Путин ги обвинува САД за протестите, Горбачов бара поништување на изборите
8 декември 2011Во третата ноќ од протестите продолжија апсењата во Москва и Санкт Петерсбург, каде во притвор завршија 70 демонстранти. „Резултатите не ја одразуваат волјата на народот. Затоа мислам дека руските лидери можат да направат само една одлука - да ги поништат резултатите од изборите и да спроведат нови“, рече Горбачов.
Бранот протести и губењето на дел од поддршката на парламентарните избори потврдуваат дека рускиот премиер, Владимир Путин се соочува со неочекуван предизвик пред да се врати во Кремљ преку парламентарните избори во 2012-та година. Во контекст на зголемениот меѓународен аларм за лажирање на гласањето, се огласи и поранешниот советски лидер, Михаил Горбачов, кој побара нови избори поради бројните фалсификати и лажирања.
Рускиот премиер, Владимир Путин обвини дека САД се одговорни за поттикнување на протестите во земјата. Според него, стотици милиони долари од странски фондови биле искористени за да се влијае на гласањето, а американската државна секретарка им дала сигнал на опозиционерите да излезат на протест.
Светските дипломати обединети во оценката на изборите
Опозицијата тврди дека намалената поддршка за партијата на Путин би била уште помала, ако се спроведат слободни избори. За исходот од гласањето загриженост изразија и американската државна секретарка, Хилари Клинтон и шефицата на европската дипломатија, Кетрин Ештон.
И германската канцеларка, Ангела Меркел вчера (07.12.) ја повика Русија да ги расчисти извештаите за нарушувања на изборниот процес и да им дозволи на демонстрантите да кажат што имаат на улица. Загриженост за апсењето на опозицијата изрази и Франција, преку министерот за надворешни работи, Ален Жипе.
Власта го затвора местото за протести, поради копање за водоводна мрежа
Опозицијата тврди дека резултатите се чудни. Така, во кавкаскиот регион од Чеченија 99,50 проценти од гласачите се определиле за партијата на Путин, а сличен е случајот и со психијатриската клиника во Москва, каде речиси сите пациенти гласале за Единствена Русија. Затоа, приврзаниците на опозицијата се организираат преку интернет за да продолжат со протестите. Повеќе од 20.000 членови на Фејсбук, групата направена за таа намена, потврдиле присуство на протестите планирани за викендов, и покрај тоа што властите се закануваат со затворање на плоштадот, на кој се собираат демонстрантите.
Објаснувањето на градоначалникот, Александар Горбенко е дека е издадена дозвола за протест на тој простор за само 300 луѓе, а не за повеќе. Во меѓувреме, општинските власти објавија и дека на местото на протестот мораат да се прават итни поправки на водоводната мрежа.
И покрај тоа, демонстрантите излегуваат на протест и не ги загрижува ниту фактот што во минатите неколку дена беа уапсени 1.000 демонстранти, меѓу кои и лидерот на опозицијата, Борис Немцов, а двајца други високи претставници од опозицијата, Илија Јашин и Алексеј Хавални, беа осудени на 15-дневен затвор.
Автор: Александар Методијев /афп/миа/ртр
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска