1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Шпанија и покрај забраната

21 мај 2011

Илјадници жители на Шпанија, претежно млади луѓе, синоќа и денеска (21.05.) ги продолжуваат протестите против лошата економска состојба во земјата, и покрај забраната за демонстрации во пресрет на утрешните избори.

https://p.dw.com/p/11Kqb
Фотографија: dapd

Демонстрантите бараат реформи на шпанскиот демократски систем, за кој велат дека е корумпиран и дека најмногу им служи на интересите на банките и капиталот и ги поддржува само двете најголеми партии.

„Сакаат да не‘ остават без државно здравствено осигурување, без државно образование, половина од младите се невработени, старосната граница за одење во пензија е покачена. Тоа е дефинитивно напад врз и онака малата социјална сигурност што ја имавме, ако воопшто може да се нарече така“, велат присутните на протестите.

На централниот плоштад Пуетра дел Сол во Мадрид над 25 илјади демонстранти протестираа против забраната за собири, кога таа стапи на сила на полноќ. Многумина од нив симболично залепија самолепливи ленти на усните. Демонстрации има и во Барселона. Таму на полноќ се собраа осум илјади лица, извикувајќи „Нема да заминеме!“ Протестите се опишуваат како мирни и добро организирани. Засега нема информации за полициска интервенција.

И покрај официјалната забрана за протести, владата најави дека нема да ги растури, доколку се одвиваат мирно. Властите се обидуваат да избегнат предизборно насилство, и покрај одлуката на Државната изборна комисија за забрана на демонстрациите во текот на денешниот ден, кога, всушност, на сила е предизборниот молк и утре, кога ќе се спроведе гласањето.

NO FLASH Spanien Madrid Proteste
Демонстрантите веќе една седмица го запоседнаа централниот плоштад во МадридФотографија: AP

Невработеноста се искачи на дваесет проценти

Социјалистичката влада на премиеро Хозе Луис Запатеро е внимателна во однос на протестите. Доколку ги задуши, или, пак, избие насилство, тоа ќе значи уште поголеми загуби за нив на утрешните избори. Демонстрантите, сепак, не застанаа на ниту една политичка страна, ниту, пак, повикаа на воздржување од гласање или предавање празни гласачки ливчиња.

Протестното движење во Шпанија, во меѓувреме, стана познато како М-15, односно 15. мај, денот кога десетици илјади Шпанци излегоа на улица во повеќе поголеми градови. Инаку, движењето „живее“ на интернет веќе неколку месеци, како одговор на катастрофалната економска состојба во Шпанија, која предизвика невработеноста да се зголеми на дваесет проценти. Ситуацијата е уште поалармантна кај младите луѓе - над четириесет проценти од нив се без работа.

„Никој не може да каже што ќе дојде, но едно е сигурно: ќе има некакви промени, нешто ќе се случи“, сигурни се демонстрантите.

Иако шпанското стопанство официјално излезе од рецесија, во наредните години се очекува релативно слаб раст на производството.

Автор: ТТ/ЕМФ/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска