1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто пролетта нѐ прави уморни?

Катарина Реданц / Е.М. Фиданоска7 април 2016

Првите сончеви зраци нѐ мамат да излеземе на отворено - во кафулињата, на велосипед или прошетка. И, одеднаш стануваме уморни. Пролeтно уморни. Да, тоа навистина постои. Како пролетта влијае врз состојбата на организмот?

https://p.dw.com/p/1IQAJ
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Kambayashi

Првите цвеќиња цутат, дрвјата раззеленуваат, животните се будат од зимски сон, а од домовите сѐ повеќе излегуваат и луѓето.

„Човекот напролет станува активен, затоа што високите температури и повеќе часови дневна светлина го стимулираат организмот. Двете работи имаат позитивно влијание врз размената на материи“, вели медицинарот Франк Бартрам. Напролет се менува состојбата со хормоните. На пример, серотонинот, познат и како хормон на среќата, се лачи почесто. Телото, со почетокот на пролетта, го менува така да се каже својот зимски модус во модус на топло време. Токму ваквата промена, меѓутоа, е причина и за стариот познат пролетен умор.

Пролетен модус

„Природата на различни начини влијае врз човекот“, објаснува Андреас Мацаракис, раководител на Центарот за медицинско-метеоролошко истражување на Германската служба за времето (ДВД). Имено, околината влијае врз човечкиот организам преку кожата, дишењето, исхраната, сетилата и вегетативниот нервен систем.

„Пролетниот умор е комбинација од овие фактори“, објаснува Мацаракис. „Кожата е погодена од растечките температури и зголеменото сончево зрачење, а врз дишењето пред сѐ влијае концентрацијата на полен.“ Покрај тоа, почесто се јавуваат и главоболки поради промената на времето.

„Телото не може да излезе брзо на крај со ваквите промени на должината на денот, на светлината и температурите“, вели Мацаракис. „Затоа, почесто се јавува исцрпеност, која е позната како пролетен умор.“ На телото, по правило, му се потребни една до две недели да се престрои, сѐ зависи од тоа колку студена и колку долга била зимата.

Frühjahrsmüdigkeit
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand

Нема само пролетта влијание врз човечкиот организам. И другите годишни времиња можат да го оптоварат телото. На пример - летото. „Температурите од 20 до 30 степени влијаат позитивно врз нашиот организам, но кога температурите се приближуваат до висината на температурата на телото, тогаш тие претставуваат товар. Телото веќе не може добро да се лади“, објаснува Мацаракис. Последиците од тоа се движат од исцрпеност до сериозни болести и смрт.

И повторно сѐ од почеток

Наесен телото е соочено со слични предизвици како напролет. „Телото мора повторно да се престрои, овојпат од топло на ладно“, вели Мацаракис. Тоа може повторно да биде причина за умор, „иако човечкото тело всушност поседува способност да се снаоѓа со промени од топло на ладно и обратно“.

Со доаѓањето на зимата организмот повторно се прилагодува на ниски темепратури, „дури може да се каже дека човекот се наоѓа во еден вид зимски модус“, вели Мацаракис. Тоа не може да се спореди со зимскиот сон кај животните, но поради пократките денови и темнината се излачува повеќе мелатонин, односно таканаречениот хормон за спиење.

Значи, различните годишни времиња влијаат врз човекот, но во меѓувреме тоа влијание е сѐ помало, затоа што обичниот човек денес до 90 проценти од годината минува во затворени простории. „Тоа значително го намалува влијанието на годишните времиња врз организамот“, заклучува Бертрам.