1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Природните катастрофи и битка против сиромаштија

29 ноември 2007

Како во иднина подобро да се одвива помошта по катастрофи и развојната помош за земјите од таканаречениот „трет свет„ кој најчесто е и погоден од природни непогоди?

https://p.dw.com/p/CE50
СушаФотографија: AP

Се зголемува бројот екстремни природни феномени кои во земјите во развој најчесто се претвораат во катастрофи. Жестоки урагани, суши и заканувачки поплави. Сето тоа ги става владите и хуманитарните организации пред огромни проблеми, зашто погодените држави најчесто бараат финансиска помош.

Јирген Кроп од институтот за истражување на климата во Потсдам смета дека промената на климата не може да се запре и тоа за земјите од Југот е посебно драматично: „Сознанијата во врска со таквите настани, пред се во регионите каде што владее сиромаштија, секако се потребни. Таму, на самото место, треба да сме подготвени и да внимаваме за да можеме да се соочиме со ризиците„.

Интензивното соочување со климатските промени, вели Бернд Борнхорст од хуманитарната организација „Мизериор„, ја засили свеста за одговорноста на Северот во однос на Југот:

„Ако на пример, живеете во приморските подрачја на Перу, вие сте зависни од тоа водата да ви доаѓа од високите Анди. Притоа, не е прашањето дали се топат глечерите па нема да можете да скијате, туку дали ќе имате вода или ќе останете на суво„.

Се повеќе средства се трошат за совлaдување на последиците од катастрофи, место тие да се користат за нивна превенција. На пример, во Никарагва каде што еден ураган предизвика врнежи од 50 дена и ја уништи скоро целата жетва. Само за помош беа потрошени 400 милиони евра.

Хендрик Хемпел кој ја координира помошта на организацијата „Тер д’ Ом„ зборуваше за пример од Индија каде што секоја година има големи поплави од кои бегаат околу 20 милиони луѓе. Неговата организација помага 32 заедници во сојзуната држава Бихар: „Овие заедници добиваат чамци, најдовме места сигурни од поплави и ги опремивме со привремени сместувалишта, вода за пиење и со резерви храна„.

Во меѓувреме, се успеа владите и партнерите на самите места да се сензибилизараат за тоа дека први што треба да добијат помош се децата, старците, бремените и хендикепираните. Оттаму и парите што се инвестираат одат во вистинската насока.

Сиромаштијата, населувањето на загрозени подрачја, недостиг на комуникации, политички нестабилни односи, сето тоа се проблеми во некои земји. Констатацијата на експертите на средбата во Бон гласеше: Оној што долгорочно сака да помогне, тоа најдобро ќе го направи ако помага пред да се случат катастрофите.