1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пријателски Фашизам

19 октомври 2017

Кој е мотивот поради кој не само водството на СДСМ туку и нивните гласачи (славните шаренаши и совесни граѓани) се решија да го спасат албанскиот дел од “пријателскиот фашизам” исткаен во партијата на Али Ахмети?

https://p.dw.com/p/2mBFS
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во доблесниот нов свет на строго контролирана демократија, опозицијата може да биде елиминирана дури и пред да започне изборната кампања, и тоа преку застрашување и одбивање на перспективни кандидати преку тенки изговори дека не можат да бидат регистрирани. Тоа резултира во замор на гласачкото тело и недостаток на доверба во севкупниот гласачки процес како и пад на излезноста, што овозможува лесна манипулација на изборниот процес. Сето тоа води кон извесен степен на безнадежност и дава причина да се запрашаме дали воопшто има некоја вредност во вршење мониторинг во земјите каде тоа се случува.
Тоа би бил најпрецизниот опис на пред-изборна и пост-изборна Македонија. Описот не е мој, туку од, нели, неприкосновено кредибилен избор како што е ликот и перото на Шефицата на Набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Македонија, дамата Одри Гловер. Додуша, описот парафразиран во воведниот пасус, датира од 2011 година во излагањето на дамата Гловер за изборните поуки извлечени од нејзините мисионерски согледувања на изборите во Азербејџан и пошироко. Леснотијата во давањето на таквата прецизна оценка секако се должи на фактот што предмет на бруталната опсервација беа режимите наклонети кон Путин и неговите методи за сакатење на опозицијата. Прашање без многу прашалници е дали дама Гловер ќе има храброст истото да го каже за изборите во кои путинистичките методи на черечење и ништење на опозицијата се според истиот модел, но сега диктиран од амбасадорот Бејли? Не се смејте, де, озбилно прашувам.

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Браво мајстори!?
И сериозно најавувам дека одоговорот е не. Оценката на ОБСЕ и меѓународната заедница секако ќе биде "браво мајстори” со тук-таму про-форма забелешки за „нужноста за санирање на одредени недостатоци и пропусти”. Онака како што истите „кредибилно релевантни фактори” заклучуваа со години по ред за изборните и ини крш-процеси за време на владеењето на Груевски и Ахмети како „нужни зла” според кантарот на ново-венецијанските трговци со балкански диви меса. Елем, нивната оценка за кредибилноста на изборите е најдоверливата причина за сомнеж во веродостојноста и демократичноста на истите. Наместо залудно бркање низ формуларите, графиконите и статистиките спремени од членовите на Пактот за Неказнивост СДСМ-ВМРО-ДУИ, причината за сомнежот во демократичноста извира од еластичноста на приодот на меѓународната заедница кон демократијата во регионот и давањето предимство кон нивниот политичко-стабилизаторски интерес наместо реалната демократско-претставничката нужда на овдешното општество.

Сѐ на сѐ, веќе виден филм во кој стравот од бивањето обвинет за параноичност, злонамерност или пизматичност не спречува да го ставиме црно на бело она што разгракано го зборуваме по кафеани – овие избори смрдат на нечистотија до седмо небо! Ќе треба да поминат година-две (како со претходните избори) да она што може да се види со голо око стигне до нервните центри на затупеното граѓанство и се пробијат низ оркестрираната машинерија на платени нарикачи на победата на „реформите и демократијата”. Повторно во склад со традицијата, колку погласни нарикачите, толку погласна изборна манипулација.
Веќе виден филм на Станиславски, во кој повторно пушката обесена на ѕид ќе запука во претпоследниот чин. Сценариото е исто, играчите безмалку исти, исти се и очекувањата дека следи поинакво финале од изгледаните репризи. Со сосема мала разлика на психолошки третман на населението во сервирање на иста сплачина со различни зачини. Во основа станува збор за продолжување на фашизацијата на општеството, но за разлика од непријателскиот фашизам на Груевски и Ахмети, сега на сцена имаме промоција на концептот Заев-Ахмети на "пријателски фашизам”, измислен од Бертрам Грос како локална експозитура на корпоративниот полит-партизам на пост-идеолошката сцена. Дотолку повеќе што клучното прашање за овие избори е идентично со сржта на дилемата која ја поставува Грос во својата книга објавена пред три децении – „дали вашите согледувања коинцидираат со оние на главните, долгорочни, силно финансирани пропагандни кампањи кои целат да ги инсталираат нивните ставови во вашите глави? Доколку да, нели е предострожно да добро промислите таквите видувања?”. Во тоа прашање се крие предупредувањето за политичката манипулација (таксативно нотирана од дамата Гловер) која триумфира со изборна измама (која ја чувствуваме длабоко во себе).

