1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите против Г-20 не постигнуваат ништо

Бернд Ригерт
6 јули 2017

Со недели, најавите за демонстрации против самитот на Г20 во Хамбург достигнаа хистерија. Но, самитот не е добра цел за оние кои всушност сакаат да постигнат нешто, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/2g1Ic
Hamburg Protest gegen G20
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Крајно левите групи меѓу демонстрантите на самитот на Г20 во Хамбург- кој почнува в петок бараат глобална револуција и крај на капиталистичкиот систем. Нема да го постигнат ни едното ни другото во Хамбург. Дури и пошироките протести против глобализацијата имаат логика колку и протести против минувањето на времето. Сѐ додека демонстрантите се мирни, веројатно ќе се сведат на ритуал кој веќе го препознаваме при одржувањето на секој сличен самит во демократска земја. Планираните протести не се ништо повеќе од политичко кабаре.
Конкретните демонстрации- на пример против специфични прекршувања на човековите права во Кина, Русија, Турција или Саудиска Арабија- би имале далеку повеќе смисла. Протести против трговските политики и неодмерениот нео-национализам на Доналд Трамп, би погодувале каде што треба. Она што никако не е на таа линија е генеричкиот отпор кон слободниот германски политички систем кој дозволува вакви јавни демонстрации, воопшто.
Насилството не треба да биде средство на политичкиот дискурс, и добро е што полицијата вети нулта-толеранција во Хамбург. Тука не треба да им се дава шанса на насилните демонстранти кои, слично како и фудбалските хулигани, само сакаат добра тепачка со властите.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Празна дискусија
Оние критичари кои велат дека на вакви глобални самити не им е местото во градови каде доминираат левичарски радикали не се во право. Правото на собир во Хамбург се однесува и на сите 19 земји плус ЕУ. И секако тие треба да добијат можност да се среќаваат и да разговараат, дури и доколку нема конкретни резултати.
Масовното полициско присуство е неопходно за заштита на учесниците на самитот, но во прв ред за да се одржи некаков ред меѓу демонстрантите. Колку повеќе протести, толку поголеми обврски за безбедносните сили. Одлуките, некои самити да се префрлат во оддалечени и изолирани места како Хајлигендам (2007) или Елмау (2014) исто така беа критикувани. Таму, се велеше, моќните се задскрија, а гласот на демонстрантите воопшто не беше слушнат.

Доволен е Трамп
Дискусиите брзо се префрлаат и на дилемата дали вакви самити се воопшто неопходни. Одговорот е, да. Најважните светски лидери мора да разговараат меѓу себе. Молкот носи недоразбирања. Средби лице-в-лице често можат да постигнат повеќе одошто било какви анализи или студии. Во Хамбург, неискусниот претседател на САД, Доналд Трамп ќе се сретне со далеку поискусниот руски претседател Владимир Путин, и тоа ќе биде најважниот момент на самитот. Доколку овие двајца не се усогласат, тоа може да има само негативни последици за Европа и за остатокот на светот.
Светот исто така чека да слушне повеќе од Трамп за неговиот пристап кон глобалната трговија и кризата околу Северна Кореја. Хамбург ќе биде шоу на Трамп, а темите за кои беше создаден Г20- како да се избегнат финансиски кризи и да се одржи растот на глобалната екомомија- ќе бидат на второ место. Заштита на климата, трговија, миграции? Пораката од Хамбург најверојатно ќе биде: Трамп против остатокот од светот. Тоа е доволно тажно само по себе. Не ни се потребни и дополнителни слики од насилни демонстрации.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема