1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Препораката хибернира, меѓупартиската реторика кулминира

Катерина Блажевска10 ноември 2015

Политичките опоненти со меѓусебни обвинувања и различни рецензии го дочекаа Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

https://p.dw.com/p/1H3Ym
Фотографија: picture-alliance/ dpa

На пролет, во Извештај за напредокот, Европската комисија ќе реши дали ќе ја повтори препораката на Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Тоа ќе зависи од спроведувањето на Договорот од Пржино, од итните реформски приоритети и од кредибилноста на изборите. И покрај ваквиот очекуван епилог и сознанието дека „не е се изгубено“, се вжештија обвинувањата меѓу домашните политичките опоненти, кои со различни рецензии го дочекаа Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

ДПМНЕ: Поразена деструктивноста на СДСМ

Владејачката ВМРО- ДПМНЕ оцени дека денешниот извештај на ЕК е тежок пораз за деструктивната политика на СДСМ и потврда за капацитетот на Република Македонија да биде не само кандидат, туку земја која може да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ.

„Но, за жал, Европскиот совет не веруваме дека во овој момент има капацитет да постигне едногласност за оваа препорака да ја преточи во одлука за почеток на преговори“, рече членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Rumänien EU Beitritt Bukarest Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Македонија продолжува напред и покрај сите обиди на СДСМ да ја втурне во политичка криза што ја креираа пред 9 месеци господинот Зоран Заев и неговата колешка Шекеринска. Со извештајот стана јасно дека сите напори што ги вложи Владата, сите реформи за приближување кон ЕУ се препознаени од страна на ЕК. Овие оценки беа доволни за ЕК да заклучи дека Македонија заслужува да ја задржи препораката која што за првпат ја добивме во 2009 година“, рече Милошоски. Тој потенцира дека деструктивноста на социјалдемократите, сепак, не останала без последици.

„Кога во извештајот ќе се прочита дека бојкотот на Собранието сериозно влијаеше врз контролната функција на законодавната над извршната власт, станува повеќе од јасно дека СДСМ и пред изборите во 2014 година, а и по изборите веќе имал јасно скроен план за тоа како ќе настапува и која била целта на бојкотот - да се предизвика политичка криза, надевајќи се дека Заев и Шекеринска ќе успеат Македонија да ја остават без препорака во овој извештај... Кога станува збор за забелешките за корупцијата евидентно е дека нема поголем тандем за корупција во Република Македонија од двоецот Заев и Шекеринска“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со прогноза дека наметнатата криза ќе заврши на 24 април кога ќе се одржат избори и граѓаните најмеродавно ќе го дадат својот извештај за политиките во Македонија.

СДСМ: Ја спасивме препораката!

Од кампусот на опозицијата изразија задоволство што е спасена препораката.

„Среќни сме што со многу напори, со искрена посветеност кон интересите на граѓаните и Македонија успејавме да ја спасиме препораката на Европската Комисија за Македонија“, рече заменик-претседателката на опозицискиот СДСМ, Радмила Шекеринска.

„По 10 години од добиениот кандидатски статус, за жал, препораката е условена и тоа е дело на несериозната актуелна власт. Она што е добро за граѓаните, е што 'Вистината за Македонија' одекна и во Брисел. Високи претставници на Владата ја злоупотребиле својата моќ во сите сфери - судството, медиумите, изборниот процес, регулаторните тела. Има селективна правда, широко распространета корупција, закани врз новинари, сериозна загриженост за уредувачката политика на јавниот сервис МТВ. Затоа, реализацијата на Договорот од Пржино повеќе не е очекување само на граѓаните на Македонија, туку услов. Брисел денеска порача дека Европа сака Македонија со европски вредности. ВМРО-ДПМНЕ не сака таква Македонија“, рече Шекеринска.

Mazedonien Krisengespräch in Skopje
Фотографија: MIA

Претходно, во партиско соопштение СДСМ потсети дека препораката од ЕУ за почеток на преговори е условена поради тоа што Брисел повеќе не му верува на Груевски.

„Ова е директна порака до Груевски и неговата власт, дека не смее да се дрзне да не го почитува договореното или да помисли на криминален, корупциски, насилен изборен процес“, порачаа социјалдемократите.

ДУИ: Објективен документ

И Демократската унија за интеграција го поздрави Извештајот за напредокот на Македонија во 2015 година, како многу важен документ во процесот на интеграција, воспоставување на демократски вредности и напредок на земјата.

„Извештајот е објективен документ, кој ќе служи за спроведување на понатамошни реформи во процесот на европска интеграција. Од особена важност за иднината на земјата е подготвеноста на ЕК да ја повтори својата препорака за отворање на пристапните преговори со Република Македонија. Оваа препорака подразбира продолжување на имплементацијата на политичкиот договор и значителен напредок во спроведувањето на приоритетните и итни реформи. Исто така, во наредниот период посебно внимание ќе се посвети на подобрување на меѓуетничките односи, вклучувајќи ја и анализа на спроведувањето на Охридскиот договор. Добрососедските односи треба постојано да се промовират, што подразбира и решавање на отворените билатерални прашања, а особено треба да се истакне важноста на решавањето на спорот за името“, соопшти ДУИ и апелира до сите релевантни чинители во земјата целосно да се фокусираат на спроведување на евроатлантската интеграција, како единствена алтернатива за мирна, стабилна и просперитетна иднина за доброто на сите граѓани.

Одреден напредок

Извештајот на Европската комисија попладнево во ЕУ- Инфо центарот во Скопје го презентираше и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.
Како што наведе амбасадорот, клучни прашања за земјата се итните реформски приоритети, борбата против корупција, деполитизација на судскиот систем, справување со уназадувањето на полето на слобода на изразување и завршување на ревизијата на Рамковниот договор. Тој како позитивни чекори ги оцени враќањето на опозицијата во парламентот, како и изборот на специјалната јавна обвинителка, но посочи дека се уште остануваат отворени многу прашања од Договорот од Пржино. Орав ќе им го предаде извештајот за напредокот на Република Македонија на шефот на државата, на премиерот и на претседателот на Собранието.

Gebäude der EU-Kommission in Brüssel!
Фотографија: picture alliance / Arco Images GmbH

Оценките за напредокот на Македонија се изразени со пет описни оценки: уназадување, нема напредок, одреден напредок, добар напредок и многу добар напредок. Од 33 поглавја, Македонија за 28 добила оценка за „одреден напредок “, за три поглавја оценка за „добар напредок “, а за две дека „нема напредок“.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, кој во Европскиот парламент ги слушна клучните точки од извештајот на ЕК, за МИА изјави:

„Најзначаен момент во однос на Република Македонија, е тоа што Комисијата ја задржува својата препорака дека е неопходно да започнат преговори за членство на Македонија во ЕУ. Тоа е за нас силен мотив да продолжиме со сите оние ангажмани и во делот на политичкиот дијалог и во делот на реформите.“