1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогласена вонредна состојба во Шарлот

СН/ртр/дпа/афп22 септември 2016

Протестите во американскиот град Шарлот по смртоносното полициско насилство против еден Афроамериканец ескалираа. Едно лице е потешко повредено. Кој пукал во него сѐ уште е нејасно. Mобилизирана е и Националната гарда.

https://p.dw.com/p/1K6Oi
USA Polizei erschießt Afro-Amerikaner in North Carolina - Proteste
Фотографија: Reuters/J. Miczek

Гувернерот на американската сојузна држава Северна Каролина, Пет Меккрори прогласи вонредна состојба во градот Шарлот. Покрај тоа тој презема мерки за мобилизирање на националната гарда. За американската телевизија Си-Ен-Ен, тој изјави дека полицијата побарала ваква поддршка. Дури се заканува и воведување на полициски час. „Ова исто така е опција“, изјави гувернерот. За такво нешто меѓутоа одлука може да донесе градоначалничката на Шарлот, Џенифер Робертс.

Вчера, веќе втора вечер по ред стотици луѓе излегоа на улиците на Шарлот за да демонстрираат против полициското насилство. Тие се собраа во центарот на градот. Пред еден хотел во текот на протестите дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Специјалните полициски сили употребија солзавец против насобраната толпа. Потоа имаше и истрели од огнено оружје, од кои потешко повреден беше еден од учесниците на протестот.

„Цивили против цивили“

Истрелот кој го повреди демонстрантот не е испукан од страна на полицијата, истакна градската управа во едно соопштение објавено на социјалната мрежа Твитер. Според неа, станувало збор за насилство на „цивили против цивили“. Прво се говореше дека еден демонстрант загинал, но потоа властите ја демантираа ваквата информација.

Протестите во Шарлот беа предизвикани од една полициска акција во вторникот. Полицајците, според медиумски извештаи, биле во потрага по едно осомничено лице. При акцијата на еден паркинг тие запреле 43-годишен Афроамериканец, кој меѓутоа не бил бараното лице.

USA Polizei erschießt Afro-Amerikaner in North Carolina - Proteste
Фотографија: Reuters/J. Miczek

Според полицијата, тој поседувал огнено оружје за кое имал дозвола согласно со локалните закони. Во текот на конфронтацијата полицајците се почувствувале загрозени и отвориле оган кон лицето. Сестрата на убиениот меѓутоа тврди дека нејзиниот брат бил невооружен. Тој во својот автомобил читал книга и ги чекал своите деца.

Полицаецот кој ги испукал смртоносните истрели, и самиот Афроамериканец, според медиумските извештаи, е привремено суспендиран од служба. По ова убиство започнаа протестите во Шарлот. Потоа демонстрантите беа подбуцнати од некои поагресивни учесници на протестите и ситуацијата ескалираше. Најмалку 16 полицајци беа повредени во синоќешните судири во Шарлот.

Во бројни делови на САД во изминатите месеци и години секогаш одново имаше протести против претераното полициско насилство против Афроамериканците. Критичарите ја обвинуваат полицијата за расизам.Во понеделникот беше објавено видео, кое покажува како една полицајка во Оклохома смртоносно застрелува невооружен Афроамериканец.