1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжение на невообичаена кариера

28 октомври 2009

Ангела Меркел е на целта: по вторпат е избрана за канцелар на Германија. Досегашната и идна канцеларка во политиката дојде случајно.

https://p.dw.com/p/KHRE
Ангела МеркелФотографија: AP

Што уште се брои на ден како оној, кога Ангела Меркел не постигна спектакуларна изборна победа? Кога нејзините демохристијани постигнаа уште полош резултат од најлошиот? Тоа се случи пред четири години кога Христијанско-демократската партија и Христијанско-социјалната партија не можеа да формираат влада со посакуваниот коалицонен партнер либералите, туку ја формираа големата коалиција заедно со социјалдемократите.

Merkel wiedergewählt
Меркел прима честитки за вториот мандат од колегитеФотографија: AP

На изборите пред четири недели се „лизна“ СПД, а либералите под водство на Гидо Вестервеле значително го подобрија изборниот резултат, такашто овојпат може да формираат влада на центарот. При потпишувањето на коалициониот договор во понеделникот Ангела Меркел рече: „Долго работевме за да исковаме ваква коалиција, и тоа треба да не води и во деновите кога ќе биде потешко.“

Ангела Меркел ги познава таквите денови од претходната коалицја, кога требаше да се спроведат непопуларни мерки, на чело со покачувањето на ДДВ и останатите даноци за потрошувачите.

Најомилена политичарка

Сепак на Ангела Меркел и успеа она што досега не му успеало на ниту еден канцелар: таа стана најомилена политичарка. Значителен придонес кон ова дадоа нејзините настапи на меѓународната сцена. Имаше среќа, што уште втората година откако ја презема функцијата, Германија претседаваше со Г8 и ЕУ. Но, беше умешност, тоа што го извлече од можноста што и се даде. Претседателството со ЕУ почна во најлоши околности. Ирците на референдум го одбија реформскиот договор, политиката се најде во шок. Но Меркел појаснуваше: „Оваа тема нема да ја затвориме, но сега ќе ја завршиме фазата на рефлексија и ќе покажеме пат, какво решение може да понудиме за луѓето во Европа пред европските избори.“

... тој пат доведе до Лисабонскиот договор, кој е пред целосна реализација.

Во костец со финансиската криза

За популарноста на Меркел придонесоа и успесите на внатрешно-политички план: невработеноста се намали за речиси два милиона невработени, во 2007 година, за првпат по повеќе децении, јавните каси во Германија нотираа суфицит. Но тогаш дојде светската финансиска криза, и се закануваше распад на банките од досега невидени размери. За да избегне паника, Ангела Меркел објави широки гаранции: „На штедачите им велиме дека им се сигурни заштедите, тоа го гарантира германската влада.“

Deutschland Wirtschaft Symbolbild Konjunktur IFO
Стопанството во кризаФотографија: AP

Потоа беа изработени пакети за санација на банките и две економски програми. Овие мерки навистина придонесоа за тоа, до денот на изборите повеќето од граѓаните да не ја почувствуваат финансиската криза. Сега Ангела Меркел може да застане на чело на коалиција, која одамна ја посакува. Ја постигна целта, која на почетокот на нејзината кариера не се наѕираше.

Од научник до политичар

Combo Bild Merkel gestern heute
На почетокот на кариерата и денесФотографија: AP

Меркел, природно научник по професија, која живееше во Источна Германија во политиката влезе случајно, и тоа затоа што знаеше да ракува со комјутер, кој христијанската опозиција во времето на пресвртот во ГДР го доби како подарок. Наскоро стана портпарол на владата на првиот слободно избран премиер на ГДР, потоа повторно, речиси случајно стигна до ЦДУ, затоа што нејзината групација се приклучи кон демохристијаните. По првите избори во обединета Германија стана министер за жени и млади во владата на Хелмут Кол. Со умешност, среќа и храброст Меркел стигна до врвот на партијата и 2005 година за првпат стана канцеларка. За кратко потоа, на годишнината на обединувањето да резимира: „Дека некој како јас, жена од поранешната ГДР, ќе стане канцелар на обединета Германија, по десет месеци на функцијата од една страна е секојдневие. Но од друга страна на ден како денешниов тоа е нешто посебно.“

Невообичаената кариера продолжува.

Автор: Петер Штитцле / Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска