1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогон на христијаните ширум светот: Премногу е!

Кристоф Штрак / превод: ЕМФ6 февруари 2016

Повеќе од 100 милиони христијани ширум светот се прогонувани поради својата вера. Омразата кон христијаните е и индиција за кризата на исламот, оценува Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/1HfHH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Само во 12-те месеци пред октомври 2015-та биле убиени 7100 христијани поради нивната вероисповед, а нападнати биле над 2400 цркви. Тоа се основните податоци за „Индексот за прогонување во светот“, кој на почетокот на годинава го објави организацијата Отворени врати (Open Doors). Бројките се големи, драматично големи. А, многуте индивидуални судбини може само да се претпоставуваат.

Можеби христијанската организација Отворени врати има евангелистички белег и можеби терминологијата како „Индексот за прогонување во светот“ е претерана. Во времиња на рангирање и рекорди, секоја листа лесно стигнува до медиумите и пазарот. Двете големи цркви во Германија претставија еден не помалку фундиран извештај, кој исто така предизвикува загриженост, но во кој нема поими како „води на листата“. И Амнести Интернешнал во својот годишен извештај за состојбата со човековите права, кој е ценет во светот, се фокусира на дијагностицирање на проблемите, а не на табели. И тоа е добро.

Тренд кој предизвикува загриженост

Но, и покрај сите овие задршки, важи: трендот кој се наѕира од извештајот на Отворени врати предизвикува загриженост. Положбата на христијаните во пет од седумте најбројни по население земји во светот - Кина, Индија, Индонезија, Пакистан и Нигерија - е тешка. Степенот на тежината на нивната положба е различен, но без исклучок се работи за земји на кои западниот свет гледа како на огромни пазари и се бори за присуство на нив. И, се работи за земји кои се доказ за тоа дека повредите на човековите права, на слободата на мислење и на верската слобода често, ако не всушност и секогаш, одат едно со друго.

Исто така горчлив податок: радикалниот исламизам, кој е против слободите и е подготвен на насилство, станува сѐ поголем проблем. Девет од десетте држави кои водат на листата на Отворени врати, се муслимански. Муслиманските мислители би морале повеќе да се позанимаваат со овој феномен, ако не дури и воопшто да почнат да се занимаваат. Тука не мислам на соседот Турчин или бегалецот во Германија. Не, мислам на авторитети во академските институции, како универзитетот Ал-Азар во Каиро или пак, со право критички набљудуваниот, т.н. „Абдула-центар за интеррелигиозен и интеркултурен дијалог“ во Виена. Повикани се и учителите по религија во централните верски места во Саудиска Арабија и Иран.

alt - bitte stattdessen 43309813 verwenden
Кристоф ШтракФотографија: DW

Исламот пред себе има долг пат, кој се чини каменест и пречесто - крвав. Тоа го забележуваат како христијаните, така и претставниците на малцинствата во рамки на исламот или Евреите, ако воопшто ги има сѐ уште во овие земји. Неопходно е разјаснување и образование. Религијата во која необразовани имами често може да повикуваат на омраза или дискриминација, конечно мора да се соочи со некои прашања.

Реформата мора да потекне од самиот ислам

Германските напори за образување муслимански учители по религија и имами го покажуваат вистинскиотп ат. Од Нигерија неодамна стигна молба за помош при образувањето имами. Но дури откако сигнали (кои во моментов не се видливи) ќе дојдат од големите исламски авторитети, може да се надеваме на долгорочно подобрување на состојбата на христијаните кои денес страдаат на Блискиот Исток, каде се корените на христијанството.

Западниот свет исправно при дијалозите нагласено бара почитување на човековите права и, со тоа поврзано, верска слобода. А, официјалните претставнци на земјите домаќини регистрираат кога член на влада на своите патувања (германската канцеларка на пример често внимава на тоа), и покрај густиот распоред на средби, одвојува еден-два часа за посета на некоја загрозена заедница или претставници на некој црковен ред кои се во опаснсот. Тие таму неретко среќаваат тивки херои на сегашноста. И да, сосема нормалните туристи би можеле тоа да го сторат исто така.