1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прием, распит, депортација!

Бен Најт/б.г.2 септември 2015

Во Баварија е отворен првиот центар за прием и експресна депортација на мигрантите од Балканот. Организациите за заштита на човековите права и локалците, не се многу среќни со потегот.

https://p.dw.com/p/1GPuL
Фотографија: DW/B. Knight

Немаше ни црвена лента, ниту ножици - веројатно се немало време. Баварската влада набрзина ги реализираше плановите за забрзана депортација на барателите на азил од Балканот, а во вторникот министерката за социјала Емилија Милер дојде во Маншинг, во близина на Инголштат, за да го отвори првиот приемен центар во кој ќе се сместуваат лицата кои потекнуваат од земјите со т.н. сигурно потекло.

Бараките во касарната „Макс Имелман“ ќе ги примат луѓето „кои немаат никакви шанси да останат“, како што се наведува во соопштението од министерството. Со други зборови, тоа значи мигранти од: БиХ, Србија, Македонија, кои веќе се на листата на сигурни земји, како и Косово, Црна Гора и Албанија, земји за кои се очекува набрзо да бидат ставени на листата.

Околу 250 баратели на азил веќе живеат во поранешната воена касарна, а во следните денови се очекуваат уште 250. Ова е првиот од трите вакви центри кои се планираат во регионот, и вкупно ќе можат да примат 1.500 мигранти.

Под ист покрив

Засега сѐ се одвива според планот на министерството. Регистрацијата, земањето отпечатоци од прсти, медицинските прегледи и сослушувањата на азилантите - сите ќе се изведуваат на лице место во рок од 4 до 6 недели. Дополнително, и депортациите ќе се одвиваат од блискиот воен аеродром во Инголштат.

Deutschland, Ingolstadt Emilia Müller begrüßt Reporter
Министерката Емилија МилерФотографија: DW/B. Knight

Додека репортерите под придружба шетаа низ ходниците и во објектите (љубезно одбивани да прошетаат сами и да се среќаваат со барателите на азил), административците веќе седеа пред нивните свежо инсталирани компјутери, подготвени да ги слушнат првите барања за азил.

„Доколку се дојдени од економски причини, тогаш сослушувањата одат брзо - околу еден час“, вели Карста Милер, службеник кој се сместува во новата канцеларија. „Доколку се работи за политички прогон, тогаш може да потрае и до 4 или 5 часа“.

Но, имајќи предвид дека поентата на самиот центар е во него да пристигнуваат економски мигранти кои претходно веќе биле „исфилтрирани“ поради националната припадност, Карста Милер признава дека очекува само кратки сослушувања - над 99 проценти од балканските мигранти се одбиваат. „Албанците, на пример, се многу искрени - тие велат дека се тука затоа што бараат работа или студии“.

Не им е тука местото!

Локалните жители засега се воздржани. За време на нашата прошетка немаше никакви протести ниту знаци на можно насилство, какво што приредуваат неонацистите во близина на прифатилиштето во Хајденау, но две постари лица се појавија пред портите за да видат што се случува. „Сите тие се предавници. Ниту грам национална гордост“, ми вели Хеншинг. „Се боревме за оваа касарна во 70-те години, војниците со задоволство престојуваа тука. И што прават сега? Ни ги носат овие проклети луѓе овде!“

Deutschland, Ingolstadt Ehemalige Bundeswehrkaserne
Карста МилерФотографија: DW/B. Knight

Инголштат е на само 20 километри северно од Рајхертсхофен, каде имаше бројни напади врз азилантскиот центар. Градоначалникот на Манхинг се надева дека такво нешто нема да се случи и во неговото село. „Можам само да се надевам дека нема да се случи. Мислам дека луѓето кои страдале и доживеале драматични настани добиваат голема поддршка од населението - но другите не. Да бидеме искрени: не можеме да се преправаме дека сите се среќни поради нивното доаѓање“.

Балканот како покритие?

Желбата на Баварија што побрзо да се ослободи од овие луѓе е предмет на критики меѓу организациите кои поддржуваат азил, и кои ја отфрлаат дефиницијата на „сигурни“ земји. Бројни извештаи покажуваат дека Ромите во регионот се жртви на систематско расистичко малтретирање и социјален прогон. Притоа, организациите како Про-Азил и Баварскиот совет за бегалци тврдат дека балканските мигранти воопшто и не претставуваат проблем. Во понеделникот Про-Азил објави податоци кои, според нив, покажуваат дека „бројот на бегалци од Косово, Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина е далеку помал од она што јавно се инсинуира“.

„Дебатата за земјите со сигурно потекло служи само за одвраќање на вниманието од вистинскиот предизвик. Стотици илјади бегалци треба да се примат во Европа и трајно да се интегрираат“, вели Гинтер Буркхард од Про-Азил.