1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пржино „на систематски преглед“ во Мадрид?

Катерина Блажевска21 октомври 2015

Напорите за одржување на Договорот во живот нема да запрат, а неформално ќе продолжат и во Мадрид на средбата на европски лидери од десните партии, на која ќе присуствува и Груевски, велат дипломати

https://p.dw.com/p/1GrJa
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Истече рокот за формирање преодна влада во т.н. транзициски период. До 20 октомври, кој беше краен рок според четирипартитниот Договор, не беа избрани министри за внатрешни работи и за труд и социјала на предлог од СДСМ, нивни заменици од ВМРО ДПМНЕ, како и заменици предложени од СДСМ за ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество. Имињата на кандидатите воопшто не стигнаа на дневен ред, бидејќи Работната група не постигна договор за усогласување на Законот за влада.

ВМРО - ДПМНЕ се залагала за ограничени овластувања на министрите предложени од СДСМ, односно да имаат право на свои соработници, но не и да менуваат раководители во министерството. Според СДСМ, министрите треба да имаат целосни ингеренции, а замениците право на вето само за активности поврзани со изборите. Покрај тоа што не е формирана преодна влада, не се влезени во собраниска процедура ни измените на изборната регулатива, а не е избран ни комплетниот тим предложен од специјалната обвинителка Катица Јанева, за што согласност дадоа четирите партии. Неизвесно е дали тоа ќе биде направено денеска.

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Се очекува изјава од Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

Што понатаму?

Вчера на дневен ред на Работна група, требаше да бидат две теми: Законот за влада и формирањето собраниска Анкетна комисија за содржината на прислушуваните разговори. Законот за забрана за објавување на „бомбите“, кои ги минираше разговорите еден ноќ претходно, според дипломатите, воопшто не е итен. Но, тоа не е единственото укажување. Европскиот посредник, Питер Ванхауте, во однос на тој закон го потенцираше, пред се, почитувањето на европските стандарди.
„Не е прашањето само да се договориме, туку треба да биде во иста линија и со меѓународните и европските стандарди исто така. Ова е најважно моментално. Ако некогаш имате амбиции да станете членки на ЕУ, треба законодавството да биде во иста линија со европските стандарди“, рече Ванхауте.

Што понатаму? Опозицијата најави дека Договорот ќе се смета за пропаднат ако не биде испочитуван рокот, по што „сите опции ќе бидат отворени“. Но, сосема извесно е дека денеска ниту една партија нема да повлече конкретен потег. Надежите и натаму се вперени во меѓународните гаранти на Договорот, од кои се очекува да помогнат во надминување на проблемите и во одржувањето на евроатлантскиот курс на земјата, бидејќи во спротивно Македонија ќе заглави во ќорсокак. Неофицијално, денеска се очекува изјава од Питер Ванхауте, кој треба да соопшти дали и како може да продолжат преговорите.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Тимот на Специјалната обвинителка Јанев уште не е избранФотографија: DW/P. Stojanovski

Именување на опструкторите

Но, дипломатски извори не исклучуваат „за неколку дена или порано“ со свој став да се огласи и Европската Комисија. Според нив, ако не се покаже лидерство, сериозност и одговорност за излез од кризата, опструкторите на Договорот од Пржино „би требало да бидат именувани со име и презиме, а не се исклучени и некои одлуки“. Не прецизираат какви.

Но, намерата е да не дојде до тоа. За таа цел, нема да запрат дипломатските напори за да се одржи Договорот во живот. Се очекува дел од нив да бидат активирани и во Мадрид, каде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе присуствува на средба со европски лидери од десните партии. Во Мадрид ќе биде и германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, премиери на повеќе европски зејми и високи политички претставници на европската десница. Токму со присуството на оваа средба, владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве ги демантираше информациите објавени во некои домашни медиуми, дека се подготвува изолација на Груевски, односно дека „две релевантни европски амбасади им се заканиле на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои учествуваат во преговорите, дека ако Договорот од Пржино не се примени, на седум претставници на тесното раководството на партијата ќе им се забрани влез во нивните земји“.

Она што засега никој не може да го демантира, е фактот дека реформите доцнат, дека ништо не е направено за обврските што произлегуваат од поглавјата 23 и 24, а наскоро треба да биде објавен Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.