Крах на западната идеолошка компетитивност

Каков и да е, непријателски или пријателски, фашизмот е фашизам и неговата природа неминовно води кон ист и идентичен исход – конфликт помеѓу оние кои профитираат од него и оние кои не сакаат да мозокот им биде сведен на тесто за месење. Впрочем, не бркајте премногу по терминолошки речници туку погледајте ја реалноста пред себе и сопствената доброволна замешателност. Кој е мотивот поради кој не само водството на СДСМ туку и нивните гласачи (славните шаренаши и совесни граѓани) се решија да го спасат албанскиот дел од "пријателскиот фашизам” исткаен во партијата на Али Ахмети? Визијата за граѓанска Македонија? За солвеџо-соживотот на Зоран Заев? За евро-западните вредности? Море, за борба против корупцијата и криминалот? Или за цементирање на петоколонашката структура на ДУИ и братијата албанофонски младиќи, цивили и системски Албанци изродени од недрите на секогаш активните служби?  Преферабилниот однос за фаворизирање на најкорумпираните, најкриминогените, најдоушничките структури на Албанците (на сметка на вистинската и автентична опозиција кај Албанците) е не само назнака за конфликтот кој ќе уследи, не само навестување за праксата која ќе следува и во интра-македонскиот кампус, туку и финално признание на поразот на Вашингтон, Берлин и Брисел во почитување и промовирање на демократијата и претставителноста како општествен инструмент за казнување на неказнивоста. Сублимирано, крах на западната идеолошка компетитивност како диференцијален квалитет на натпревар со истокот. И тоа е пораката од скиснатиот молк кој доаѓа од нивните центри и овдешните амбасади. Нивниот молк или суви пост-изборни пораки најгласно и највпечатливо ја разоткрива сопствената свест за есенцијалната природа на пријателскиот фашизам на Заев и македонската политика воопшто како еволутивна надградба на непријателскиот фашизам на Груевски. И Али Ахмети, среде нив, како Маршал Петен!

Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Убава теорија

Во неколку наврати се поставуваше прашањето каква е таа демократичност, каков е тој концепт на сожителство, какви се тие инструменти на санкции во кои компаративна мерка е партијата на Никола Груевски? Изборите сами, како и пост-изборието го дадоа одговорот. На локално ниво резултанта на таквата спореденост е кога имате сѐ што го красеше Груевски, но без него како Педро. Но таа споредба има и поширока карактеристика, како составна единка на крахот на западната  "trickle down” теорија според која "фаворизирањето на богатите и моќните е најлесниот, најфункционалниот начин за помагање на најсиромашните како резултат на збогатување на најбогатите”. Во основа, станува збор за теорија во која е замислено дека што побогати тајкуните, тоа повеќе ќе инвестираат, тоа повеќе ќе вработуваат, тоа поголем економскиот раст. Убава теорија, нели. Преубава, прекрасна и тотално лажна измислица на оние со доволно пари да платат пропагандни машинерии за камуфлирање на своето профитерство. Но иако измислена од страна на корумпираната академија на економијата во полза на нивните тајкунски шефови, таа теорија со тек на времето се има префрлено и врз описот на политичкото кастинство, културата, уметноста итн. За да со времето добие сосема спротивна улога од замислената – наместо опис на прелевање на богатството од врвот на социјалната аристократија кон дното на општествената беда, кризата и немоќта на современиот запад доведе до тоа да истата теорија денес се користи како описна вертикала за тоа дека сепак рибата навистина смрди од главата и шири трулеж кон дното. Апстрактната теорија на наглавечки свртената идеа на trickle-down денес е движечката сила на анти-елитистичкиот дух на протест насекаде низ Западот. А со оглед на тоа какви риби ни имаат сервирано во име на "реформите, демократијата и соживотот”, нема да помине предолго време пред отровно да ни засмрдат под нос новите "демократски” сомови од мочуриштето на Бејли.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи