, Светскиот ден на пристојната работа, чиј иницијатор е Светската конфедерација на синдикатите. Но каква е состојбата во земјата?

https://p.dw.com/p/12new
Стечајни работници од ТетовоФотографија: DW

Генералниот секретар на Сојузот на синдикатите на Македонија Анѓелко Анѓелковски по повод денешниот ден за Дојче веле изјави : „Наназад веќе со години овој синдикат укажува дека е се’ поголема потребата за пристојна работа во земјата, затоа што како што одминуваше транзицијата, така се зголемуваа и повредите на правата од работниот однос. Но, со изрегулирањето на ситуацијата во оваа сфера, како и со решенијата, кои се содржано во законот за работни односи и во посебните закони за заштита на работа, нештата полека се средуваат и се подобруваат во насока на подобрување. Но, Сојузот на синдикатите се уште не е задоволен, бидејќи  во одредени гранки и дејности и натаму постои одредена злоупотреба на тој план. На пример, во врска со користењето на работното време и условите за работа. Мора да се почитува барем минимумот на законски одредби, што ќе му овозможи на работникот да го искористи работното време како што доликува и да има работно место и услови за пристојна работа. Затоа, ССМ од денешната седница ќе се огласи со укажувања до сите институции во земјата дека треба да се продолжи со унапредување на ситуацијата, оти тоа го наложуваат законската регулатива, но и укажувањата од сите релевантни фактори во земјата и во странство.“

Добра „дијагноза“ околу (не)постоењето на категоријата „пристојна работа“ во Македонија дава студијата „Обезвреднувањето на трудот“ со анализа на трудово – правната легислатива во периодот на транзицијата од минатата година на четворица експерти и аналитичари – Здравко Савевски, Димитар Апасиев, Александар Ковачевски и Кире Василев. „Станува збор за процес на намалување на правата, а не за изолирани случаи на нивно намалувања“ – се наведува во таа студија.

Die entlassenen Arbeitnehmer in den Unternehmen "Medicinska Plastika" aus Tetovo
Отпуштени работници од фирмата „Медицинска пластика“Фотографија: DW

Дваесетгодишен процес на кршење на правата

Еден од авторите, Здравко Савевски, професор по јавни политики на Факултетот за политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје, оценува за ДВ: „„.Не може да се каже дека во Македонија постои пристојна работа и оти се почитуваат работничките права. Работодавачите нив ги кршат масовно. Досегашните влади не сториле ништо во тој поглед. Дословно, секоја влада секоја година досега ги намалувала работничките права преку измени и дополни на законите. На тој начин, од една страна, се намалуваат правата, кои ги има работникот, а од друга страна, и оние права, кои тој ги има работодавците ги кршат. Притоа трудовите инспектори не си ја вршат добро работата, па тие кршења на работничките права се значително раширени. Процесот на намалување на правата на работниците трае 20 години без прекин. “

Савески дополнува: „И двете досегашни владејачки партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, ја спроведувале таа политика со цел да се оствари наводната ’флексибилност на пазарот на трудот’, која, божем, според неолибералистичката идеологија, ќе доведе до продуктивноста и на вработеноста. Во праксата може да се види дека нема зголемување на вработеноста и на животниот стандард на работниците, иако ним им се намалени  правата. Значи, една од темелните вредности на политиките на сите досегашни влади е неточна. Тоа би требало да поттикне на размислување: дали е исправно натаму да се продолжи со оваа политика на кратење на работничките права, или нешто да се промени во насока на зачувување на правата на работниците и на утврдување на концептот на ’пристојна работа’, кој е непознат во Македонија во значителна мера, за разлика од западниот, цивилизиран свет.“

„Немаш права, бидејќи си работник!

Првата новешко – македонска компанија „Тетекс – Јарн“ и Фабриката за медицинска пластика, обете од Тетово, кои веќе се заминати во стечај, а нивните 220, односно 430 работници на улица, се каркатеристични примери за тоа што претставувала пристојната, а што „непристојната“ работа.

Во мај годинава, кога стана јасно дека претстои стечај и затворање на „Тетекс – Јарн“ на двата протестни собира, едниот во мај, а вториот во август годинава, Милица Димитриевска, Гојко Тодоровиќ и одделни други вработени револтирано имаа изјавено за медиумите: „Бараме да ни ги исплатат заостанатите 4 плати за оваа година, како и да ги платат придонесите. Не сме зеле сини талони за здравствено осигурување, а цела зима работевме во кочан студени погони.“  Како највчудовидувачка остана изјавата на една друга работничка, која јавно имаше изнесено дека еден сменоводител ја навредувал, кога прашувала кај се нејзините неземени плати, велејќи и дека таа нема права, бидејќи е работник!?

