1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продај крава, купи карта за Брисел

7 октомври 2011

Дваесетина мештани од селото Јакеш, општина Вукосавље, заминаа за Брисел. Мотив за тоа е тешката економска ситуација. „Државата затаи, луѓето се неинформирани, позајмуваат пари, продаваат крави за да дојдат до Брисел“.

https://p.dw.com/p/12nX2
Со визната либерализација многу граѓани на Босна и Херцеговина заминаа во западноевропските држави во потрага по подобар животФотографија: AP

Малата „дејтонска“ мултиетничка заедница Вукосавље со околу 6 000 жители за многумина не е вредна да и се обрнува внимание. Дека е така се илустрира со забелешката на градоначалникот на оваа општина, Елвир Хаџиомеровиќ, кој не беше повикан на неодамна одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи.

„Администрацијата во Сараево го заборава Вукосаве кога ги повикува градоначалниците од Оџак, Орашје, Модрич, Градач да зборуваат за посавските азиланти“, нагласува Хаџиомеровиќ.

Bosnien Herzegowina Vukosavlje
Мотивите за заминување се од економска природа, бидејќи општината Вукосавље е исклучително неразвиена, тврди градоначалникот Елвир ХаџиомеровиќФотографија: DW

Етнички и политички разлики, но заедничка мака

Општината настана во Дејтон, од делови на Модрич и Оџак. Населението се занимава со земјоделие. Половина од нив се Срби, а останатите Бошњаци и Хрвати. Во локалното кафуле „Палма“ седат заедно луѓе и со различни политички убедувања.

„Приказната за несигурноста е истрошена. Освен економските, ние немаме други проблеми. Видете, овде има повеќе повратнички од домицилни деца во основното училиште. Вукосавље е најмладата повратничка општина во Босна и Херцеговина, но сите некако ја држат на страна. На пример, во Брчко вложуваат осум милиони конвертибилни марки во куполата на Културниот центар, а овде толкави пари не се потрошени во сите проекти заедно откако тргна враќањето“, вели пратеникот во собранието на Република Српска, Амир Захировиќ.

Bosnien Herzegowina Vukosavlje
Приказната за несигурноста е истрошена, а народот има само економски проблеми, вели пратеникот во собранието на Република Српска, Амир ЗахировиќФотографија: DW

Да се зборува за случајот со азилантите во Јакеш е слично како да се зборува за јаже во куќата на оној кој се обесил. Големиот интерес за ова село ги збуни мештаните ненавикнати на микрофони, камери и фотоапарати. Дваесетина жители, Бошњаци, тргнаа кон Белгија со намера таму да добијат азил.

„Мотивите за заминување се од економска природа, бидејќи ова е исклучително неразвиена општина со неразвиени стопански капацитети и луѓето овде не гледаат перспектива. Тоа е единствената причина за заминување“, тврди градоначалникот Хаџиомеровиќ.

„Нас не интересираше дали овие заминувања имаа некоја криминална позадина, некој да не ги организира луѓето во тој правец или да не има некоја политичка позадина. Правото на слобода на движењето никој не го оспорува, меѓутоа има проблем ако не ги информираме луѓето, ако одат и се вратат по некое време изложени на трошок, а со тоа ништо да не направат. Државата затаи и реагираше неадекватно“, вели советникот во општината Вукосавље, Зехид Омичевиќ. Тој додава дека „кога министерот за внатрешни работи е единствен што настапува во јавност, тогаш се добива впечаток дека тука има работа за полицијата, а јас одговорно тврдам дека не е така“.

Bosnien Herzegowina Vukosavlje
Државата затаи и не го информираше населението дека азил не се добива, вели советникот во општина Вукосавље, Зехид ОмичевиќФотографија: DW

И без крави и без пари

Во селото е исклучително живо, минуваат комбајни, трактори... На приземјето од една куќа, во продавницата за облека на старо, две жени бираат носени џемпери, а момче во дворот завршува со бојадисувањето на темно синиот голф. Тие не се расположени да зборуваат на оваа тема.

Јасмин Аличиќ лупи компир пред куќата и зборува со крената глава.

„Само да ми ветат дека некаде на друго место ќе биде убаво, би заминал утре, но во овој случај е проблем што народот слушаше лаги и поверува, ќе потроши пари и ќе се врати. Меѓутоа, нека ги вратат. Одат тие што имаат роднини, имаат добри куќи и камиони. Зошто нам поради нив да ни укинуваат визи“, прашува тој. Аличиќ во повеќе наврати слушал приказни како Белгија им дава прибежиште на  Бошњаците и Ромите.

Bosnien Herzegowina Vukosavlje
Да ми ветат дека некаде на друго место ќе ми биде поубаво, уште утре ќе заминам, вели Јасмин АличиќФотографија: DW

„Народот верува и заминува. Тие што се вратија не сакаат да зборуваат за тоа. Меѓутоа, има многу што уште се таму во некои собирни центри, но не знаеме што се случува со нив и дали ќе бидат вратени во БиХ. За тоа не се зборува само во нашиот крај. Автобусите постојано возат, народот оди, позајмува пари, продава крави... А, што ќе биде на крај – не знам“, вели Аличиќ.

Синот на Зејна Зелинчевиќ заминал во Белгија. Таа се грижи нејзината изјава да не биде злоупотребена. Сепак, зборува како нејзиниот син Суад заминал, бидејќи овде нема перспектива.

„Никому не му даде пари, ништо не беше организирано, само купи карта и понесе пари за џепарлак. Веќе две години планираше да оди во некоја европска земја, бидејќи овде нема што да прави. Заврши средно училиште и кратко работеше во една фирма. Не е наклонет кон некакви незаконити работи и отиде како турист. Во моментов е во Брисел, а сакаше да оди за Германија, но се премисли. Отиде во Брисел, таму се пријави, има сместување и храна. Не му е добро, но не му е ни лошо. За среќа знае германски јазик и веројатно ќе се снајде“, вели мајка му Зејна.

Bosnien Herzegowina Vukosavlje
Населението позајмува пари, продава крави и бара азил на западФотографија: DW

Сосема е сигурно дека населението во недостаток на вистински информации, носи погрешни одлуки. Како што вели градоначалникот Хаџиомеровиќ „договорено е општинските администрации на Вукосавље, Оџак, Модрич и Градач да покренат кампања на ниво на месни заедници, со која ќе се информира населението за тоа дека безвизниот режим не значи и дека граѓаните на БиХ можат да работат или да бараат азил во земјите од ЕУ“.

Автор: Мирсад Чамџиќ / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски