1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изолиран инцидент или политички пораки во чаури?

15 ноември 2016

Истрагата, но и настаните во наредните денови ќе покажат дали синоќешниот инцидент во Скопје е изолиран случај, или постои намера да се загрози одржувањето на изборите преку нарушување на безбедноста, укажуваат експерти

https://p.dw.com/p/2SiAb
Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Индивидуална пресметка, јавна обзнана дека и подземјето има свои „кандидатски листи“, или чисти политички пораки испратени во чаури? Одговорот на ова прашање што поскоро треба да го даде истрагата, по синоќешната бурна ноќ на скопските улици, кога пред полноќ по бркотница од страна на непознато лице/лица и по тешки повреди кои му биле предизвикани од огнено оружје, 45-годишниот скопјанец Даниел Трајковски бил хоспитализиран и опериран на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје.  

Полицијата се уште официјално нема дадено информација за инцидентот, а идентитетот на повредениот првично е посочен од очевидци на настанот. Веста за овој инцидент експресно се прошири низ Скопје, пред се, поради сомнежот дека станува збор занастан од „повисок политички профил“, кој нема да остане само штуро забележан во полицискиот билтен. Таквите сомнежи се темелат на настан од 17 април годинава, кога во тепачка во угостителски објект пред ТЦ „Буњаковец“ во кое учествувале тројца идентификувани и неколку други непознати лица, едно лице со остар предмет било прободено во главата, при што му бил пробиен черепот. Идентитетот на повредениот не беше обелоденет, но брзо се рашири веста дека зад иницијалите Г.К. (41) се крие главниот бодигард на поранешниот началник на УБК, Сашо Мијалков, и дека во нападот, наводно, бил инволвиран некој од „близнаците од Ѓорче“ (Ѓорче Петров -н.з)“, тривијално име со кое ги ословуваат Даниел Трајковски и неговиот брат Дејан. Тогаш се ширеа шпекулации дека преку поврдениот всушност бил испратен „поздрав до газдата“, со што на пресметката и беше дадена политичка боја.

Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums
МВР треба да даде повеќе одговориФотографија: DW/P. Stojanovski

Компромитирање на безбедноста

Дали синоќешниот инцидент е чин на одмазда, инцидент неповрзан со претходниот или најава за многу поголема пресметка која повеќе ќе се одвива на „неформален мегдан“ отколку пред гласачките кутии?

„Наредните денови ќе бидат најголем индикатор за што станува збор“, вели пензиониран криминолог.

„Во недостиг на официјални информации тешко е да се даде квалификатив за мотивите и затоа сега е клучно да има брза и ефикасна истрага на надлежните органи. Но, со оглед на чувстителниот момент во кој се наоѓа земјата, главен индикатор во една поглобална смисла, ќе бидат и наредните денови. Ако вакви инциденти продолжат, тие ќе бидат прв сигнал дека не станува збор само за изолиран случај туку за растечки тренд, кој можеби има цел да нанесе тешка компромитација на општата безбедност“, вели соговорникот.

Тој вели дека делумно такви индиции има и во синоќешниот инцидент, со оглед дека сторителот или сторителите нападот не го извршиле, условно речено, на некоја периферија, туку во многу фреквентно градско подрачје, што првично индицира дека сакале чинот да биде „и виден, и чуен“.       

„Фреквентни простори се користат кога пресметката има 'повисока цел' - да се испрати порака не само до засегнатиот, туку и до одреден центар на моќ или до поголема општествена група -за да се заплашат и да им се испрати порака дека никој не е безбеден. Ако се има предвид дека само неколку дена остануваат до почетокот на изборната кампања, вакви настани може драматично негативно да влијаат на тој процес. Затоа, пред се истрагата, но и настаните во наредниот период ќе дадат јасен одговор дали е ова изолиран случај, или дел од евентуална поширока стратегија со која некој сака да го загрози или да го спречи одржувањето на изборите, преку нарушување на јавната безбедност“, оценува криминологот.    

Политички или бизнис мотиви?

МВР денеска треба да даде повеќе информации за она што се случи ноќеска пред полноќ на крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Париска“, каде се преврте автомобилот марка „Голф 5“ управуван од Трајковски, по големата бркотница од други возила што и’ претходела на сообраќајката. Бркотницата била забележана од очевидци најпрво кај бензинската станица „Макпетрол“ во населбата Карпош 3, кога врз возилото на Трајковски било пукано од возило во движење. Пукањето наводно продолжило и од второ возило, па се претпоставува дека откако Трајковски бил ранет, целосно ја изгубил контролата врз автомобилот и удирил во бетонска жардиниера на булеварот „Партизански одреди“, по што возилото се превртело неколку пати. Напаѓачот е во бегство. Според болнички извори, Трајковски бил погоден со четири куршуми - во слезината, градите и во вратот, а по хируршката интервенција бил во свесна состојба.

Даниел Трајковски и досега во МВР пријавувал обид за напад врз него, а при последната пријава лани, сведочел дека бил пресретнат од црн автомобил марка „Пасат“, од каде сакале да пукаат на него. Браќата Трајковски беа мета на напад и во октомври 2012 година, кога во дворот на нивниот семеен дом била фрлена бомба „кашикара“.

Провладини медиуми во август годинава пишуваа дека Даниел Трајковски наводно ги рекетирал и им се заканувал на бизнисменот Орце Камчев и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Истите медиуми шпекулираа дека браќата се блиски до раководството на СДСМ, но и дека заканувачките пораки можеби се поврзани со интересите на сопственик на една шпедитерска компанија, која во бизнисот претрпела големи штети предизвикани од високи функционери на власта.