На протестниот собир одржан вчера (6.10.2011 година) дел од некогашните работници – акционери, а сега веќе петта година стечајци во Фабриката за медицинска пластика „Тетово“, искажувајќи ги своите барања да им се исплатат заостанатите плати и пензиски придонеси за минати 4 години, со носталгија се потсетија за годините пред да се прогласи стечајот во 2006 – та.

Мусли Изаири, Благоја Величковски и другите стечајци од ова претпријатие ни рекоа: „Тогаш имавме навистина пристојна работа: редовна плата од околу 300 евра, исхрана, работевме во чисти и топли простории, имавме хигиено – техничка и друга заштита на работните места ... Денес немаме ништо, на улица сме и без пари. Новите директори, кои дојдоа потоа,  зедоа се, а нам не ни дадоа ништо. Ги загубивме и нашите работни места.“

Савевски фрла уште еден поглед на состојбата во земјата: „Во име на слободата на пазарот и на претприемништвото во неа фактички се случува жртвување на работничките права. Заради остварување повисок профит се зголемува експлоатацијата на работниците и се намалуваат работничките права. Толку е раширена таа појава што може да се каже дека имаме на дело ’работничка гилотина’, слична на онаа што Владата ја рекламирање на ’регулаторната гилотина’, односно за кастрење на законите и другите акти. Но, оваа 'работничка гилотина' е дотолку полоша, бидејќи зборуваме за луѓе со свое човечко достоинство и човечки права, кои широко се кршат.“

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Сојузот на синдикатите на Македонија е предводник во борбата за работничките права во земјатаФотографија: Petr Stojanovsk

Конвенцијата за минималната плата ратификувана пред 20 години но неприменета досега

Запрашан дали во Македонија се применува практично визијата за пристојната работа на Меѓународната организација на трудот, нејзиниот национален координатор за оваа држава Емил Крстановски изнесува во писмената изјава за ДВ: „„Како и во сите земји во светот, и во РМ постојат дефицити на пристојна работа, како што се, на пример, родовиот јаз во заработувачката на жените и мажите, големата невработеност на младите, ниското ниво на партиципација на жените на пазарот на труд и т.н. Меѓународната организација на трудот во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и организациите на работодавачи во Македонија, работи активно на остварување на целите поставени во Програмата за пристојна работа за Македонија, која ја зацртаа заеднички минатата година. РМ има ратификувано 70 конвенции на МОТ, за кои има обврска да ги реализира. Таков е примерот со Конвенцијата 131 за минимална плата, која беше ратификувана пред 20 години, но, сепак, не беше применета.“

Тој  додава: „Утврдувањето на минималната плата во пресрет на 7 - ми Октомври е голем успех и чекор напред во спроведувањето на меѓународните трудови стандарди и за подобрување на состојбата на најранливите категории на работници.  Голем успех за социјалниот дијалог во Македонија е тоа што овој договор е направен во рамките на Економско - социјалниот Совет, како и тоа  што зад него застанаа најголемите организации на работодавачите. Очекувам доследно применување на минималната плата. За понатамошен напредок и елиминирање на дефицитите на пристојна работа во Македонија е потребно, пред се, натамошно зајакнување на социјалниот дијалог.

Во врска со договорената минимална плата со износ од 8050 денари професорот Савески коментира: „Важен и прв чекор е тоа што, конечно, во Република Македонија се утврди минималната плата. Но, самото законско утврдување на таа плата не значи и автоматски дека таа ќе се применува. Дословно, сега доаѓа потешкиот дел од задачата: колку таа мерка ќе се спроведе во стварноста? Јас лично се сомневам дека работодавците ќе се обидат да најдат некој начин да ги ескивираат одредбите од договорот. Но, затоа е тука државата, која е еден од потписниците и таа преку своите инспекциски служби да овозможи да биде почитуван законот и договорот меѓу социјалните партнери.“

Генералниот секретар на ССМ Анѓелковски заклучува: „Под рамништето на минималната плата ќе нема егзистенција за работниците. Не случајно ние баравме многу повеќе од оваа плата, ама се договоривме за оваа сума, која може да биде исплатувана. Ако не биде така, тогаш, најверојатно, ќе бараме примена на законот и на казните, кои нема да бидат така лесни, туку остри.“ 

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски