1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Просемејна политика - фактор за деловен успех

Џесика Кристек/З. Јордановски27 октомври 2015

Усогласувањето на семејниот живот со професионалната кариера се’ повеќе е предизвик и за стопанството: персонална политика со осет за семејните потреби станува фактор во битката за придобивање млади стручни сили.

https://p.dw.com/p/1Guy8
Фотографија: Fotolia/Andrey_Arkusha

„За 90 проценти од помладите вработени персонална политика со осет за семејните потреби е подеднакво важна колку и висината на платата. Оваа тема никако не може да се одбегне во време на се’ поголем недостиг од стручна работна сила и на битка за најдобрите млади сили“, вели Верена Херб, портпарол на германското министерство за прашања на семејството.

Места во детски градинки, флексибилни модели на работно време, канцеларии во кои покрај родителите ќе има место и и за децата или пак дополнителен финансиски додаток - многукратни се можностите за понуди соодветни на семејните потреби. Но, ова не треба да се сведува на социјални придобивки, оти тоа и економски е исплатливо за претпријатијата. „Докажано е дека благонаклоноста кон семејните потреби придонесува за поголема работна мотивација и за подобра клима во претпријатието, за помалку отсуства и за севкупно повисока продуктивност. Ползата од таквите мерки значително ги надминува трошоците“, вели Херб. И Биргит Риграф, професор по социологија на универзитетот во Падерборн, е за поврзување на социјалната со економската перспектива: „Вработените кои се идентификуват со претпријатието се битен економски фактор. Свесна просемејна персонална политика е дел и од општествената одговорност, што треба да ја преземат претпријатијата поаѓајќи и од сопствениот интерес“.

Консеквенции од демографските промени

Работодавачите доаѓаат на вакви размислувања првенствено кога сакаат да ги задржат квалификуваните и докажани соработници, во кои честопати со години инвестирале. Се’ повеќе претпријатијата се конфронтирани и со последиците од демографските промени. Во многу рурални делови на Германија владее недостиг од млади стручни сили. Токму за средните и семејни претпријатија е клучно да се разликуваат со индивидуален квалитет за да можат да држат чекор со големите и познати концерни во големи градови. „Регионите си конкурираат во битка за добро квалификувана работна сила. Со свесна просемејна персонална политика побргу се регрутираат нови сили, повисок е бројот на кандидатите и многу често и квалитативно подобар“, наведува Анита Халфт, раководител на проект во Компетентниот центар жена и професија во регионот на Рајна и Зиг.

Deutschland Birgit Riegraf Uni Paderborn
Биргит РиграфФотографија: Uni Paderborn/A. Rutenburges

Свесна персонална политика во мали чекори

Честопати се доволни и мали чекори за создавање на позитивна работна клима, како што покажува примерот од претпријатието ГринГгејт од Виндек, градче во рурален регион. Тоа е соочено со два предизвика: токму во ИТ-браншата се бараат добро квалификувани соработници, и, кога ќе бидат пронајдени такви, ред е на работодавачот да им понуди убедливи услови. Кај ГринГејт, згора на тоа, во прашање е и за таа бранша нетипичното седиште на фирмата. Значи, комбинација која на прв поглед бара особена умешност од фирмата. Но, зафрлената позиција на Виндек не претставува пречка, туку побргу една посебност: „Имаме голем интерес луѓето долгорочно да останат вработени кај нас. Во селски предели има помалку конкуренција“, вели Франк Лагеман, претседател на Управниот одбор на софтверската фрима ГринГејт. Атрактивноста на регионот игра важна улога за вработените: „Региони во кои семејствата се чувствуваат добро, се подобро социјално и економски поставени“, нагласува Верена Херб.

Декларативното - и реалната состојба

Но, наместо долгорочна верност кон работодавачот, денес е многу потипично работниците често да ги менуваат фирмите. И од таа перспектива стануваат се’ порелевантни просемејните структури како централен фактор. Биргит Риграф сепак смета дека и покрај сите позитивни декларирања за просемејни структури, во многу претпријатија вистината е сосем поинаква: „Во културата на многу претпријатија и натаму важи мотото дека оној кој најголем дел од времето го минува на работното место, најмногу и работи и повеќе е ориентиран кон градење кариера.“ Се’ додека просемејната персонална политика не биде признаена како самопосебе разбирлив дел од управувањето со претпријатието, ни понудите што спаѓаат во тоа не ќе можат трајно да се наметнат во секојдневието.

Херб нагласува дека веќе сите бранши се занимаваат со оваа тема, но „токму во малите претпријатија во приватна сопственост често недостасуваат капацитети за стратегиски персонален менаџмент“.

Deutschland Frank Lagemann GreenGate
Франк ЛагеманФотографија: GreenGate

Вработените како суровина за подобри постигнувања

Просемејна претприемничка култура за Франк Лагеман од ГринГејт е самопосебе разбирлива: корпи секогаш полни со овошје, бесплатен ручек, преземање на трошоците за места во детски градинки и можност за дошколување за време на породилното отсуство. „Вработените забележуваат дека претпријатието се труди околу тоа. Ние ги преземаме сите организаторски работи, за да може работниот процес добро да се усогласи со семејството“. Добивката на едно претпријатие секогаш зависи и од способноста и односот на вработените. Според Лагеман, тие мораат да имаат чувство дека се ценети. Само така може со успех да се полага врз постоечкиот потенцијал. Договарање и брзо изнаоѓање решенија: концепт кој не треба да ги предодредува само услугите за клиентите, туку и персонална политика.