1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот со ОМО Илинден-Пирин е затворен?

27 јануари 2011

ПС на СЕ наведе девет држави, членки на СЕ, каде е забележано редовно кршење на Конвенцијата за заштита на човековите права. Случајот со ОМО Илинден-Пирин, не се најде на листата на неизвршени пресуди од Бугарија.

https://p.dw.com/p/105mG
Советот на Европа

Во резолуцијата усвоена вчера вечер (26 јануари 2011), изработена врз основа на извештајот на кипарскиот парламентарец Кристос Пургуридес, Парламентарното собрание на Советот на Европа ги нагласува структуралните проблеми во Бугарија, Грција, Италија, Молдавија, Полска, Романија, Русија, Турција и Украина, кои предизвикуваат „крајно загрижувачко доцнење“ во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Главните проблеми се смртните случаи или лошиот третман предизвикани од претставниците на силите на редот, илегалното или крајно долгото лишување од слобода, предолгото траење на судските процедури и неизвршувањето на пресудите.

NO FLASH Europarat Strassburg Gebäude
Фотографија: picture-alliance/landov

Разрешувањето на овие проблеми на национално ниво според ПС на СЕ може да придонесe за намалување на случаите кои доаѓаат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој е затрупан од нови случаи.

Покрај овие девет земји, паневропската асамблеја ги наведува уште и Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија и Србија како земји каде постојат нерешени проблеми околу спроведувањето на пресудите на Судот од Стразбур. „Во ПС на СЕ бараме пресудите на Судот да бидат спроведени брзо, без одлагање и на ефикасен начин. Комитетот на министрите од негова страна спроведува друга процедура, оставајќи им време на земјите да ги спроведат пресудите, со што се губи од ефикасноста на судот“, изјави Кристос Пургуридес.

Проблемот со ОМО Илинден-Пирин

Од неговата листа на „тешки“ случаи забележани во Бугарија „исчезна“ случајот со нерегистрацијата на политичката партија ОМО Илинден-Пирин, која се залага за почитување на непризнатото македонско малцинство во Бугарија. Софија, успеа да го убеди Комитетот на министрите на СЕ – извршниот орган, кој го следи извршувањето на пресудите, да ги затвори како „решени“ сите четири предмети „ОМО Илинден“ и „ОМО Илинден-Пирин“, иако партијата на Македонците во Бугарија се’ уште не е регистрирана.

Mazedonier aus Bulgarien protestieren in Straßburg
Протести во Стразбур за случајот „ОМО Илинден- Пирин“ (архива)Фотографија: DW

Сепак два од предметите се’ уште се водат како нерешени во Стразбур, тие се ставени на дневен ред на Комитетот на министрите закажан за во март, но тие се разгледуваат колективно без дебата и покрај тоа што Комесарот за човекови права Томас Хамарберг под итно побара да се грижат за целосно и ефективно почитување на правата и слободите на македонското малцинство во Бугарија.

Од секретаријатот на ПС на СЕ велат, дека не ставањето на случајот со „ОМО Илинден-Пирин“ во делот посветен на Бугарија се должи најмногу поради фактот, дека ПС на СЕ се занимава само со најтешките случаи, кои се однесуваат на смртни случаи или нечовечки третман и измачување. Тоа е и причината, поради која Македонија исто така не не е ставена на листата.

Усвоени три резолуции за Балканот

ПС на СЕ усвои и три резолуции за „Заштитата на сведоците: камен темелник на правдата и помирувањето на Балканот“, потоа „Обврските на државите членки на Советот на Европа да соработуваат во казнувањето на воените злосторства“ и „Помирувањето и политичкиот дијалог меѓу земјите од поранешна Југославија.“ Парламентарците од 47 земји членки на Советот на Европа во резолуциите побараа ефективна заштита на сведоците, за да можат да сведочат без да стравуваат за нивниот живот и за безбедноста на нивните семејства. Исто како и фактот дека откривањето на идентитетот на анонимните сведоци, кои Меѓународниот суд им го открива на адвокатите на одбраната еден месец пред судењето не е во интерес на правдата.

ПС на СЕ во однос на последната пресуда против Белгија и Грција за непочитувањето на правата на барателите на азил во ЕУ, побара од државите членки да ги променат и подобрат процедурите за азил за да се избегнат вакви нови случаи.

Премиерот на Албанија Сали Бериша, кој инаку денеска требаше да говори во ПС на СЕ, поради кризната ситуација во неговата земја, потврдуваат од Советот на Европа, го откажа патувањето во Стразбур.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска