1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Предизборна кампања: Политичарите го возвраќаат ударот

22 септември 2017

Многу политичари во Германија добиваат закани и навреди на интернет, како на пример Озџан Мутлу од Зелените. Особено за време на предизборната кампања комуникацијата на социјалните мрежи како Фејсбук е многу тешка.

https://p.dw.com/p/2hIwY
Symbolbild Tastatur Internet
Фотографија: picture-alliance/dpa/Hildenbrand

„Возвраќаме брзо со уште еден бумеранг“, вели пратеникот од Зелените Озџан Мутлу. Неговиот изборен тим се мести како група, еден го притиска копчето за снимање на неговиот смартфон и на социјалните мрежи се објавува гиф на кој во ист такт групата им мавта на сите кои го гледаат. Ова видео веднаш се проследува на официјалниот Твитер профил на политичарот кој се бори за реизбор во германскиот парламент. Мутлу е еден од поактивните политичари на социјалните мрежи, а и воопшто. Во едно саботно попладне тој се вози со велосипед низ Берлин на настан во елитна населба во која живее елитата на берлинската дигитална економија, па продолжува во друга населба која важи за проблематична и во која живеат голем број мигранти, каде се одржува настан против насилството. Неговите гласачи очекуваат од него да коментира на Твитер или Фејсбук за „горливи“ теми. Но, често ова предизвикува и лоши коментари и реакции.

Пораки полни омраза и од Германци и од Турци

Мутлу добива пораки со омраза и навреди и од Германци со турско потекло, од припадници на неонацистички групи, но и од турски националисти. Притоа не се работи само за коментари со говор на омраза, туку некогаш има и закани за убиство. Пораките се движат од „Ти поган доселенику“, до повици за „гасни комори“. „Редовно ги пријавувам ваквите закани кај надлежните органи“, вели Мутлу. Но, досега безуспешно. Над 40 пријави во Јавното обвинителство завршуваат со пресуда дека се работи за слобода на говор и мислење. Мутлу е лут. Имало случаи во кои „лицата беа повикани во полиција поради напишан коментар со омраза да ми се извинат“, по што од мене се бара „некому да му простам за тоа, што е апсурд!". Пратеникот е особено вознемирен од коментари од кои јасно произлегува „дека тие доаѓаат во ваша непосредна близина, и може да биде некој со кој се среќавате на улица“.

Özcan Mutlu - Cyberhass gegen Politiker
Омраза и закани: Политичарот Мутлу редовно поднесува пријавиФотографија: DW/F. Hofmann

Нема отпор против Законот за бришење податоци

Неговата колешка од редовите на Зелените, Ренате Кинаст еднаш ја сврте играта и отиде лично дома да го посети тој што испратил заканувачка порака. За некои тоа беше смешно. Притоа ова не помогна многу. Пораки со закани добиваат политичари од сите партии во парламентот. Не е чудо што во јули на последната седница на парламентот пред изборите и немаше отпор за новиот закон за подобрување на спроведувањето правни мерки на социјалните мрежи. Зелените го одбија до детал. Но, многумина бараат регулација.

Загрозена слобода на говор

Токму тоа е проблематично, смета Нико Хартинг: „Слободата на говор во Германија има слабо лоби“, вели овој реномиран адвокат од Берлин чија специјалност е интернет-сферата. „Сите гледаат само што треба да биде забрането“, што сѐ не се сака да се слушне. Пред сѐ во политиката има онакви кои веруваат „дека слободата на мислење на мнозинството мора да биде заштитена од сѐ погласното малцинство, чии изјави се ретки. Тоа е опасен погрешен пат". Хартинг има разбирање и за Фејсбук. Концернот во Берлин има сопствен Центар за бришење податоци, во кој досега им овозможила пристап само на мал број новинари. Оној кој сака да истражува во овој центар не треба премногу да се надева – и покрај интензивната дебата во Германија. Адвокатот Хартинг бил таму: „Она што може таму да се види, не причинува голема радост“, вели тој претпазливо.

Hashtag #Hate
Фотографија: DW

Насилство и порнографија

Таму претежно се бришат сцени полни со насилство или порнографија. Патот е тежок: на крајот една приватна фирма одлучува што е дозволено, а што не. Затоа Хартинг е против новиот Закон за бришење податоци. Што е со оние кои „се блокирани на Фејсбук затоа што споделиле нешто со сатирична содржина, а некој вработен во Фејсбук тоа го разбрал погрешно?“ Тие немаат право на жалба. Овој адвокат специјализиран за интернет-сферата, затоа смета дека тоа е пред сѐ обврска на Јавното обвинтелство. Таму мора да се основаат специјални одделенија со експерти кои ја познаваат проблематиката.

Со ова се согласува и пратеникот од Зелените, Мутлу. Сепак тој смета дека дел од одговорноста има и компанијата Фејсбук: „Фејсбук има алгоритми со кои ги блокира содржините, веднаш штом ќе бидат објавени, ако на нив на пример, има голо тело. Ако сака, Фејсбук може да изготви алгоритам за евиденција на кривични дела, но компанијата не го прави тоа.“